1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските џихадисти во Ирак закана и за Западот?

Ж. Зајферт/С.Недевски30 јуни 2014

Многу борци од Германија и од Европа војуваат за движењето ИДИЛ во Ирак. Од воена гледна точка, нивното влијание е мало- но овие екстремисти би можеле да бидат многу опасни кога ќе се вратат во своите матични држави.

https://p.dw.com/p/1CMui
Фотографија: picture-alliance/dpa

Порано Денис Кусперт под прекарот Десо Дог беше активен на берлинската хип-хоп сцена. Денес овој рапер има поинакво ново име Аби Тала ал Алмани. Кусперт сега е борец во екстремистичката група „Исламска држава во Ирак и во Левант“, позната како ИДИЛ. Тоа досега е највпечатлив пример на еден Германец кој најнапред стана салафистички проповедник, а потоа тргна во „света војна“ на страната на муслиманските екстремисти. Поранешниот хип-хопер наводено е и командант на единицата „Германска бригада на Милату Ибрахим“. Според пишувањето на германскиот неделник „Фокус“, германското државно обвинителство покренало истрага против оваа група. Истовремено истражните органи во Шпанија уапсија група осомничени терористи на ИДИЛ, кои во во земјата врбувале борци за заминување во Сирија и во Ирак.

Веќе подолго време е познато дека на страната на ИДИЛ, покрај борци од арапскиот свет, се борат и доброволци од Европа и од САД, Според студијата на Кингс колеџот од Лондон, во Сирија војуваат околу 3000 доброволци од Западот, од кои 320 од Германија. Убедливо најголем број од странците му се пруклучува токму на ИДИЛ. „Станува збор пред сѐ за млади мажи кои ги привлекува таа идеологија“, вели Фалко Валде, експерт за Ирак од германската фондација Фридрих Нојман. „ИДИЛ има репутација на најагресивна група меѓу паравоените формации кои дејствуваат во регионот. Очигледно токму тоа на посебен начин ги привлекува младите луѓе кои си го бараат својот пат“, тврди Валде.

Deutschland Köln Islamischer Friedenskongress Salafisten
Фотографија: DW/Müller

Салафистите како расадник на регрути

Поголемиот број борци конвертирале во ислам и се изјаснуваат како салафисти. Станува збор за многу конзервативна струја која се повикува на идеализирано гледање на „изворниот ислам“. Влијанието на екстремистите врз некои германски тинејџери е толку големо, што тие доброволно заминуваат да војуваат во странски земји, бидејќи веруваат дека така се борат за своите идеали. Притоа особено се загрозени одредени општествени групи, објаснува Михаел Кифер од Универзитетот во Оснабрик.

„Насилните салафисти се често лошо образовани момчиња, од проблематични семејства. Истовремено, овој стручњак за ислам додава дека во радикализирањето на младите учествуваат голем број фактори. „Кога младите луѓе, кои растат во тешки ситуации, наоѓаат лица кои им оддаваат признание, им нудат пријателство, кои им велат што треба да прават- нивниот живот може да заземе драматичен правец“, објаснува Кифер. „Ним им се прикажува сосема јасна слика на непријателот: на една страна се позитивците, а на друга негативците.“ На тој начин, на идните борци им се одзема правото на избор. „Секако дека е должност на секој вистински муслиман да се бори на страната на доброто“, го објаснува нивниот начин на размислување Кифер.

Екстремистите се враќаат како искусни борци

Феноменот доброволци од Запад меѓу исламистичките екстремисти е познат одамна. Набрзо по терористичките напади во САД во 2001. година германските институции забележаа пристигнување на германски исламисти во Чеченија и нивната борба на страна на терористите против руската војска. На почетокот тоа го правеа само поединци, но бројот на германски доброволци набрзо се зголеми поради војната во Авганистан. Подоцна, главна дестинација за исламистите стана Сирија.

Германскиот министер за внатрешни работи Томас Де Мезие истотака верува дека радикалните исламисти од Германија соработуваат со движењето ИДИЛ во Ирак: „Ако знаете дека ИДИЛ е истата онаа организација која се бори и во Сирија, тогаш лесно можете да утврдите дека европски борци дејствуваат и во Ирак. Тоа е за нас секако многу загрижувачки“, изјави неодамна сојузниот германски министер на состанокот со покраинските министри за внатрешни работи. И покрај тоа, Де Мезие беше многу нејасен во својот одговор на прашањето како да се спречи германските екстремисти да патуваат во завоените области. Министерот вели оти во прашање е многу чувствителна тема, бидејќи се работи за германски граѓани, а тие во секој момент можат да ја преминат турската граница само со лична карта и оттаму да се вратат во својата матична земја.

Учесниците во актуелните конфликти во Сирија и во Ирак се веројатно радикализирани и трауматизирани поради она што го имаат преживеано, но исто така се и искусни во борбените дејствија. Државните органи сѐ уште утврдуваат кои правни можности воопшто им стојат на располагање за да го спречат враќањето на таквите борци во Германија.

Топовско месо или муниција за пропаганда?

Германската служба за заштита на уставот смета дека постои „сѐ поголема закана“ од таквите повратници. Другите исламски екстремисти ги доживуваат како херои, а на германската исламистичка сцена „повратниците од Сирија уживаат статус на поп- ѕвезди“, вели еден германски истражител за весникот „Билд“.

Libanon ISIL-Kämpfer
Фотографија: Radwan Mortada

Треба да се напомене дека военото значење на доброволците од Запад е занемарливо. ИДИЛ располага со над 10.000 борци, што значи дека неколку стотини неискусни и едвај обучени екстремисти од Европа нема да го сменат односот на силите, смета Фалко Валде. „Меѓутоа тие за ИДИЛ имаат сосема поинакво значење, и тоа во пропаганден смисол. За таа група терористи е многу важно да може да каже оти во нивните редови нема само борци од Ирак, Сирија и Заливските држави, туку дека ги убедиле и Европејците да им се придружат.“ На тој начин ИДИЛ добива позитивен публицитет, а таа формација знае како да го искористи тоа: „Таквите пропагандни пораки многу брзо се шират преку социјалните мрежи, а тоа може да поттикне регрутирање на нови борци“, вели Валде.

Повратниците како безбедносен ризик

Безбедносните органи пред сѐ стравуваат од тоа дека џихадистите своето воено искуство од Блискиот Исток би можеле да го искористат за напади во Европа. Фалко Валде тврди дека ваквите стравувања веќе се оствариле. Четири луѓе беа убиени на крајот од мај во Белгија во терористичкиот напад во Еврејскиот музеј во Брисел, а за него е уапсен францускиот граѓанин Мехди Немуш.

„Нападот го изврши борец кој беше обучен од страна на ИДИЛ. Тоа покажа дека тој конфликт не познава граници“, вели експертот од фондацијата Фридрих Нојман. Валде потсетува и дека постојат информации за индоктринација на младите борци во текот на војната. „Станува збор за екстремистичко, фундаменталистичко сфаќање на исламот, кои продира во сите области на животот. И секој кој потполно ќе и се посвети на таа идеја, веројатно ќе биде подготвен да извршува терористички напади и во Европа“, истакнува Валде.