1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Главен тренд во Женева е хибридниот мотор

16 март 2007

Хибридниот мотор штеди гориво

https://p.dw.com/p/Aec0
Тојота Приус со хибриден мотор
Тојота Приус со хибриден моторФотографија: dpa

На овогодишниот автомобилски саем во Женева и покрај многубројните автомобили со високолитражни мотори овој пат во прв план се најдоа моделите кои штедат гориво. Во центарот на вниманието беа автомобилите со таканаречениот хибриден погон.

Хибридните погонски системи претставуваат комбинација од најмалку два различни видови погони. Хибридните мотори кои денес се вградуваат во автомобилите комбинираат еден конвенционелен мотор кој работи на согорување на гориво и еден мотор кој функционира на струја. Оваа техника овозможува подобро забрзување, помала потрошувачка на гориво и помала емисија на штетни издувни гасови.

Денешните хибридни системи користат дел од енергијата која се ослободува при кочење за да ја полнат електричната батерија. При возењето батеријата се полни и со помош на посебен генератор.

Двете методи имаат најголем ефект при возење во град

Кога автомобилот не се движи моторот што работи на согорување се гаси. На тој начин се постигнува голема заштеда во потрошувачката на гориво. Кога се чека на семафор или пак кога се вози многу бавно, на пример при паркирање, се користи само електричниот мотор.

Историјата на хибридниот погон започна во 1896 година

Уште во тоа време автомобилскиот конструктор Фердинанд Порше пријави патент за електрични мотори и крако време потоа изгради динамо кое со помош на согорување на гориво го полнеше акумулаторот со струја. Посериозни студии за електро-хобридни автомобили се појавија на почетокот на седумсететите години. Тогаш американецот ВикторВоук од еден автомобил од типот „Бјуик Скајларк„ изгради хибридно возило.

Германскиот производител на автомобили Мерцедес-Бенц во 1982 година на јавноста и претстави еден хибриден прототип кој за жал никогаш не стигна до сериско производство. И други германски производители како Ауди и Фолксваген со децении работеа на хибридниот погон. Во средината на 1990 години Ауди се обиде на пазарот да воведе сериски хибриден автомобил, Ауди 80 дуо, подоцна Ауфи А4 дуо, но проектот пропадна поради превисоката цена на автомобилот која изнесуваше околу 60.000 германски марки.

Во 1997 година започна успешната приказна на хибридниот автомобил на Тојота

Моделот Приус од тогаш па до денес се продаде околу 750.000 пати. Во меѓувреме тој се наоѓа во неговата трета генерација. Според најновите информации на Тојота оваа година продукцијата ќе се зголеми на 430.000 возила, а до 2010 година концернот си ја поставува целта од 1 милион продадени возила. Автомобилите подобро се продаваат во САД отколку во Европа, но и на двата континенти процентот на пазарот е релативно мал: во САД 0,5 а во Европа 0,06 проценти.

За да не се зголеми предноста на јапонците повеќе произвидели на автомобили направија алијанси со цел побрзо да дојдат до конкурентен хибриден погон. БМВ, Џенерал Моторс и ДајмлерКрајслер во овој проект вложуваат една милијарда американски долари. Волксњаген, Порше и Ауди исто така основаа алијанса.

Хибридниот автомобил има и негативни особини

За многу експерти хибридниот погон е сепак само едно преодно решение на патот кон стопроцентно еколошкиот автомобил, на пример на водороеден погон. Една негативна особина на хибридниот автомобил е големата батерија која со својата тежина допринесува до зголемено трошење на енергија односно бензин. Втор проблем со батеријата е начинот на кој таа се прави и нејзиното подоцнежно отстранување. При производството се троши многу енергија, а еколошкото отстранување е проблематично.

Најпознатите хибридни возила во Германија денес се Toyota Prius, Lexus RX 400h i GS 50h i Honda Civic IMA.