Германските конзервативци му вртат грб на Орбан
22 февруари 2019По долго воздржување, водечки политичари на германските владејачки партии на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) го заострија тонот кон унгарскиот премиер Виктор Орбан. По последните напади на Орбан врз шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и европската миграциска политика, шефицата на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер се закани со прекин на редовната комуникација со партијата на Орбан, Фидес.
Крамп-Каренбауер за магазинот „Шпигел“ изјави дека во Европската народна партија (ЕНП) во минатото „заедно со нашите сестрински партии работевме на сраснување на Европа како целина“. Не смее да дојде до нов расцеп во Европа поради спорни прашања. Фидес на Орбан со „несфатливи и неосновани обвинувања“ ја доведува во опасност оваа цел, рече лидерката на ЦДУ, додавајќи: „Сега унгарската страна треба да докаже дека сѐ уште се чувствува како дел од ЕНП.“
Унгарската влада во понеделникот претстави плакат на кој Јункер е прикажан заедно со американскиот милијардер Џорџ Сорос, кој има унгарско потекло. На плакатот се сугерира дека двајцата сакале поттикнување на илегална миграција кон Европа. Во својот последен говор за состојбата на нацијата Орбан во врска со претстојните европски избори во мај рече: „Да го запреме мнозинството кое поттикнува миграција“. За земјите кои поддржуваат миграција тој рече дека создаваат „мешано население“.
Повеќе:
Јункер: Партијата на Орбан треба да ја напушти Европската народна партија
Орбановата Европа - со мајчински додаток и божји благослов
„Неразбирање и лутина“
Врвниот кандидат на ЕНП за изборите во мај, Манфред Вебер, предупреди дека Орбан мора да сфати оти во моментов сѐ повеќе се оддалечува од ЕНП. Делови од Орбановиот говор за состојбата на нацијата и последната антимиграциска кампања против Јункер предизвикаа „големо неразбирање и лутина“, изјави политичарот на ЦСУ за весникот „Зиддојче цајтунг“.
Досега добри односи со Орбан негуваше токму ЦСУ. Сега и од лидерот на оваа партија, Маркус Зедер, доаѓа критика. „Последните изјави на Виктор Орбан се неприфатливи“, рече Зедер за „Франкфуртер алегамајне цајтунг“. Унгарскиот премиер мора да покаже дека сѐ уште сака да биде дел од ЕНП, побара Зедер.
Меѓутоа, ниту Крамп-Каренбауер ниту Зедер, или Вебер, не побараа исклучување на Фидес од ЕНП. ЦДУ и ЦСУ, исто како Фидес, се дел од ЕНП, која се состои од повеќе европски партии. Во Европскиот парламент ЕНП има најсилна пратеничка група.
Чекор подалеку од германските политичари од Унијата отиде првиот човек на Христијанско-социјалната народна партија во Луксембург (ЦСВ), Франк Енгел. Тој за весникот „Велт“ рече дека партијата на Орбан мора „да биде исфрлена од ЕНП и тоа веднаш - такво здружение нема што да бара во ЕНП“. Според Енгел, Фидес станала „партија која е непријателски настроена кон Европа“, а нејзиниот лидер води „политика на омраза“. Кампања за европските избори со Фидес во ЕНП би претставувала „неприфатливо оптоварување“, додаде луксембуршкиот европратеник.