1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Bonn GMF09

3 јуни 2009

Кога претставници на медиумите од целиот свет ќе се најдат на едно место со најважните актери од светот на политиката, културата, економијата и науката - тогаш мора да се работи за Глобалниот Медиумски форум во Бон.

https://p.dw.com/p/I252

Дојче веле се профилира како германскиот глас на човековите права. А токму човековите права најчесто многу страдаат во време на конфликти - било да се работи за меѓународни судири, граѓански војни или меѓусебни пресметки на два народи. Затоа е сосема разбирливо што Дојче веле се ангажира во спречувањето на конфликтите. Со оглед на тоа што медиумскиот свет, во последниве години, драматично се измени, пред се` поради интернетот и новите технологии, преку интернет мрежи како Фејсбук или Твитер, вториот Глобален медиумски форум носи наслов „Спречување конфликти во мултимедијално време“. Ралф Нолтинг, раководител на Друштвото за медиумски сервис на Дојче Веле, е еден од организаторите на тридневната програма за конференцијата: „Политички конференции има доволно. Има и доволно медиумски конференции. Нашата цел беше да организираме конференција што ќе ги спои двете компоненти. Тоа значи, на една страна постојат многу луѓе и организации, кои се занимаваат со најитните прашања, важни за светот - политичари, научници, невладини организации. На друга страна, пак, се оние кои се занимаваат со истите прашања, но од новинарски аспект - новинари, медиумски компании, но и научници и техничари кои се занимаваат со прашањето: како ќе се развиваат медиумите во иднина“, вели Нолтинг.

Концептот наидува на огромен интерес

На овогодинешниот Глобален медиумски форум, наместо големи манифестации, Дојче веле ќе организира повеќе помали работилници и панели. Вклучувањето на учесниците тука не само што е можно, туку e и пожелно. Со ваквиот концепт, Глобалниот медиумски форум ќе организира преку педесет поединечни работилници. Понудата наидува на огромен интерес, објаснува Ралф Нолтинг: „Засега има 1.200 пријавени, но секогаш мора да се смета на десет проценти од учесниците, кои нема да се појават. Но, сметам дека сигурно ќе има деветстотини учесници. А во година на финансиска и економска криза, тоа е одлична бројка“.

Global Media Forum Covering hostile environments
Од минатогодишниот Глобален медиумски форумФотографија: Foto: DW/B.Frommann

Конференцијата ќе биде отворена денеска (03.06.2009), со предавање на експертот за интернет, Хавард Рајнголд, кој со години ги истражува механизмите на новите комуникациски технологии. Тој е фасциниран како мобилните медиуми и луѓето од интернет-ерата успеваат со брзо темпо и во големи размери да организираат заеднички акции. На пример, во 2001 година една ваква акција, координирана преку смс-пораки, доведе до соборување на филипинскиот претседател Џозеф Естрада. Хавард Рајнголд, во Бон ќе зборува за тоа како овој потенцијал на новите средства за комуникација може да се искористи за спречување на конфликти.


Автор: Матијас фон Хајн / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска