1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МузикаГерманија

„Гетинген“ – шансона како симбол за помирувањето

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
11 јули 2022

Помирување преку шансона настаната „благодарение на тврдоглавата упорност на Гинтер Клајн, на десет студенти, на љубезноста на една стара дама... и на длабоката желба за измирување, но не и за заборав.“ Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4Dw9Y
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Приказната за шансоната на една француска Еврејка која стана еден од симболите на француско-германското помирување, денес бездруго на многу Македонци ќе им се причини како лицемерна бајка или како романтична фикција. Меѓутоа, таа е многу реална и на најубав начин покажува што, всушност, значи европското помирување како цивилизациски и хуманистички чин. А ако поверуваат во нејзината реалност, тие веројатно ќе се прашаат каде исчезнал тој дух на ЕУ кој некогаш беше инспириран од најблескавите творечки европски умови? Каде е визијата за една емпатична Европа, која ги раководеше големите европски државници како Вили Брант и писателите како Гинтер Грас?

Пријателството на два народа не може да се воведе со политички диктат, без да се создаде клима за него во двете општества. Симпатијата на соседниот народ не може да се освои ниту со гигантски систем за гонење на „говорот на омраза“, ако ни ние самите не сакаме да ги промениме нашите чувства за соседот. Денес се заборава дека првиот политички договор за француско-германско пријателство, оној од Локарно од 1925-та, беше неуспешен. На неговите актери, францускиот министер за надворешни работи Аристид Бријан и неговиот германски колега Густав Штреземан, 1926-тата им беше доделена Нобеловата награда за мир. Сепак, по седум години подемот на Хитлер го збриша договорот. Требашедвата народада минат низ уште една стравотна војна за да ја научат лекцијата од минатото. Требаше општествата да станат свесни дека во војната сите народи се губитници и да почнат да ја остваруваат визијата на европското обединување. На таа визија за обединета Европа – Европската Унија – во 2012 ѝ беше доделена Нобеловата награда за мир.

Потребна е нова приказна

Шансоната „Гетинген“ на француската пејачка Барбара нѐ потсетува дека за да почне да се создава вистинско европско пријателство меѓу два соседни народа (и меѓу македонскиот и бугарскиот) е потребен еден нов помирувачки наратив. Не историски наратив, туку една нова приказна. Секојдневна, обична, човечка приказна, која ќе има сила да ги обедини во сегашноста, а не да ги заробува во минатото. На пример, кога зад двете граници би станала омилена една песна, еден ист роман или филм. Тој тогаш би ја имал улогата на обединувачка приказна. Таа би почнала да ги ослободува умовите од границите на идеологијата и би им ги отворила срцата за љубопитноста кон непознатото и различното на Другиот. Помирувањето претпоставува емпатија за туѓото, непознато страдање, за кое, откако ќе му се приближиме, сознаваме дека е исто со нашето.

Така јас деновиве се чувствувам читајќи ја книгата на бугарската писателка Капка Касабова. Фамилијарната траума за која таа раскажува беше и траумата на мојата егејска фамилија. За помирувањето се потребни нови лица во кои ќе ги препознаеме нашите сопствени човечки драми и радости. Макединците и Бугарите нема да ги измири ниту Гоце Делчев ниту Самоил. Ќе ги измират луѓе кои ќе ги научат да ги слушаат приказните на другиот народ, за да сознаат дека на Балканот има малку фамилии кои не го доживеале прогонството, загубата на татковината, загубата на домот и на гробовите на предците. Само така мирот може да го победи култот на војната кај балканските народи.

„Беше еднаш еден концертен клавир...“

Беше изминала само една година од потпишувањето на договорот за пријателство и соработка во Елисејската палата, кога во јули 1964-тата, во едно кабаре во Париз еден млад Германец ја покани познатата француска пејачка на шансони, Барбара, на концерт во неговиот град Гетинген. Ханс Гинтер Клајн беше директор на малечкиот „Млад театар“ во еден од најстарите и најубавите германски универзитетски градови, Гетинген. Барбарa беше уметничкото име на пејачката и авторка на текстот на шансоната „Гетинген” (Göttingen") која стана манифестот на штотуку започнатиот процес на француско-германското измирување. 37-годишната пејачка, всушност, се викаше Моник Серф (Monique Serf). Како дете од еврејско семејство, детството во Втората светска војна го беше поминала криејќи се постојано од депортацијата во германските логори на смртта. Разбирливо, таа Германија и Германците ги поврзуваше само со сопственото трауматично сеќавање на војната. Затоа ја одбила поканата на младиот Германец, иако тој ѝ раскажувал со восхит за својот театар и за студентскиот живот во Гетинген. Сепак, утредента му се јавила и ја прифатила поканата, поставувајќи еден услов. На концертот да свири на концертен клавир.

