1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците најмногу се плашат од војна и инфлација

Сабине Кинкарц
3 јуни 2022

Никогаш во историјата на Сојузна Република Германија владата не морала истовремено да се бори со толку многу проблеми. Можат ли политичарите да најдат правилни одговори?

https://p.dw.com/p/4CF9C
Deutschland | Supermarkt in Neubiberg
Фотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Украина ќе добие најмодерен систем за противвоздушна одбрана кој го има Германија. Освен тоа, ќе добие и повеќецевни ракетни фрлачи и силен извидувачки радар, за да може да открива руски ракети и дронови. Со оваа најава Олаф Шолц ги изненади своите критичари. Со недели канцеларот е обвинуван за кочење на  испораките на оружје за Украина

Оној кој бара причини за досегашната  воздржаност на Шолц,  ќе ги пронајде во неговата партија. Во СПД пацифизмот е длабоко вкоренет, а тоа важи и за мнозинството бирачи на партијата. На прашањето дали сојузната влада треба да биде воздржана или одлучна кога е во прашање воена помош за Украина, речиси секој втор гласач на СПД се изјаснил за воздржаност, за да не се провоцира Русија. Тоа го покажува најновото репрезентативно истражување  Дојчландтренд(Deutschlandtrend),  кое за првата програма на јавниот сервис АРД редовно го спроведува Институтот „Инфратест-димап“.

Целосно поинаква е ситуацијата кај Зелените: 74 % од нивните приврзеници сметаат дека владата во поглед на воената поддршка за Украина требало да биде што може поодлучна и треба да ѝ покаже заби на Русија. Тоа е изненадувачки, со оглед што Зелените не настанаа само од движењето за заштита на природата, туку и од мировното движење.

Големи разлики постојат меѓу германскиот исток и запад. Во врска со  воената помош  за Украина, 53 % од Германците на запад заговараат одлучност кон Русија, а на истокот на земјата само 35 % од испитаниците.

Испораки на оружје, санкции, дипломатија

Вкупно 42 % испитаници во цела Германија сметаат дека владата во Берлин на соодветен начин ја помага Украина со оружје, а 29 % мислат дека таа поддршка не е доволна.

Дипломатските можности за решавање на судирот моментно се слаби. Неодамна канцеларот Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон телефонски разговараа со Владимир Путин- без никаков резултат. Без оглед на тоа, 41 % од испитаниците смета дека Германија би требало да вложи повеќе енергија во дипломатија. Истовремено, ист толкав процент испитаници смета дека санкциите не се доволно остри.

Infografik - DeutschlandTrend 06/2022 - EN

Климатските промени на трето место

Но, војната во Украина не е единствен проблем со кој се соочува во моментов Германија. Присутна е цела низа кризи, што се одразува и на ставовите на граѓаните и што доведе до промена на приоритетите во изминатите недели. Додека во септември климатските промени беа наведувани како главен проблем со кој треба да се соочи германската политика, сега најчесто се споменува војната во Украина и инфлацијата. Климатските промени се на трето место.

Инфлација

Војната доведе до нагол пораст на цените на енергенсите, но и на цените на храната. Речиси половина од Германците (47%) изјавиле дека поради порастот на цените се соочуваат со големи ограничувања во секојдневието. Меѓу нив се посебно многу од оние со помали примања (77%), како и граѓани на истокот на Германија (59%).

Сојузната влада воведе повеќе мерки за финансиско растоварување на граѓаните. Воведен е месечен билет за градски и приградски сообраќај кој во јуни јули и август ќе чини само девет евра месечно, данокот на гориво е намален за 30 центи по литар, секој вработен ќе добие паушално 300 евра за трошоци за греење. Иако мерките се временски детерминирани, мнозинството граѓани ги оценуваат за позитивни.

Работата на сојузната влада, составена од три партии (СПД, Зелени и ФДП) испитаниците ја оценуваат најлошо од нејзиното доаѓање на власт: 59 % се незадоволни (два проценти повеќе отколку пред еден месец), додека задоволни се 39 % (-2 %). Симпатизерите на СП (72%) и на Зелените (62%) уште добро ја оценуваат работата на сојузната влада, додека мнозинство симпатизери од ФДП (55%) се понезадоволни.

Бербок и Хабек поомилени отколку било кога досега

Меѓу најомилените политичари во Германија и натаму водат претставниците на Зелените, сојузната министерка за надворешни работи Аналена Бербок и министерот за економија, Роберт Хабек, нивната работа наидува на поддршка од 60 % од испитаниците, нивен најдобар резултат досега. Канцеларот Олаф Шолц има поддршка од 43 % од испитаниците.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