Германија ќе ги олеснува рестрикциите за вакцинираните
26 април 2021По состанокот со премиерите на 16 германски покраини, Меркел рече дека граѓаните кои ги примиле обете дози од вакцината „очигледно“ ќе можат да одат на фризер или во продавница без обврска да покажуваат негативен тест на коронавирус, и да бидат исклучени од обврската да одат во карантин по близок контакт со заразено лице.
Истото ќе важи и за граѓани кои ќе можат да докажат дека се опоравиле од инфекција со коронавирусот, на пример, со прикажување на позитивен ПЦР тест кој е стар најмалку 28 дена.
Владата ќе подготви документ во кој ќе ги претстави предлозите, изјави Меркел на прес-конференција во Берлин, кој потоа ќе биде дискутиран во парламентот. Канцеларката, сепак, не одреди временска рамка во која овие олеснувања би можеле да влезат во сила.
Меркел образложи дека идејата да им се вратат некои од основните права на граѓаните кои имаат имунитет од Ковид-19 доаѓа откако Институтот Роберт Кох неодамна откри дека целосно вакцинираните луѓе и оние кои ја прележале болеста „повеќе не претставуваат релевантна опасност од зараза“.
Но, таа предупреди дека Германија се соочува со „тешка транзициска фаза“ бидејќи се повеќе луѓе добиваат вакцина и ќе побараат поголема слобода, додека значителен дел од населението се уште мора да живее со остри ограничувања.
Досега само 7 проценти од германското население е целосно вакцинирано со две дози, додека околу 23 отсто ја добиле само првата доза од вакцината, но брзината со која се одвива имунизацијата забрзува во последните неколку недели.
Меркел уште еднаш вети дека од јуни годинава ќе се укинат приоритетните листи и секој граѓанин ќе може да ја добие својата вакцина.