Година на големи очекувања
1 јануари 2021Ако 2020-та година беше Ковид-година, која помина во сенка на пандемијата, новата 2021-ва е година на големи очекувања. Но, и сериозни предизвици за граѓаните на Северна Македонија. Над земјата веќе надвиснува облакот на грижи кој навестува дека ги очекува тешка пост-Ковид година, поради последиците од вирусот којшто економски го парализираше светот. Граѓаните, сепак, се надеваат дека стравот и неизвесноста ќе ги заменат со оптимизам и успех, по најавите дека можеби се наѕира крајот на голготата со Ковид-19. Многу неизодени чекори останаа за оваа година на македонската политичка и економска патека, но како приоритетни сепак можат да се издвојат три клучни прашања, за кои ќе биде неопходно да се повлечат вистинските потези: вакцинацијата на населението, како еден од најсериозните здравствени предизвици, потоа спорот со Бугарија, кој наметна сериозен застој во евроинтеграциите на Северна Македонија, и како последно, но не и најмалку важно - спроведувањето на пописот, како една од најобемните статистички операции со политички импликации.
Вакцинацијата како предизвик
Атина, Рим, Хелсинки, Софија се само дел од европските центри во коишто во ист ден стартуваше вакцинацијата против Ковид -19, носејќи надеж дека се ближи крајот на пандемијата во Eвропа. На крајот на годината вакцината стана достапна за сите земји членки на Унијата. Обезбедени се дози за околу 450 милиолни луѓе. „Вртиме нова страница во оваа тешка година“, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пред масовната вакцинација. Првите дози пристигнаа и на Балканот - Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Грција веќе ја започнаа употребата на вакцината на „Фајзер“, којашто ја доби дозволата за итна употреба. Граѓаните на Северна Македонија, пак, до пред самиот крај на старата година беа во неизвесност. Првите вакцини се најавуваат за февруари, а земјата итно ќе мора да набави и специјални фрижидери за чување на вакцините.
- повеќе на темата: Вакцините пристигнуваат, кој прв ќе фати ред?
Поради „каскањето“ зад регионот, здравствените власти се под удар на критиките на јавноста и опозицијата, коишто ги обвинуваат за негрижа и бараат одговорност.
Дали Северна Македонија ќе остане слепо црево на Балканот? Ваквата дилема се наметна во јавноста откако од Владата најавија дека количество од 800 илјади дози од вакцината против Ковид-19 ќе пристигнат дури идната година преку Ковакс системот. Бугарија се согласи да донира одредено количество, а се прават преговори и за директна набавка од производителите. Дел од вакцините, земјата се надева дека ќе ги добие и од соседна Грција. Но, кога точно ќе почне вакцинацијата, не се знае.
„Вакцините коишто ќе ги добиеме, без разлика дали преку Ковакс-системот, од Грција или од Бугарија, најверојатно ќе пристигнат во март следната година. За вакцините имаме издвоено пари и ќе си ги платиме. Само ако некој рече дека е донација, тогаш нема да ги платиме. Инаку, без разлика дали како чин на пријателство некој ќе ни достави од нивните вакцини, ние ќе си ги платиме“, изјави неодамна премиерот Зоран Заев. Тој најави и дека руската вакцина „Спутник“ би можела да стигне во земјата, пред „Модерна“ или „Фајзер“.
-повеќе на темата: Вакцина за коронавирус– одговори на најважните прашања
Вакцинирањето ќе биде бесплатно и на доброволна основа. Децата не се предвидени за вакцинирање. Приоритет ќе имаат здравствените работници од ковид-центрите, граѓаните над 65 години и хронично болните. Ова се фактите кои се познати во јавноста. Се' уште е нејасно колку вакцини ќе пристигнат во земјата и колкав дел од населението ќе биде опфатено со вакцинацијата.
Спорот со Бугарија како пречка кон ЕУ
Македонија ќе продолжи да бара решение со Бугарија и идната година - ова е пораката којашто државниот врв во повеќе наврати ја испрати до јавноста, во услови кога со потешкотии се одвива работата на заедничката македонско-бугарска Комисија за историски прашања, а се' пожестоки стануваат и провокациите на релација Софија - Скопје. Во меѓувреме, со отровни стрели се „инфицираа“ вакцините, во препирките се вмеша и Исус Христос на кој му се прилепи „македонско потекло“, а од нападите не куртулија ниту Тито и Гоце Делчев.
„Веќе и не знаеме што Бугарија бара од нас“, изјави неодамна премиерот Зоран Заев, кој со овие неколку збора всушност ја отслика целата небулозна ситуацијата којашто ја држи во заложништво цела година земјата, а ги блокираше и надежите за скора интеграција во ЕУ.
-повеќе на темата: Сузане Шиц за бугарско-македонскиот спор: Разговорите мора да продолжат
„Северна Македонија ќе ја продолжи комуникацијата со Бугарија за изнаоѓање решение во духот на пријателството“, дециден е премиерот Зоран Заев. Според него, важно е каква историја ќе пишуваме денес и по што ќе ги паметат новите генерации сегашните политичари. Но, државниот врв не отстапува од црвените линии преку кои не може да се премине - па така јазикот и самоопределувањето е нешто во кое нема да се дозволи никој да задира.
