Германска влада - уметноста на постигнување компромиси
25 септември 2017Народот вели - нуждата те прави иновативен. Вчера избраните народни избраници сега од сосема новата појдовна состојба ќе треба да направат нешто добро. Откако досега владејачката СПДво часот на својот најголем пораз најави дека заминува во опозиција, сигурно е дека Германија оди во насока на т.н. Јамајка-коалиција, составена од конзервативците, либералите и зелените. Од големата загуба на гласови притиснатата канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ) во својот четврти мандат ќе биде принудена да се движи на нов терен.
Додуша, на покраинско ниво веќе има црно-жолто-зелени коалиции, но на сојузно ниво тоа е премиера. Коалицијата која од ова лето е на власт во покраината Шлезвиг Холштајн е сѐ уште прекратко на власт за да може да се даде веродостојна оценка за нејзината стабилност. Првата Јамајка-коалиција на покраинско ниво, составена во малата покраина Саарланд во 2009 година, се распадна во 2012-та по одвај две години заедничка работа. Причина за тоа не беа разликите во мислења меѓу коалиционите партнери, туку недоразбирањата во редовите на либералите (ФДП). Затоа, покраинската премиерка Анегрет Крамп-Каренбауер (ЦДУ) ја откажа соработката.
Каква е подготвеноста на потенцијалните коалициони партнери на сојузно ниво? Ангела Меркел за 12 години на функцијата канцелар доби имиџ на шефица на влада која модерира. Нејзините приврзаници за тоа ѝ оддаваат признание, нејзините противници поради тоа ѝ префрлаат дека нема профил. Меѓутоа, способноста на Меркел за менување ќе ѝ биде од помош при преговорите за Јамајка-коалиција. Отворена тајна е дека во нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и сестринската партија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) има задршки по тоа прашање.
Еден меѓу многуте проблеми - бегалската политика
Но надалеку нема никого кој би го довел во прашање авторитетот на канцеларката. Тоа по лошиот резултат на ЦСУ во Баварија повеќе отколку за кого било друг важи за шефот на ЦСУ и баварски премиер - Хорст Зехофер. И покрај тоа, треба да се смета со напади од Баварија. Зехофер под импресии од сопствените загуби и од успехот на деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД) уште вчеравечер најави дека ќе покаже острина на десниот раб од политичкиот спектар. Силни изјави по прашањето на внатрешната безбедност и бегалската политика, меѓутоа, ќе се покажат како оптоварувачки за подготвеноста на ФДП и на Зелените за разговори. За заострување на правото на азил партиската база нема да може да се убеди, пред сѐ не кај Зелените. Полесно до договор сите учесници ќе стигнат по прашањето на антитерористичката борба. Повеќе персонал и подобра опрема, особено за полицијата, е нешто во што се единствени евентуалните идни коалиционери.
ФДП и Зелените мора да разговараат едно со други, не едни за други
Унијата ќе мора да направи многу отстапки. Натамошни ограничувања на граѓанските права за ФДП и за Зелените тешко доаѓаат предвид. Од друга страна, двата помали коалициони партнери ќе мора да направат големи чекори во насока еден кон друг. Либералите, кои по четири години во опозиција, се враќаат во парламентот, редовно ги обвинуваат Зелените дека сакаат да им држат лекции на луѓето. Обратно пак, ФДП во очите на Зелените е партија која пред сѐ се залага за „тенка“ држава, која ги преферира економските интереси за сметка на општото добро. Програмски, но и културно, двете партии ќе мора во сопствените редови да завршат добра работа на убедување доколку Јамајка-коалицијата сака да опстои четири години. Важна улога притоа треба да имаат најискусните политичари во партиските редови. Кај Зелените е тоа премиерот на покраината Баден Виртемберг, Винфрид Кречман, кој во својата по структура конзервативна покраина, која е економски просперитетна, коалицира со ЦДУ. Меѓутоа, 69-годишникот за таа цел на сојузно ниво ќе мора да се изложи на контраветер од левото крило на Зелените.
На предвремени избори ќе се радува само АфД
Пандан на Кречман на страната на ФДП е заменикот партиски шеф, Волфганг Кубики. Тој ја водеше својата партија во Шлезвиг Холштајн, која во покраината од крајот на јуни е во владејачка Јамајка-коалиција. Кубики смета дека ваков модел може да се етаблира на сојузно ниво, но тоа не е во никој случај задолжително. Тој уште вчеравечер ја критикуваше СПД за најавеното заминување во опозиција. Кубики претчувствува колкав ќе стане притисокот врз ФДП доколку одбие да влезе во Јамајка-коалиција.
Вакво чувство ќе имаат сите потенцијални коалициони партнери. Јавноста, по два уништувачки мандати во голема коалиција со Ангела Меркел, најмногу ѝ проштева на СПД што се откажува од натамошно учество во владата. За Унијата, ФДП и Зелените пак важи: мора да постигнат договор, зашто во спротивно последица би биле предвремени избори. На такво нешто веројатно би се радувале само десните популисти на АфД.