Германија стана понормална
24 ноември 2017Каков удар на гром! Прелиминарните преговори за формирање владина коалиција пропаднаа! Државна криза во Германија! Европскиот џин останува без водач! А потоа следуваше пресметка. ФДП никогаш не ни сакаше да преземе владина одговорност. Зелените, алчни за власт, само се преправаа дека можат да го свиткуваат ‘рбетот до своја целосна непрепознатливост. Канцеларката не беше способна да ги води работите. ЦСУ беше преокупирана со сопствени внтарепартиски проблеми, нејзиниот шеф првенствено беше зафатен со спасувањето на својата политичка кожа. И т.н.
Небаре Земјата престана да се движи
Притоа се случи само она, што со оглед на составот на коалицијата, мораше и да се очекува. Едноставно, постојат теми за кои ставовите на споменатите партии се разликуваат како небото и земјата. Учесниците во разговорите би требало да се запрашаат дали воопшто седеа на иста маса. Останале неразјаснети преку 200 точки, тврди едниот, другиот убедува дека до постигнувањето согласност недостигал само еден час. Дури и ако е вистината некаде на средина, очигледно е - не постоела доволно силна волја за постигнување договор.
Ненадејниот крај на преговорите, како и секогаш, сепак беше доволен да предизвика медиумски земјотрес. Како е можно политичките преговори да пропаднат? Во Германија, земјата на консензусот?
Германија всушност стана понормална
Патемна забелешка: државата сепак не се лизга безглаво низ универзумот. Постои в.д влада, што се забалежува посебно кај министерот за надворешни работи, кој со своите непромислени изјави се погрижи за жестоки несогласувања помеѓу Германија и Саудиска Арабија. Видливо и по реакциите од економијата. Стопанските функционери по дефиниција апелираат до политичарите за зачувување на стабилноста, со оглед што несигурноста е отров за економијата. Она што го нарекуваме „пазари“, ионака не реагираше на развојот на политичката ситуација.
Германската економија во моментов се наоѓа во одлична форма, близу до памет е дека на многу претпријатија им падна камен од срце по веста за пропаста на преговорите за Јамајка коалицијата, им олесна што на власт нема да дојдат Зелените, во кои гледаат како на партија во стилот „ние радо забрануваме ова и она“. Натегања за секоја тема, таков луксуз не ѝ е потребен на земјата, уште повеќе што следната влада вистински ќе мора да најде одговор на прашањето - како Германија да стане спремна за иднината.
Мама го отслужи своето
Во таков контекст, Кристијан Линднер од Либералите (ФДП), не е национален предавник, туку кредибилна личност. Неговата партија порано ја биеше глас на опортунистичка група, а сега е слика на она за што германскиот претседател зборува кога споменува одговорност. Линднер секако не е виновен за неуспехот на коалиционите преговори. За тоа е одговорна единствено канцеларката. Нејзината тактика, наречена „пушти работите да одат по својот тек“, беше погрешен рецепт. Госпоѓа Меркел би требало да сноси последици за тоа.