1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санкции наместо соработка

Матијас Белингер / Е.М. Фиданоска18 март 2015

Руската анексија на Крим непријатно го изненади Берлин. Една година потоа надворешнополитичката улога на Германија е поголема, а односите со Москва се многу променети.

https://p.dw.com/p/1EsdH
Фотографија: Reuters

Потребно е да се оди многу назад во историјата за да се најде момент во кој политичката клима меѓу Москва и Западот достигнала сличен драматичен пад на температурата како во март 2014. Анексијата на Крим пред една година непријатно ги изненади политичарите во Берлин, Париз, Рим или Вашингтон.

Русија го окупираше и анектираше украинскиот полуостров за околу три недели, а политичарите задолжени за водење надворешна политика во западните метрополи мораа да се соочат со ситуација која веројатно никогаш не се нашла во големиот број стратегиски документи на министерствата или тинк-тенк организациите. Русија употреби сила против соседот, повреди основни меѓународни договори и конвенции и се чинеше како да е во состојба речиси сама да го диктира натамошниот тек на конфликтот.

Клучна улога за Германија

Германија во овој конфликт брзо доби клучна улога. Традиционалното партнерство со Русија на Берлин му донесе улога на посредник. Статусот на најбројна по население земја на ЕУ ја доведе во ситуација да мора да ги координира различните интереси во Европа - од Полска, која поради својата историја има длабока недоверба кон Москва, се‘ до Унгарија, чија десноконзервативна влада повремено флертува со антилибералното сфаќање на државата на рускиот претседател Владимир Путин. Германската влада брзо дефинираше три точки како столбови на својата политика: исклучување насилство, дипломатија и економски притисок. И, таа успеа за ваквата стратегија да добие поддршка од европските партнери.

Истовремено, Берлин внимаваше на тоа да презема посреднички иницијативи постојано со традиционалниот партнер Франција и да ги вклучува и другите европски држави. „Го изненадивме Путин“, вели демохристијанот Родерих Кизеветер. „Тој не веруваше дека Западот ќе издржи заедно толку долго.“

До украинската криза Германија за односите со Русија на Путин дискутираше пред се‘ околу тоа - колку критика на сметка на човековите права во таа земја може да си дозволи Берлин, без притоа да бидат загрозени добрите економски односи. Или поинаку формулирано: колку тесна може да биде економската соработка, без Европа да ги дискредитира сопствените вредности. Сега одеднаш во прва линија веќе не станува збор за вредностите и економијата. „Нашата надворешна политика секогаш беше насочена кон соработка“, вели Франц Тенез, раководител на групата за разговори Русија/ЗНД во рамките на Социјалдемократската партија. „Одеднаш прашањето на безбедност се најде горе на дневниот ред.“

Токму социјалдемократите мораа да се чувствуваат повредено. Особено меѓу експертите за надворешна политика од редовите на СПД девизата „промени преку приближување“, која потекнува од 1970-тите, од времето на политиката на Вили Брант кон Истокот, важи за најважна состојка за успешна надворешна политика. Конзервативните политичари, наспроти тоа, почесто зборуваат за „надворешна политика ориентирана кон вредности“, со која би требало да се обезбеди дистанца кон недемократски држави, формула која мораа силно да ја бранат исто толку силно од претставниците на стопанските здруженија во сопствените редови, како и од политичките противници.

Weißrussland Minsk Ukraine Konferenz Putin Merkel Poroschenko
Страните се јасно поделени - Путин на едната, Меркел и Порошенко на другатаФотографија: Reuters/K. Kudryavtsev

Зголемено значење на Берлин

Но оние што очекуваа дека руската агресија во Украина ќе предизвика фронтално соочување на ваквите позиции, се излажаа. Ставовите на социјалдемократскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер и на демохристијанката Ангела Меркел се разликуваат најмногу во нијанси. Двајцата во основа брзо се заложија за двојна стратегија, составена од преговори и економски снакции. Кон тоа се приклучија и опозиционите Зелени.

Поинакви тонови првично се слушаа од Партијата на левицата. Нејзиното лево крило падот на владата на Јанукович во Киев го нарече „фашистички пуч“, толериран или дури и инициран од страна на Западот и ја критикуваше владата на Меркел поради политиката на санкции, нарекувајќи ги министрите „економски воини“. Левицата се‘ уште е единствена партија во Бундестагот која отфрла санкции против Русија. Но за дипломатијата на Сојузната влада, како при договорот за примирје, постигнат во Минск во февруари, дури и од Левицата стигнаа пофалби. „Благодарен сум им на канцеларката и на министерот за надворешни работи за резултатите од Минск“, изјави политичарот Штефан Либих, кој му припаѓа на умереното крило на партијата.

Надворешнополитичкото значење на Германија во време на криза се зголеми. Но и пофалбите за кризниот менаџмент не можат да го сокријат фактот дека Германија е далеку од долгорочна стратегија кон Русија. „Ние во основа се‘ уште не знаеме што всушност сака Москва“, вели социјалдемократот Тенез. Демохристијанот Кизеветер, пак, оценува: „Путин веќе нема да се приклучи кон европскиот поредок.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема