Германскиот парламент го одобри фискалниот пакт
30 јуни 2012Веднаш по усвојувањето, во Сојузниот уставен суд беа покренати и првите тужби против двата закона. Германскиот претседател Јоахим Гаук сака да почека со потпишувањето на законите, се до разгледувањето на поднесоците од страна на највисокиот германски суд.
Германската канцеларка Ангела Меркел брзаше да се врати во Берлин од самитот на европските лидери во Брисел, за да се обрати пред законодавното тело, пред тоа да се затвори поради летната пауза.
Таа ги охрабри законодавците да го одобрат европскиот фискален пакт за буџетска дисциплина, како и постојаниот фонд за спас, наречен Европски механизам за стабилност, кој изнесува 500 милијарди евра.
„Германија со одобрувањето на фискалниот пакт и Европскиот механизам за стабилност ќе испрати значаен сигнал ... дека ја надминуваме европската должничка криза на одржлив начин“, изјави Меркел во Бундестагот.
Во фискалниот пакт се вклучени 25 од 27-те членки на Европската унија. Велика Британија и Чешката Република одбија да се приклучат кон него. Европскиот механизам за стабилност ќе го формираат земјите од еврозоната, преку директна уплата на капитал и со државни гаранции. И покрај тоа што се претпоставува дека овој постојан механизам ќе почне да функционира во јули 2012 година, тоа ќе се случи само доколку договорот за воспоставување на механизмот го потпишат земјите на коишто отпаѓа 90 отсто од капиталот со кој тој ќе располага.