Голема провокација на Пјонгјанг
16 јуни 2020Министерството за обединување на Јужна Кореја соопшти дека зградата на канцеларијата за врски во севернокорејскиот пограничен град Каесонг била крената во воздух во 14 часот и 49 минути по локално време, меѓутоа не изнесе повеќе детали.
На фотографиите кои ги објави јужнокорејската новинска агенција Јонхап се гледа густ чад над индустрискиот комплекс во кој се наоѓа канцеларијата за врски.Односите меѓу двете Кореи се веќе заострени поради подолгиот застој во нуклеарната дипломатија меѓу Пјонгјанг и Вашингтон.
Северна Кореја и претходно соопшти дека ќе ги запре сите канали на комуникација со Јужна Кореја бидејќи не успеа да го спречи испраќањето летоци против Пјонгјанг во Северна Кореја, и оти ќе ја уништи меѓукорејската канцеларија и ќе преземе воени чекори против Јужна Кореја.
Повеќе:
-Ким Јонг Ун се појави во јавност
-Загатката во врска со Ким Јонг Ун нема расплет
-Ким Јонг Ун е во критична здравствена состојба?
Северна Кореја соопшти дека активностите за испраќање летоци прекршија низа мировни договори меѓу Пјонгјанг и Сеул, особено Декларацијата од Панмуџон, потпишана во април 2018 година, која имаше за цел да ги намали тензиите.
Сестрата на лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, Ким Јо Џонг, предупреди за викендот оти Сеул наскоро ќе види „трагичен призор од уништената бескорисна канцеларија за врски Север-Југ“ и додаде дека ќе и' препушти на војската на Северна Кореја натамошна пресметка со Јужна Кореја.
Војската на Северна Кореја денеска најави оти ќе се врати во зоните кои се демилитаризирани во согласност со корејскиот мировен договор. Генералштабот на Севернокорејската народна армија соопшти дека ја преиспитува препораката на владеачката партија војската да се распореди во програничните подрачја кои се демилитаризирани.
Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин, ја повика вчера Севрна Кореја да ги намали тензиите. „Северна Кореја не смее да ја запре комуникацијата и да создава тензии за да не се врати часот на поранешниот конфронтациски период“, рече Мун за време на состанокот со највисоките советници.