Германски специјалци влегле во Кабул да евакуираат цивили
23 август 2021Министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер изјави дека е речиси невозможно за цивилите да стигнат до аеродромот во Кабул, каде илјадници луѓе со денови чекаат на евакуација.
„Затоа моравме самите да започнеме со репатријација на луѓето. И тоа го правиме“.
Според извештај на Билд, германски специјални единици биле испратени да спасуваат германско семејство во Кабул, напуштајќи го аеродромот во Кабул кој е под контрола на САД.
За време на тајната операција наречена „Сино светло“, германските војници влегле во градот пеш и успеале да извлечат 19-годишна девојка од Минхен, нејзиниот помлад брат и нејзината мајка. Операцијата севкупно траела околу 1 час.
Се досега мисиите на Бундесверот беа ограничени на аеродромот. Двата хеликоптери кои беа испратени во Авганистан за евакуација на луѓе од густо населениот Кабул, досега не биле употребени.
Крамп-Каренбауер не потврди директно, но и не демантираше дека германските специјални сили ја извеле операцијата.
Повеќе западни држави се во трка со времето за да ги извлечат сите заинтересирани надвор од земјата до 31 август. Поради хаосот кој владее на аеродромот во Кабул, се множат гласовите кои бараат продолжување на крајниот рок, но талибанците ги отфрлаат таквите идеи.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера предупреди дека евакуацијата е „тешка и болна“ и дека трупите на САД можеби ќе мораат да останат и подолго од 31 август за да ја завршат операцијата. Такво барање до него веќе испратија Британија и Франција.