Главниот уредник на „Хуриет“ прими награда на Дојче веле
13 јуни 2016„Јавно признавам, моите чувства за оваа награда се помешани“, изјави главниот и одговорен уредник на турскиот весник „Хуриет“ по приемот на признанието кое Дојче веле го доделува за слобода на говор.
„Доделување награда всушност би требало да е чин поврзан со задоволство. Но да се прими награда за слобода на мислење не е воопшто весел повод, зашто одликувањето на една личност истовремено е и истакнување на критичната ситуација со слободата на печатот“, истакна Ергин. Во моментов против него во Турција се води судска постапка поради навреда на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. „Хуриет“ е најтиражниот независен весник во Турција. Неговите редакциски простории минатата година беа двапати напаѓани од приврзениците на конзервативната партија АКП, вооружени со камења и палки.
Генералниот директор на Дојче веле во својот поздравен говор на Глобал медиа форум пред околу 2.000 учесници од над 100 земји укажа дека во време на интернет ширењето на вестите навистина е полесно, но истовремено е послено и нивното манипулирање. Притоа, тој полага големи надежи во социјалните мрежи: „Најефективен начин да се учествува во глобална дебата е што е можно поголем број наши корисници да го изразат своето гледиште преку социјалните медиуми.“
„Промени се можни само ако луѓето можат слободно да комуницираат. Можност за споделување на своите идеи и вредности, а преку тоа и инспирирање на оние кои мора да живеат под контрола на диктатури.“ Желбата е да се реализира слободата на говор како универзално право.
Полска и Унгарија на срамен столб
Лимбург истакна дека и во рамките на ЕУ не постои гарантирана слобода на медиумите, дека на удар на владите во Полска и во Унгарија се критичките новинари, посебно во јавните сервиси. Но, слободата на печатот е загрозена и од други актери. Во овој контекст Лимбург ги спомена десните популисти, кои на пример новинарите во Германија ги жигосуваат како „Печат на лаги“. „Тие не толерираат разноликост, за нив вистината се состои само во потврдата на нивното сопствено мислење“.
Затоа, Лимбург предупреди: последиците во двата случаи се драматични: „Крајот на слободата на мислење значи почеток на крајот на демократијата.“