Германските туристи се „заљубени“ во Медитеранот
5 март 2015Туризмот цвета. Во 2014 година во светот околу 1,14 милијарди луѓе биле на туристичко патување во странство, што е пет проценти повеќе од претходната година. Германците значително придонесуваат кон рекордот, тие и натаму се светски прваци во патувања и секоја година инвестираат се‘ повеќе време и пари во одмор. Тоа посебно ја радува германската туристичка бранша. Претседателот на Сојузот на германското туристичко стопанство Михаел Френцел за тековнава година прогнозира дека ќе биде исклучителна, без оглед на меѓународните кризи.
„Грција, Украина, страшните слики на тероризмот од Париз, Брисел и Копенхаген, меѓународните рамковни услови не се многу поволни“, свесен е Френцел. Но, истовремено во Германија постојат сигурни работни места, растечки плати, инфлација речиси рамна на нула, ниски каматни стапки и висока потрошувачка.
„Тоа ја поттикнува подготвеноста за патувања и покрај меѓународните ограничувања и кризи“.
Одмор и покрај кризата
Кризите продонесоа само за пренасочување на туристичките цели, дополнува претседателот на Германскиот туристички сојуз, Норберт Фибиг.
„Сетете се само на добрата посетеност на Канарските острови лани зимата, овие шпански острови недвојбено профитираат од намалувањето на резервациите во Египет.“ Долгорочно гледано, туристичките земји самите релативно брзо се опоравија по големите турбуленции или катастрофи.
Така на пример Тунис, кој поради револуцијата забележа пад во туристичкиот сектор од речиси 50 проценти, е на најдобар пат да се опорави и да ги достигне бројките посетители од пред кризата. Исто така и Сри Ланка, која страда од последиците на цунами и ги одвраќаше туристите со политичките судири, во 2014 година забележа над 100.000 германски туристи, што е трипати повеќе отколку во 2010 година.
Медитеранот и натаму најомилен
Египет моментно може да се радува на двоцифрен пораст на резервациите од Германија. И Грција бележи бројно зголемени ангажмани, лани тие имаа пораст од 17 проценти. Но, и натаму најомилена туристичка цел за Германците во лето останува т.н. када на Европа, Средоземното Море. Во туристичките добитници во Европа се вбројува и Шпанија со плус од речиси 6 проценти, како и Италија со пет насто повеќе летувалци. И Турција, која во меѓувреме се движи на високо ниво на туристичи посети, може да очекува 1,9 проценти повеќе германски гости.
На Меѓународниот туристички саем во Берлин излагачите се надеваат на натамошно привлекување туристи. Најголемиот туристички саем во светот е исполнет до последниот штанд, во 26 хали се претставуваат над 10.000 излагачи од 186 држави. Лани на саемот беа склучени зделки во вредност од 6,5 милијарди евра. Една третина од излагачите доаѓа од Германија, која и натаму е најомилена цел на Германците. Неизвесно е дали воведувањето на минималната дневница ќе има некакво влијание. Но, засега нема никакво негативно дејство, вели Михаел Френцел.
Проблеми во авионскиот сообраќај
Туристичкиот сојуз на Германија проблеми гледа во воздушниот сообраќај. Германските аеродроми во меѓународна споредба не се веќе толку конкурентни. Тие бележат пад на патниците за 2014 година од речиси 208 милиони патници и така стигнуваат до пораст од само 3 проценти, што е двојно помалку од меѓународниот раст.
„Овде го покажуваат влијанието посебните правила како данокот на авионски сообраќај или забраните за ноќни летови, но и големата подготвеност за штрајкување кај малите струкови синдикати. Тоа имаше фатални последици“, критикува Френцел.
Голема тема на Конгресот кој се одржува паралелно со Меѓународниот саем за туризам е „Sharing Economy". Делење и изнајмување, овој тренд се‘ повеќе се пробива во областа на туризмот, на штета на етаблираните понудувачи.Тие првенствено се жалат на дигиталната конкуренција како Airbnb или Uber, кои посредуваат во услугите за ноќевање и транспорт, а не се подложни на никаква регулација. Но, дигиталните трендови не можат да бидат спречени преку забрани и рестрикции, вели претседателот на Германскиоттуристички сојуз, кој се залага за рамноправна конкуренција на „регулиран пазар, каде хотелите мора да се придржуваат на бројни прописи, сеедно дали е од областа на противпожарна заштита или хигиена, а не е нормално што конкурентните понудувачи практично работат без никакви правила.“
Слабото евро ги покачува цените
Жестоко дискутирана тема на Меѓународниот туристички саем во Берлин е и општиот развој на цените и валутните курсеви. Оваа година муштериите уште профитираат од осигурувањата на мнозинството излагачи против осцилирачките курсеви на странските валути. Но, најдоцна в зима тоа ќе изгледа поинаку. Падот на вредноста на еврото во однос на американскиот долар и „одрврзувањето“ на швајцарскиот од курсот на еврото може значително да ги зголеми цените за туристичките понуди.