1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските политичари се „сторија пепел“ на Среда пепелница

ЕМФ / дв
6 март 2019

Политичката Среда пепелница во Германија постои веќе еден век. Таа годинава е сосема во знакот на европските болки и проблеми.

https://p.dw.com/p/3EY9X
Deutschland Politischer Aschermittwoch CSU Markus Söder
Наздравје! Маркус Зедер на политичката Среда пепелницаФотографија: Reuters/M. Dalder

Политичката Среда пепелница е ден кога германските политичари имаат особено остар јазик. Собирите на партиите на денот пред почетокот на Велигденскиот пост се традиција веќе еден век. Политичката Среда пепелница потекнува од традицијата на големите сточни пазари во Баварија, а родена е на 5 март 1919 година, кога баварскиот сојуз на селани упатил покани за првото „Големо народно собрание". Во кафеаните се дискутирало возбудено, а кој најостро ќе го нападнел оној што мисли поинаку, добивал најмногу аплауз.

Годинава во фокусот на политичките вербални пресметки беше Европа, што е и разбирливо со оглед на претстојните европски избори.

СПД сака да го спаси домот Европа

Врвната кандидатка на СПД за европските избори, Катарина Барли, на собирот на социјалдемократите во Филсхофен, се заложи за социјална и силна Европа. На изборите на 26 мај „на сите анти-Европејци треба да им се покаже решителен сигнал“, рече Барли во Баварија. Таа оцени дека европските избори годинава се „важни како никогаш досега“. Треба „да се направи сѐ за извонредниот дом Европа“, нагласи таа. Барли ја критикуваше Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) дека долго време му се „додворувала“ на Орбан, а сега „го врти своето знаменце како што дува ветрот“.

Deutschland Politischer Aschermittwoch SPD Katarina Barley
Катарина Барли во ФилсхофенФотографија: picture-alliance/dpa/D. Karmann

Шефот на АфД би му послал црвен тепих на Орбан

Шефот на денсопопулистичката АфД, Јерг Мојтен, исто така има критики, и тоа на сметка на Европската народна партија (ЕПП), чиј врвен кандидат Манфред Вебер е од редовите на ЦСУ. Според Мојтен, Вебер на Орбан му поставил сосема неприфатливи услови. Од друга страна, Орбан со својата „левичарска политика“ одамна не е „дома“ во ЕПП, уверен е Мојтен. Тој во Остерхофен уште додаде: „Јас (на Орбан) би му послал црвен тепих.“

Зелените ја критикуваат големата коалиција

Шефицата на Зелените, Аналена Бербок, остро ја нападна ЦСУ, но ги критикуваше и останатите партии кои ја сочинуваат големата коалиција во Берлин. Според Бербок, коалицијата блокира важни проекти во Европа. На собирот на својата партија во Мандсхут шефицата на Зелените оцени дека во коалициониот договор на ЦДУ, ЦСУ и СПД „има нешто добро“, но кога станува збор за даночната транспарентност или дигиталниот данок, владата блокира. Тоа, како и немањето регулација на финансиските пазари, според Бербок се „мајка на сите кризи во Европа“.

Deutschland Politischer Aschermittwoch Bündnis 90/Die Grünen Annalena Baerbock
Аналена Бербок ја критикува големата коалицијаФотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase

ЦСУ предупредува од трговска војна и од - АфД

И ЦСУ на својот собир во Пасау се занимаваше главно со европските проблеми. Манфред Вебер предупреди на опасноста од трговска војна на ЕУ со САД. Над економијата се надвиснати „сиви облаци“, рече Вебер, осврнувајќи се на заканата на американскиот претседател Трамп за казнени царини за европските автомобили.

Вебер побара од ЕУ да реагира посамоуверено на ваквите предизвици. „Економски сме на исто ниво“, рече тој и додаде дека Европа е „подготвена за преговори“. Тие преговори, меѓутоа, мора да се функционираат на принцип на рамноправност. „Нема да дозволиме како Европејци да бидеме уценувани“, рече Вебер.

Шефот на ЦСУ, Маркус Зедер, уште пред својот настап во Пасау ја нападна АфД. „ЕУ е загрозена од популисти и националисти“, изјави тој за „Пасауер ноје пресе“. Зедер ја обвини АфД дека работи на излегување на Германија од ЕУ. „Целта на АфД не е да создаде нешто ново или подобро, туку само свесно да оркестрира со чист хаос“, рече Зедер, потенцирајќи дека функционерите на АфД со своето однесување покажуваат дека „се на пат кон неуставна организација“.

ФДП: Да се извлечат поуки од Брегзит

ФДП е на мислење дека европските избори во мај ќе ја определат насоката на Европа. „Се работи за Европа која мора да ја зајакнуваме, затоа што ни е потребна“, рече врвниот кандидат на либералите на европските избори, Никола Бер во Динголфинг. Таа бара да се извлечат поуки од Брегзит и да се стави крај на конфликтите помеѓу „Исток и Запад, Север и Југ, големите и малите држави членки“. Бер ги повика приврзаниците да излезат на европските избори: „Европа ни е премногу важна за да им ја препуштиме на популистите, сеедно дали десничари или левичари.“

Deutschland Politischer Aschermittwoch FDP Nicola Beer
Никола Бер од ФДП не сака да им ја препушти Европа на популиститеФотографија: picture-alliance/dpa/S. Schuldt

Среда-пепелница долго време беше домен на баварската ЦСУ, а социјалдемократите се приклучија со свои собири во средината на 60-те години од минатиот век. Во меѓувреме, тоа е ритуал секоја година и на партиите на зелените и на либералите. Покрај тоа и надвор од Баварија средбите на среда-пепелница доживуваат вистински подем. Денес веќе сите политички партии во Германија организираат вакви средби пред почетокот на постот.