Германија: Најголем економски пакет во историјата
22 март 2020За финансирање на вонредните мерки кои предвидуваат од делумна национализација, преку кредитни гаранции до обезбедување на плати на работниците кои се на принуден одмор, германската влада ќе го напушти и концептот на балансиран буџет.
Според предлог-законот за намалување на последиците од кризата вреден 822 милијарди евра кој треба да биде усвоен в понеделник, не само што владата ја напушта догмата за балансиран буџет, туку ќе отиде и чекор понатаму и ќе бара од парламентот зголемување на законскиот лимит за годишно задолжување.
Владата ќе бара да се задолжи 156 милијарди евра во 2020 година, сума која го надминува уставниот лимит од 100 милијарди.
Повеќе на темата:
- Меркел: Коронавирусот е најголемиот предизвик од Втората светска војна
- Од каде сега да се најдат помошници за жетвата?
Откако пандемијата речиси целосно го запре нормалниот живот во земјата, владата очекува 33,5 милијарди евра помал прилив од даноци годинава.
За да се избегне банкрот на компаниите, владата планира да им додели 400 милијарди евра за отпишување на долговите или ќе им понуди рекапитализација која би можела да доведе до делумна национализација.
Туристичките оператори и сервисната индустрија се меѓу првите кандидати за државна помош, затоа што се меѓу најтешко погодени од пандемијата. Туристичкиот концерн ТУИ веќе побара државна помош, додека авиокомпанијата Луфтханза најави дека ги запира најголемиот дел од летовите.
Во 2009 година во германскиот Устав беше воведена ткн. „сопирачка на долгови“, со која се лимитира дефицитот на сојузниот буџет на 0,35 отсто од БДП. Границата смее да биде надмината само во вонредни ситуации, како природни катастрофи или други состојби кои би можеле да влијаат врз државните финансии.