Германското единство - задача за следната генерација
3 октомври 2019Поделбата на Германија се почувствува во многу семејства - браќа и сестри беа одделени, а многу деца имаа тетки и чичковци во другиот дел од земјата. Изградбата на Берлинскиот ѕид во 1961 година доведе до многу семејни драми. Многумина од оние кои тоа го доживеаја како возрасни луѓе, во меѓувреме се мртви или се многу стари. Исчезнаа сите оние за кои „единството“ секогаш беше лична желба. Поделбата за нив беше грешка која донесе страдање и која требаше да се надмине. Затоа и меѓу многу западни Германци постоеше голема подготвеност да им помогнат на роднините во економски многу послабата Источна Германија. Во ГДР им испраќаа илјадници пакети со кафе, јужно овошје, облека и убави чоколада.
Но, веќе за децата од оваа генерација поделбата на Германија за време на 1970-те и 1980-те беше нормална состојба. Бидејќи, тие растеа или во Западна, или во Источна Германија и според тоа - во целосно различни светови.
Дојде и голема невработеност
На Западот припадниците на движењето 1968-ма одеднаш почнаа на своите родители да им поставуваат прашања за нивната улога во националсоцијализмот. Поимите како што се „нација“ или „татковина“ одеднаш почнаа да важат за надминати и снобовски - интернационализмот стана популарен. Европска Унија нудеше пат од потиснатите прашања за национална вина. Роднините во Источна Германија во сивото секојдневие на својата диктатура живееја некаде далеку... А тогаш дојде револуцијата во 1989 година, падот на Ѕидот, и една година подоцна и повторното обединување на Германија. Но, кога помина еуфоријата, истокот на земјата загуби на значење. Ни денес 20 отсто од западните Германци не ја посетиле источна Германија!
По „пресвртот“, како што е исто така нарекувана револуцијата од 1989 година, од Запад протекоа стотици милијарди за обнова на сиромашниот исток. Но, пресвртот за многу источни Германци значеше пред сѐ невработеност - секој втор ја загуби работата. Западот кој се „урна“ врз нив, Западот кој некогаш во пакетите мирисаше толку убаво и личеше на рај, се покажа како сурово конкуретно општество. Идеалната слика брзо избледе. Оние кои не можеа, или не сакаа, да држат чекор, се повлекоа и почнаа разубавено да зборуваат за ГДР.
Спојувањето прерано наиде на пречка
И партиите загубија интерес за внатрешногерманско спојување. Навистина, гордо ги презентираа податоците според кои се напредуваше - што и беше точно. Но, никој не се осудуваше сериозно да започне дебата за времето на револуцијата и неговите губитници. На Запад многумина не сакаа да слушнат за тоа и ги викаа своите браќа и сестри во источна Германија „кукумјавки“, велејќи им дека конечно треба да престанат со своите негативни приказни. Притоа, источните Германци сакаа да зборуваат за тоа како се чувствувале кога речиси преку ноќ се разбудиле во друга држава со нови и за нив непознати правила и закони. На крајот, ГДР на 3 октомври 1990 година пристапи во Сојузна Република Германија - нивната држава значи, исчезна.
Двете генерации - и онаа која живееше за време на изградбата на Ѕидот и онаа која го славеше неговиот пад - многу преживеаја, многу страдаа. Има работи со кои ниту едните ниту другите сѐ уште се немаат соочено. А таквите работи не можат едноставно да исчезнат, туку се пренесуваат на следните генерации.
Десничарската партија „Алтернатива за Германија“ го воочи тој принцип и го искористи за себе. „Да се заврши политичкиот пресврт“- гласеше нејзиниот слоган на покраинските избори во Германија, во септември годинава. Тоа повикување на 1989 година очигледно беше успешно. АфД постигна рекорден успех на тие избори - и тоа токму меѓу младите.
Мора храбро да се продолжи натаму
Обединувањето и историјата на политичкиот пресврт сѐ уште не се завршени. Она за што родителите и нивните родители не сакаа или не можеа да говорат, ќе биде тема за нивните деца и внуци. Начинот на кој тие ќе се соочат со тоа наследство ќе биде решавачки за идниот соживот на источните и западните Германци. Мирната револуција и повторното обединување беа и останаа среќни моменти за Германците. Таа приказна мора да се раскажува и натаму - од една страна.
Од друга, пак, потребна е храброст и политичка волја да се говори за проблемите за време на пресвртот. Би било штета тоа поглавје од историјата да им се препушти на оние кои сакаат да го инструментализираат во политичката борба. Истокот и Западот никогаш веќе не смеат да дозволат некој да ги дели!