1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Стил на живот

Германските производители на пиво остануваат без шишиња

Џеферсон Чејс
23 јули 2018

Летните горештини доведоа до зголемена потрошувачка на пиво, но некои пиварници во Германија се жалат на недостаток на шишиња и лименки. Пакувањето на пивото станува сериозен проблем за индустријата

https://p.dw.com/p/31u7F
Moritz-Fiege-Brauerei Bierflaschenmangel in Deutschland
Пиварницата Фиге се соочува со голем проблем со шишињатаФотографија: Moritz-Fiege-Brauerei/Dominik Scharf

Пиварата Фиге во западногерманскиот град Бохум има проблем. Иако бизнисот цвета во овие топли летни месеци, таа не може да најде доволно шишиња за да го наполни своето пиво. Затоа Фиге започна кампања за своите корисници на Фејсбук:
„Потребна ни е вашата помош“, напиша пиварницата. „Иако постојано купуваме нови шишиња, нив ги има сѐ помалку. Па затоа, пред да заминете на летен одмор, ве молиме вратете ги вашите празни Фиге шишиња. Прво депозит, а потоа забава!“
За секое вратено пивско шише во Германија се добиваат меѓу 8 и 15 евроценти, но тоа не е секогаш доволно за да ги убеди луѓето да наминат до локалната продавница и да си ги земат парите.
Проблемот е особено акутен за независните, регионални, семејни пиварници како Фиге. Портпарол на пиварницата за Дојче веле изјави дека вообичаено Фиге продава меѓу 100 и 120 илјади шишиња дневно, но летово, поради високите температури, побарувачката скокна на 150 до 160 илјади шишиња дневно. Фиге не е единствената пиварница која се соочува со овој проблем кој се должи на недостатокот на јаглерод диоксид. 
„Проблемот е драматичен во целата индустрија“, вели издавач на магазин за пијалоци за агенцијата ДПА. Германската асоцијација на пивари потврдува дека проблемот е особено изразен во летните месеци.
Она што ја компликува ситуацијата е начинот на кој се пакува пивото во Германија, што само по себе е наука.

Bierflaschen Biersorten Vielfalt Regal
Формата и типот на шишињата за пиво во Германија се разликуваат од пивара до пивараФотографија: picture alliance/dpa

Циркулираат две милијарди, но со различна форма

Се проценува дека меѓу 82-та милиони Германци циркулираат околу две милијарди пивски шишиња кои можат повторно да се употребат. Во просек секое шише може да се надополнува 36 пати. Тоа можеби звучи доволно, но не секоја пиварница користи исти шишиња. Некои пиварници ги „персонализираат“ шишињата со своите лога или имиња. Фиге користи шише со порцеланска тапа. Кога ќе го отворите, тоа продуцира карактеристичен звук кој им се допаѓа на многу пивопии, но шишето е поскапо од другите и може да се наполни само 30 пати.
Лименките, кои најчесто се користат во САД или Велика Британија, во Германија не се популарни. Или стакло или ништо!
Но пиварниците не можат едноставно да им се јават на производителите на шишиња и да порачаат нови. Шишињата се произведуваат сезонски, а порачките мора да се пласираат една година претходно. Поради тоа пиварниците не секогаш можат точно да проценат какво ќе биде летото и колку пиво ќе се пие.

Доаѓа помош

Иако кризата со шишињата е особено изразена ова лето, тоа не е првата од тој тип во Германија. Летото 2012, на пример, познатата баварска пиварница „Хофброј“ им продаваше пиво само на оние кои носеа празни шишиња назад. 
Колку е помала пиварницата, толку е поакутен проблемот. Големите пиварски концерни како Варштајнер или Бекс имаат доволно капацитет да избегнат ваков проблем. Но малечките како Фиге мораат да се снаоѓаат и да бидат креативни.
Од пиварницата велат дека одзивот на нивниот пост на Фејсбук бил „неверојатен“ и дека љубителите на пивото почнале да враќаат цели гајби и кутии со шишиња. Една жена им се јавила од Гватемала да им каже дека чува едно шише. Неколку корисници одговориле со фотографии од шишињата кои ги враќале со порака „помошта доаѓа“.
Ако ништо друго, на Фиге, кризата со шишињата во летото 2018 му донесе голем публицитет.

Moritz-Fiege-Brauerei Bierflaschenmangel in Deutschland
Конзумацијата на пиво е драматично зголемена во летните месециФотографија: Moritz-Fiege-Brauerei/Dominik Scharf