1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Германските војници заминаа од Авганистан

Сандра Петерсман
30 јуни 2021

Бундесверот го напушти Авганистан по 20- годишен ангажман, кој од мисија за обнова, потоа се претвори во воена мисија. Дојче веле побара оценка на партиите за успешноста на мисијата.

https://p.dw.com/p/3vntr
Bundeswehr, Pressebild Kommando Spezialkräfte in Aghanistan
Фотографија: Bundeswehr/dpa/picture alliance

На почетокот беше историската реченица – поранешниот германски канцелар Герхард Шредер на 12 септември 2001 година во Берлин на американскиот претседател му вети „неограничена солидарност од Германија“.

Германија по терористичките напади во Њујорк и Вашингтон застана на страната на својот најважен сојузник и презеде одговорност вклучувајќи се во војната против теророт во Авганистан.

Тогашниот германски министер за одбрана Петер Штрук во декември 2002 година порача – безбедноста на Германија се брани и на Хиндукуш: „Германија ќе биде посигурна ако заедно со партнерите и сојузниците таму се бориме против меѓународниот терор, онаму каде тој е одомаќинет, па и со воени средства.“

Мисијата која ја започна владата на Социјалдемократите и Зелените, а завршува за време на коалицијата на Унијата и СПД на канцеларката Ангела Меркел, беше досега најскапата и најкрвавата странска мисија на Бундесверот. Се проценува дека за Авганистан се потрошени преку 18 милијарди евра, од нив 12,5 милијарди за мисијата на Бундесверот.  

Повеќе:

Фотографија на денот: Збогум Авганистан!

Да се застане и да се размисли за Авганистан

Мисијата во Авганистан ја промени и Германија

Поради безусловното повлекување на НАТО-трупите, предводени од САД, сега Авганистан го напуштија и последните германски војници. За странските мисии на Бундесверот одлучува Бундестагот, а две децении во парламентот постоеше големо мнозинство за одобрување на мисијата во Авганистан, додека пак согласноста кај граѓаните се намалуваше. Дојче веле се обрати кај пратеници за извлекување биланс на мисијата во Авганистан.

Тешко оштетена германската амбасада во Кабул

„Бундесверот може да биде горд на себе“

„Учеството во мисијата во Авганистан како партнер во НАТО беше правилно. Бундесверот имаше професионален ангажман, изврши важна задача, па оттука мисијата претставува успех, зашто Авганистан веќе не е прибежиште за  меѓународниот терор. Нашите војници можат да бидат горди на себе," вели Хенинг Оте, портпарол на ЦДУ за одбранбени прашања, концентрирајќи се на вкупно 160.000 германски војници кои во изминатите 20 години беа стационирани во Авганистан, некои од нив повеќепати.

„Потребно е внимателно проценување“

Симтје Мелер, портпарол за одбранбени прашања од СПД, аргументира слично: „Од воен аспект мисијата беше успешна, од Авганистан веќе не произлегува интернационална опасност од терор“. Таа меѓутоа гледа проблеми во изградбата на државата, што се покажа потешко од очекуваното. Таа пледира за формирање комисија во Бундестагот која би извршила проценка на мисијата.

„Крупните цели не се постигнати“

Политичарот од Зелените, Тобијас Линднер инсистира на транспарентно евалуирање на мисијата во Авганистан: „Сигурно денес во земјата постојат региони во кои ситуацијата е подобра отколку во 2001 година под власта на талибанците. Но, големите цели – мир во Авганистан и стабилни државни структури, не се постигнати“.

DW Special 20 Jahre Bundeswehreinsatz in Afghanistan
До април 2021 мисијата на Бундесверот во Авганистан чинеше 12,5 милијарди евраФотографија: picture-.alliance/dpa/M. Gambarini

„Разјаснување на воените злосторства на НАТО“

Севим Дагдален од Партијата на левицата смета дека НАТО доживеа неуспех во Авганистан. Нејзината партија се залага за повлекување на Германија од Алијансата. „Непростливо е што војната на НАТО однесе животи на илјадници цивили во Авганистан, потребно е разјаснување на воените злосторства на НАТО во Авганистан.“ Левица од почеток беше против ангажман на Бундесверот. „Причините кои ги наведе владата, дека во Авганистан се брани Германија или дека станува збор за правата на жените, се лаги за оправдување на учеството во војната на НАТО водена од геополитички мотиви. 59 војници на Бундесверот загинаа за бесмислена воена авантура," смета Дагдален.

„Поголем неуспех отколку во Авганистан не е можен“

И Ридигер Лукасен од десно популистичката партија АфД мисијата на Западот во Авганистан ја смета за комплетно неуспешна: „Земјата не е стабилна, не е безбедна и економски останува главно неразвиена. Смешните дополнителни цели на нашата влада, како демократизација според западен пример, не успеаја. Дури и за првичната минимална цел, Авганистан да не биде веќе сигурно засолниште зе терористи, денес нема гаранции. Поголем неуспех отколку во Авганистан не е можен.“

Лукасен препорачува во иднина да не се учествува во т.н. мировни мисии. Изградбата на една држава е процес кој трае со децении, а западните демократии не располагаат со способност ризиците на воен ангажман да ги сносат со генерации.

„Многу наивна изградба на нација“

Бијан Џир-Сарај од Либералната партија ФДП не сака да зборува за успех или неуспех. „На една страна е успешно сузбиена терористичката група Ал Каида. Од друга страна на Авганистанците во текот на 20- годишната мисија им беа отворени перспективи, но обидот за создавање одржливи државни структури ги стави НАТО-партнерите пред големи предизвици, кои до денес не се решени.“

Џир-Сарај исто така се залага за анализирање на постигнатото: „Се пристапи многу наивно кон темата создавање нација, а беше извршена и лоша проценка на талибанците, кои во дел од селското население секогаш имаа поддршка. Мислам дека поуките треба да бидат релевантни пред сѐ за нашата мисија во Мали.“