1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кампањата финишираше со обвинувања за поткуп и злоупотреби

ДТЗ
15 октомври 2021

Дел од кандидатите кои најавуваа дека со „чист образ“ влегуваат во изборната трка за локалната власт, се најдоа под канонада обвинувања за злоупотреби.

https://p.dw.com/p/41iwq
Mazedonien Parlamentwahlen
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Изборната трка за локалните избори во Северна Македонија започна со ветувања за позитивна кампања, а завршува со обвинувања за поткуп, криминал, затаени долгови, злоупотреби, црни вреќи и заплашувања. Дел од кандидатите кои најавуваа дека со „чист образ“ влегуваат во изборната трка за локалната власт, се најдоа под канонада обвинувања за злоупотреби. Отровни стрели фрчеа и меѓу главните политички опонентни - СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но и меѓу партиите од албанскиот табор. На мета на негативната кампања се најдоа и дел од независните кандидати, а не изостанаа ниту закани и најави за тужби против клевета. 

Кој поткупувал и кој влечел црни ќеси 

„Премиерот и лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред избори дели поткуп на 160 фирми, а Христо Кондовски во Битола разнесува црни вреќи“, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Владимир Ѓорчев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција рече дека двајца кандидати на СДСМ за советници во Битола оделе во населбата Баиро и од возило со налепници на кандидатот за градоначалник, Христо Кондовски, делеле црни вреќи. 

Советникот во Општина Битола, Борче Корлевски, кој на овие избори повторно е кандидат за советник на СДСМ, возврати со кривична пријава за ваквите обвинувања. Тој тврди дека поради дождот кој обилно врнел, со ќесите биле заштитени зимски намирници за исхрана и детска количка. „Толку многу пари што дури и двајца ги кревавме и толку многу пари во визба ги сокривме. Срамота!”, порача Корлевски на обвинувањата за изборен поткуп. 

Опозицијата го обвини и премиерот Заев дека спротивно на Изборниот законик на дневен ред на владата ставил точка за гласање без расправа – доделување финансиска поддршка на 159 компании, на само 4 дена пред одржување на локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ ја повика Државната комисија за спречување корупција да отвори постапка за поткуп на 159 фирми. 

„Ако поткупот е болеста на оваа криминална власт, тогаш лекот е масовен одзив во недела“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој од митингот во Пехчево порача дека „поткупот кој го прави власта, а при што се нудат стотици евра за еден единствен глас, тоа што во Битола во игра се црни вреќи, во Велес се лицитира со бројки, тоа што Заев ќе делел државна помош на одбрани фирми од буџетот на народот, тоа се потези на очајник кој се дави во сопствената кал“. 

Долгови за струја 

Најголем интерес во јавноста сепак предизвика документот којшто го објави владејачката СДСМ за Данела Арсовска, којашто е противкандидат на Петре Шилегов за градоначалник на Скопје. Тие тврдат дека фирмите на Арсовска не плаќале струја со години, односно не платиле над 54.000 евра. Арсовска била управител на оваа компанија, Империал Данела ДООЕЛ, токму во перидот кога е направен долгот. Партијата обвинува дека ЕВН во 2014 констатирала кражба на струја во вредност од 54.000 евра, а токму од 2013 до 2014 година, Данела Арсовска била управител на оваа компанија. 

Nordmazedonien Kommunalwahlen
Најголем интерес во јавноста сепак предизвика документот којшто го објави владејачката СДСМ за Данела Арсовска, којашто е противкандидат на Петре Шилегов за градоначалник на Скопје.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Данела Арсовска ниту е чесна, ниту пак е независна, таа е иста како Груевски чија кандидатка е. Ако не плаќала струја, не почитувала Договор и направила милионски долгови, јасно е дека исто ќе се однесува и со парите на граѓаните, со градскиот буџет и договорите на градот“, велат од СДСМ. 

„Згрозена сум од конструкциите што ги пласира СДСМ“, возврати Арсовска, според која станува збор за „безобразна политичка конструкција“. Таа најави тужба за клевета до Дарко Каевски од СДСМ. „Јас не сум политичар, зад мене не стои политичка партија да ме брани, затоа ќе се бранам по институционален пат“, порача кандидатката за градоначалник на Скопје. 

Врие и во албанскиот табор 

Обвинувања за масовен поткуп деновиве имаше и во албанскиот табор. Алијанса на Албанците обвини за прекршување на изборниот законик во Струга. Сурија Рaшиди, шеф на изборниот штаб на Алијанса за Албанците во оваа општина, информираше дека станува збор за поткуп и масовни вработувања во предизборна кампања, за што се пуштени пријави до Обвинителството, ДИК и Антикорупциска. Пријави се поднесени против кандидатот и градоначалник на Општина Струга од ДУИ, Рамиз Мерко и други функционери за прекршување на Избирниот законик, поткуп и масовно вработување во предизбоната кампања. 

Од Антикорупциската комисија деновиве изјавија дека активно ги следат сите нерегуларности кои се пријавуваат од почетокот на предизборната кампања. Досега на седница се одбиени два приговори од политички партии, а по сопствена иницијатива од допрен глас на медиуми имаат отворено и неколку случаи, кои во најголем дел се однесуваат на користење на службени возила од страна на политичари за партиски цели.  

И независните кандидати на удар 

Негативната кампања не ги заобиколи ниту независните кандидати, кои во голем број се појавија на овогодишните локални избори. 

Ана Петровска, којашто е кандидат за градоначалник на Скопје, и својата кампања ја темели врз заштитата на животната средина, се најде во средиштето на критиките дека е една од авторките на Студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проектот за Национален гасификационен систем во Република Македонија Делница 5 Скопје-Гостивар-Кичево (Гасоводот на Водно) од 2011 година. 

Kommunalwahlen in Mazedonien
Негативната кампања не ги заобиколи ниту независните кандидати, кои во голем број се појавија на овогодишните локални избори. Фотографија: MIA

„Ова е една Студија работена пред една деценија, не сум потпишала ништо ниту сум била консултирана за заклучоците, ниту знам кога е одобрена од Министерството за животна средина. Сум дала одредени елементи и поглавја, меѓутоа не можам да застанам да кажам дека целосно ја поддржувам. Јас не сум ја одобрила и не сум застанала зад неа“, тврдеше во своја одбрана Петровска, откако кон неа со прст посочи директорот на „Македонска пошта“, Јани Макрадули.  

-повеќе на темата: Звукот на куршумите и бомбите посилен од изборните ветувања

Во меѓувреме снимка којашто се појави на социјалните мрежи, ја зовре ситуацијата во Куманово, каде досегашниот градоначалник, Максим Димитриевски одлучи самостојно да оди на изборите и да им го сврти грбот на досегашните сопартијци од СДСМ. На снимка која се појави на Интернет, а чија што автентичност не беше потврдена, наводно се слуша како лица кои се на советничката листа од иницијативата „За наше Куманово“ се обидуваат да купуваат гласови во Куманово. Но, тука не завршија нападите. Димитриевски беше обвинет и дека купил државно земјиште од 10 илјади метри квадратни, на што тој одговори дека земјиштето го купил кога работел во Ирак и кога не се занимавал со политика. Тој побара да се намали политичкото влијание на одредени поединци во градот, бидејќи Куманово не може да биде заложник на поединци или на група на луѓе.