Кога стигнала во салата на театарот, која собирала само стотина слушатели, се изненадила кога наместо концертен клавир, на неа чекало старомодно, големо и високо пијано. Згора на тоа, било поставено така што додека таа би седела пред него, публиката не би можела да ја види. Затоа одбила да настапи и седнала во првиот ред, додека салата се полнела со студенти, љубопитни да ја чујат прочуената шансониерка. Ѝ било објаснето дека во Гетинген штрајкувале носачите, та затоа не им бил доставен концертниот клавир. Во тој миг некој од студентите се сетил дека сопственичката на зданието во кое бил театарот живеела на горниот кат и имала концертен клавир. Старата дама се согласила неколку студенти да го симнат концертниот клавир во преполната сала на театарот. Пејачката Барбара била пријатно изненадена од итната акција на студентите, но ја почувствувала и нивната голема желба да ја чујат нејзината песна. Концертот започнал два часа подоцна од закажаното време. Утредента Барбара го разгледала стариот универзитетски град со чудесно убава стара архитектура. Во некои извештаи за нејзиниот прочуен прв престој во Гетинген се раскажува дека таа во старите, романтични сокаци со богато украсените средновековни куќи на богатите трговци со текстил си купила чевли, што е достоен сувенир за секоја парижанка. Го продолжила својот престој за една недела, во која новите пријатели ѝ ги покажале сите знаменитости во градот и во неговата околина. Во Гетинген во минатото работеле браќата Грим, со чии бајки раснат не само германските, туку и француските деца.

Frankreich Deutschland Musik Sängerin Barbara oder Monique Andrée Serf in Göttingen
Студенти го симнуваат концертниот клавир во преполната сала на театарот, каде потоа настапи БарбараФотографија: Stadtarchiv Göttingen

Пред да замине од Гетинген, во градината на театарот, преполна со расцутените грмушки од рози, Барбара ја напишала шансоната „Гетинген“. Уште првата верзија, која ја пеела истата вечер, ги содржела сите нешта кои таа ги доживеала во стариот германски град. Во мемоарите под наслов „Беше еднаш еден концертен клавир...“, кои на германски беа објавени во познатата издавачка куќа во Гетинген, Валштајн-ферлаг, Барбара напиша дека „оваа шансона настанала багодарение на тврдоглавата упорност на Гинтер Клајн, на десетте студенти, на љубезноста на една стара дама, на русокосите деца во Гетинген, како и на длабоката желба за измирување, но не и за заборав.“ Песната веднаш станала хит во Франција и во Германија, но и манифест на пријателството меѓу двата народа, затоа што нејзиниот текст ја опишува новата ситуација во која тие почнуваат да се запознаваат и да чувствуваат симпатија еден за друг.

- повеќе од авторката: Многујазичноста на ЕУ и бугарското непризнавање на македонскиот јазик

Децата се исти во Париз и во Гетинген

Кога вчера цел ден ја слушав на Јутјуб шансоната „Гетинген“, ги читав и коментарите на Французи и Германци. Особено срдечни беа коментарите на тие кои во шеесеттите биле студенти и младинци, затоа што таа шансона го изразува нивното чувство за животот, нивниот поглед на светот, но, пред сѐ, на Европа. Многу од нив пишуваа: „Да живее Германија, да живее Франција!“ Таква мисла била незамислива до Втората светска војна! Меѓутоа, со размената на младинци и студенти помеѓу Франција и Германија, многу француски ученици поминуваат неколку недели во германски фамилии и обратно. Така го запознаваат менталитетот и културата на соседот.

- повеќе од авторката: Животопис со книги - шифрите во нашите лични библиотеки

Шансоната „Гетинген“ не е само убава мелодија, туку има и длабоко хумана поетска порака. Напишана и компонирана од Еврејка, која на своите сограѓани Французи им открива како се вљубила во еден германски град. И им раскажува дека децата се исти во Париз и во Гетинген. Дека посакува никогаш да не се повтори времето на војната и омразата, затоа што во Гетинген се луѓето што ги сака.

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.