Германски репрезентативци во изборна кампања за Ердоган?
15 мај 2018Германскиот фудбалски селектор Јоахим Лев денеска го објави привремениот состав на германската реперезентација за Светското првенство во Русија. Тој опфаќа 27 фудбалери, а до крајот на месецов ќе биде сведен на 23 патници за Русија во дресот на Германија. На списокот очекувано се најдоа и репрезентативците Месут Озил и Илкај Гундоган и покрај тоа што предизвикаа своевиден инцидент, во кој главната улога ја поделија со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и целата работа околу нивната номинација за настап на Мундијалот доби политичка димензија.
Озил и Гундоган, имено, се сретнаа во еден лондонски хотел со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и во таа пригода му подарија дресови од тимовите во кои во моментов играат. Фотографиите од таа средба, партијата на Ердоган АКП ги објави на социјалните мрежи. Гундоган на својот дрес, кој му го подари на Ердоган, напиша: „Со голема почит за мојот претседател“.
Озил пак објави Твит со фотографија на која се тој, Гундоган и турскиот репрезентативец Ченк Тосун, очигледно направена за време на средбата со Ердоган, на која на англиски пишува: „Во добро друштво вечерва“.
Сето ова наиде на остри критики, не само од политичарите, туку и во Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ). Претседателот на Сојузот, Рајнхард Гриндел на Твитер напиша: „Фудбалот и ДФБ се залагаат за вредност кои господинот Ердоган доволно не ги почитува. Затоа не е добро што нашите репрезентативци дозволија да бидат злоупотребени за неговите предизборни маневри“.
И германските политичари, особено оние со турско потекло, ги критикуваа фудбалерите поради поддршката на турскиот претседател, потсетувајќи на политиката на Ердоган за спречување на слобода на медиумите и за човековите права.
„Да се позира во луксузен лондонски хотел со деспотот Ердоган и уште да му се додворувате со 'мојот претседател' додека во Турција се прогонуваат демократи и се затвораат критички ориентираните новинари - тоа е груб фаул“, изјави Севим Дагделен од партијата Левица.
„Претседателот на германскиот репрезентативец се вика Франк-Валтер Штајнмајер, канцеларка е Ангела Меркел, а парламент е германскиот Бундестаг“, е коментарот на поранешниот претседател на партијата на Зелените Џем Ездемир.
Детлеф Пилгер, политичар од Социјалдемократската партија на Германија (СПД) задолжен за прашањата за спорт, оценува дека станува збор за „оддавање почит на еден политичар кој ја гази слободата на медиумите и ги ограничува човековите права“. Озил и Гундоган играат за германската репрезентација, потсетува Пилгер и додава: „Затоа би требало да покажат лојалност кон германската држава.“
Претставникот од коалицијата Унија (ЦДУ/ЦСУ) Еберхард Гингер го критикува таквото однесување кое, смета, го загрозува трудот околу интеграцијата на Турците во Германија. „Ние сакаме нашите турски сограѓани да ја доживуваат Германија како своја земја. А тогаш две истакнати личности се изјаснуваат за една друга држава. Тоа не е во ред“, оцени Гингер.
Гундоган во меѓувреме, по острите реакции објави соопштение, во кое истакна: „Не беше наша намера со оваа фотографија да даваме политичка изјава, а да не зборуваме за правење на изборна кампања. Како германски репрезентативци ние ги почитуваме вредностите на ДФБ и свесни сме за нашата одговорност“, порача Гундоган .
И селекторот Јоахим Лев денеска ја критикуваше постапката на Озил и Гундоган. Тој, како што изјави, им пренел на двајцата дека сликањето со Ердоган не било „најсреќна постапка“. „Кога се игра за Германија се застапуваат земјата и германските вредности“, рече Лев. Тој изрази и разбирање за фудбалерите, кои како што рече, го увериле дека со средбата не сакале да испраќаат политичка порака. Германскиот селектор истакна дека и двајцата сториле многу за интеграцијата во Германија и оти не размислувал ниту секунда да не ги номинира Озил и Гундоган. И претседателот на ДФБ, Гриндел денеска замоли за разбирање: „Луѓето можат да направат грешка. Затоа мора да останеме одмерени“.