1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Годинава ќе го снема Џерманвингс

Жанг Данхонг/З.Јордановски26 март 2015

Од основањето во 2002 година, нискобуџетниот Џерманвингс се разви во носител на надежите на концернот-мајка Луфтханза. Билансот е засенет со падот на Ербасот во Алпите.

https://p.dw.com/p/1ExhS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Џерманвингс всушност е основан уште во 1997 година како фирма-ќерка на акционерското друштво за воздухопловен сообраќај Јуровингс и се викаше Јуровингс Флуг ГмбХ. Од самиот почеток седиштето на фирмата е во Келн. Луфтханза имаше околу една четвртина од акциите на Јуровингс.

Пет години подоцна Јуровингс Флуг ГмбХ беше преименуван во Џерманвингс ГмбХ. Новата компанија леташе со пет авиони од типот Ербас А 319-100 од аеродромот Келн/Бон кон туристички цели. Во почетокот филозофија на фирмата беше да нема никакво полсужување за време на летот за билетите да бидат поевтини. Подоцна беа понудени тарифи со повеќе комфор.

Јакнење на Џерманвингс и покрај отпорот

Од 2009 година Џерманвингс е во целосна сопственост на Луфтханза. Во острата конкурентска борба со нискобуџетните авиопревозници, Џерманвингс стануваше се’ поважен за концернот-мајка. Кристоф Франц, тогашен претседател на Управниот одбор на Луфтханза, стави личен акцент врз јакнењето на фирмата-ќерка и најави дека во 2012 година сите европски дестинации на Луфтханза, со полетување од Штутгарт, ќе му ги препушти на Џерманвингс. Критичарите му префрлуваа дека и’ наштетува на премиум-марката Луфтханза. „Ние немаме никаква полза ако одиме на пазарот со продукт од многу висок квалитет, но муштериите веќе не сакат да го платат“, ја бранеше Франц својата стратегија.

Неговиот наследник Карстен Шпор постапува уште порадикално при преструктуирањето. Во меѓувреме Џерманвингс ги презема сите летови на Луфтханза во Германија и во Европа, освен оние од аеродромите во Франкфурт и Минхен.

Годинава нов нискобуџетен концепт

Но, наскоро веќе ќе ја нема марката Џерманвингс. Кон крајот на минатата година Шпор објави дека понудата на евтини летови во целост ќе је префрли кај марката Јуровингс: „Џерманвингс претставуваше успех, но трошоците се причина за да се префрлиме на Јуровиингс“. Освен тоа, според шефот на Луфтханза, Јуровингс полесно би се пробил на другите европски пазари.

Новата фирма-ќерка на Луфтханза ќе лета и кон дестинации во Америка, во регинот на Индискиот океан и Африка. Заштеди ќе се остварат кај персоналот, оти Јуровингс не потпаѓа под тарифниот договор за платите на Луфтханза. Тој план предизвикува конфликти со синдикатите и е една од причините за постојаната серија штрајкови кај Луфтханза и Џерманвингс.

Во моментов, инаку, Џерманвингс е трета по големина авиокомпанија во Германија, по концернот-мајка Луфтханза и Ер Берлин.