На трнливиот пат на Северна Македонија кон ЕУ, постојана поддршка доаѓа од Германија. Директорката за Југоисточна Европа, Турција и државите од ЕФТА во германското Министерство за надворешни работи, Сузане Шиц вели дека разговорите мора да продолжат наредната година, со акцент дека за билатералните прашања, особено историските разлики, нема место во процесот на проширување. Таа нагласува дека приближувањето на Западниот Балкан кон ЕУ е стратешки важна одлука за регионот, но и за Унијата, па затоа тоа беше еден од приоритетите на претседавањето на Германија со блокот. Но, Шиц, изразува разочарување поради тоа што и покрај „навистина интензивната работа“, Бугарија и Северна Македонија не успеаја да изнајдат компромис, потенцирајќи дека не смее да се заборави дека оти оваа година земјата стана членка на НАТО.
Се' поизвесно е дека разговорите меѓу двете соседни земји ќе продолжат и наредната година во обид да се изнајде прифатливо решение, откако ЕУ стави јасно до знаење дека за билатералните прашања, особено историските разлики, нема место во процесот на проширување. Интенцијата е прашањата кои се однесуваат на заедничката историја да се дискутираат во Комисијата на историчари која ја создадоа двете држави во рамките на Договорот за пријателство. А Бугарија е на потег да докаже, дека не само декларативно, туку со „чисто срце“ сака Северна Македонија да се приклучи во ЕУ.
„Многу често сум употребувал мој наратив заради искрената потреба да имаме одлична соработка, најдобро пријателство и се', дека ние сме браќа, треба да градиме пријателство, но наеднаш решија татковци да ни станат и тука е проблемот. Така што, обидувајќи се да градите братство, наеднаш решија нашите пријатели да ни станат татко“, изјави премиерот во телевизиско интервју деновиве.
-повеќе на темата: Бугарско вето во ЕУ: Има ли надеж за пробив?
Проблемот почна од долгото и краткото име, дали Република Северна Македонија е исто со Северна Македонија оти Северна Македонија постоела како можност да има територијални аспирации према Бугарија. „Северна Македонија нема никакви територијални претенции према Бугарија, ниту кон која било од соседните земји“, дециден е премиерот. Заедничка историја, вели тој, има не само Република Северна Македонија со Република Бугарија. Заедничка историја има целиот Балкан, заедничка историја има цела Европа. Не е заедничка ако е бугарска, не е заедничка ако е македонска. Заедничка е кога истовремено е и македонска и бугарска“, вели Заев.
Идната година се очекува да се искристализираат и дилемите - дали острата и провокативна реторика којашто доаѓа од Бугарија е всушност за внатрешна употреба во земјата и е поттикната од престојните избори. Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека Бугарија до изборите, до месец април, ќе тренира жестокост врз Северна Македонија. „Бугарија одбра до избори до март – април да тренираме жестина врз Македонците и врз Македонија. Така што отприлика таа стратегија е јасна како ден и се гледа“, рече Мицкоски.
Пописот - статистика или политичка операција?
Ќе дочека ли пописот полнолетство напролет? 18 години по последниот попис во Северна Македонија, државата повторно е пред предизвик за организирање на најсложената статистичка опрерација, којашто е закажана за напролет. Подготовките само што започнаа, а веќе се проследени со опструкции, обвинувања за „талибански попис“ и барања за кои власта оценува дека се нереални и чија цел е одложување на пописот во април идната година.
Опозицијата, на неколку месеци пред пописот, излезе со предлог за набавка на 10 илјади терминали со кои би се земале отпечатоци од прсти при спроведување на пописот во април наредната година. Според партијата, начинот на кој моментално се планира да се спроведе пописот ќе даде нереални резултати од 3 милиони жители.
-повеќе на темата: Попис по нов метод, но со стари дилеми
„Кога една партија неколку месеци пред пописот што сите го чекаме речиси 20 години, ќе ви даде предлог да се купат илјадници апарати за чија набавка не само што требаат пари, туку треба и долг временски период, тоа практично покажува дека повторно не сака да има попис“, експресно одговори министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Зачестените реакции на опозицијата во врска со пописот доаѓаат откако Владата одлучи да го повлече предлог-законот за попис од Собранието и да го поднесе повторно, но со европско знаменце за да спречи блокада од ВМРО-ДПМНЕ. Иако надлежните упорно уверуваат дека станува збор само за статистичка операција, последниот неуспешен попис во 2011 година, како и самиот факт што земјата нема организирано попис 18 години, со што е единствена држава во регионот и пошироко без спроведена ваква статистичка операција, покажува дека политиката и тоа како ги има вплеткано прстите во тоа.
Пописот е планирано да се реализира според бројни правила на Евростат. Токму во Извештајот на ЕК пописот се споменува како обврска кој земјата треба да ја споведе. Со пописот ќе бидат опфатени државјани на Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во државата, без разлика дали се тука или во странство во моментот на пописот; странски државјани кои престојуваат во државата со одобрение на престој и лица без државјанство кои во моментот на спроведување на пописот се затекнати во државата.
„Пописот ќе чини вкупно 8,5 милиони евра. Тоа е за 5 милиони евра помалку од пропаднатиот попис на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година“, најави премиерот Зоран Заев. Наместо хартија, ќе има електронски уреди. Одговорите на дел од прашањата ќе се земаат од базите на податоци кои се организирани во изминатите три години.
- повеќе на темата: Северна Македонија ќе се попишува електронски во време на пандемија
„Пописот во 2021 ќе се спроведе не заради тоа што премиерот Заев така рекол. И не заради тоа што Мицкоски така сака или не сака. Попис во 2021 ќе има заради тоа што развојот на нашата земја нема да биде можен без резултатите од овој попис“, дециден е Заев, кој смета дека на граѓаните, институциите, организациите, бизнисот, науката и на академијата им требаат нови, релевантни и точни статистички податоци за населението.