1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Штрајкот ги парализира аеродромите

ЖА/ЕМФ/дпа/афп27 март 2014

Синдикатот Верди, во преговорите за зголемување на платите на вработените во јавните служби, денеска го прошири штрајкот и на аеродромите. Стотици вработени штрајкуваат, а анулирани се многу летови.

https://p.dw.com/p/1BWV3
Фотографија: picture alliance/PIXSELL

Оној кој денеска патува во Германија, мора да се подготви на големи доцнења. Синдикатот Верди со штрајкот на аеродромите го зголемува притисокот врз работодавачите во јавниот сектор за зголемување на платите. Во земјата веќе неколку дена, наизменично во различни покраини, штрајкуваат вработените во јавниот сообраќај, болниците, комуналните претпријатија, градинките.

Со штрајкот на аеродромите се погодени пред се‘ линиите во Германија и европските рути, соопшти најголемата германска авиокомпанија Луфтханза, откажани се дури 600 нејзини летови.

Од штрајкот се засегнати седумте најголеми аеродроми - во Франкфурт, Минхен, Диселдорф, Хамбург, Келн/Бон, Штутгарт и Хановер.

„Ародромите стануваат се‘ почесто сцена за тарифни борби. Она што порано беше апсолутно исклучок, не смее да се претвори во правило“, предупредува Ралф Бајзел од Здружението на аеродроми АДВ.

Тактиката на штрајкувачите ја критикуваше и Луфтханза. „Исто како во случајот со штрајкот на безбедносниот персонал во Франкфурт пред околу еден месец, Верди свесно се впушта во инструментализација на невини луѓе и претпријатија за да ги спроведе своите синдикални барања. Само во групацијата на Луфтханза загубите од тоа се мерат во милиони евра, иако ние не сме страна во овој тарифен конфликт“, соопшти Бетина Фолкенс, член на Управниот одбор на компанијата.

Синдикатот Верди со штрајковите врши притисок пред третата преговарачка рунда на работниците и работодавачите во Потсдам, закажана за понеделник (31.03.). Синдикатот бара зголемување на платите на вработените во сојузот и општините (2,1 милиони вработени) за 100 евра, а потоа повторно зголемување од 3,5 проценти. Работодавачите тоа не го прифаќаат, но засега немаат дадено свој предлог.