Германско-француски апел до Киев
24 февруари 2016Кризата во Киев се заострува и затоа апелот кој стигна од Германија и Франција беше навистина итен. Украинската влада мора да истрае на курсот на модернизација без оглед колку е тоа „компликувано и болно“- тоа се наведува во заедничкиот коментар кој за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го објавија шефовите на германската и француската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер и Жан-Марк Еро.
Не е првпат во историјата Украина да има трагичен след. Министрите посакуваат „овојпат сепак да се заврши среќно“. Дали ќе биде така? Многумина се скептични. Украинскиот премиер Арсениј Јацењук минатата недела преживеа гласање за доверба. Против него застана и претседателот Петро Порошенко, но мнозинство во парламентот за смена на Јацењук немаше. Сега Украина, и онака ослабена од војната против проруските сепаратисти, се движи кон нови избори. Основните точки на спорот во Киев се сузбивањето на корупцијата и економските реформи, кои ги бараат западните партнери и ММФ.
Корупција и реформски процес
ММФ во 2015 година на Украина ѝ одобри финансиски пакет на четири години во износ од 17,5 милијарди долари. Досега од таа сума Украина доби 6,7 милијарди. Ратата од 1,7 милијарди долари, која требаше да биде исплатена во октомври минатата година, беше стопирана поради бавното спроведување на реформите. Украинското стопанство, критикуваат Штајнмајер и Еро, доживеа пад од „невидени димензии“. Поединци во свои раце акумулираа „огромна економска власт“ и бесрамно ја користат за сопствено политичко влијание. Уште повеќе, поради тешките обвинвуања за широко распространета корупција се доведува во прашање и општествената кохезија.
Штајнамајер и Еро отпатуваа во Украина за лично да стекнат претстава за тоа што се случува таму. Пред полетувањето во понеделникот, апелираа до владата во Киев да продолжи со реформскиот процес. „Киев мора да пронајде начин да се врати на реформите“, рече Штајнмајер. Тој го критикуваше „големото доцнење“ во изработката на новиот Устав и Изборниот закон. Истовремено, министерот побара од Украина да се придржува до мировниот договор од Минск и до одредбите кои се договорени за истокот на земјата.
Патувањето во Украина, според Еро, имаше за цел да се изнајдат можни решенија за една од најтешките кризи која ЕУ мора да ја спречи во своето соседство. Германија и Франција соработуваат со Украина и Русија во изработката на т.н. „нормандиски формат“ за спроведување на договорот од Минск. Наредната средба на министрите на четирите земји, според министерот Еро, е планирана за 3 март во Париз.
Дали кризата во Киев дотогаш ќе биде решена? Апелот на министрите е итен: „да се решаваат проблемите во земјата, значи да се остане верен на духот на Мајдан, кој пред две години се разви на така фасцинантен начин“.