Германскиот претседател ги бојкотира ЗОИ во Сочи
8 декември 2013Германскиот претседател Јоахим гаук нема да присуствува на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Сочи и тоа кабинетот на претседателот веќе и‘ го соопштил на руската влада минатаат недела, пишува магазинот „Шпигел“. Според информации на „Шпигел“, ваквиот потег треба да се сфати како критика на повредите на човековите права и на потиснувањето на опозицијата во Русија.
Гаук од стапувањето на должност во март 2012 година не бил во официјална посета на Русија. Тој досега повеќе пати ги критикуваше дефицитите на правната држава во Русија и пречките за работење на критички настроени медиуми. Во јуни 2012 година беше предвидена средба на Гаук со рускиот претседател Путин, но таа беше откажана од германска страна, наводно поради проблеми со термините.
Германскиот претседател, кој присуствуваше на Олимписките игри во Лондон, има намера да ги пречека во Минхен германските спортисти кои ќе учествиваат на Олимпијадата во Сочи и тоа по нивното враќање во Германија, на 24 февруари.