Градба на канал: Сон на Ердоган, ноќна мора за Истанбул
15 февруари 2020Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е познат по својата љубов кон мегаломански градежни проекти во Истанбул, како новиот аеродром, најголемата џамија во Турција или тунелот кој поминува под Босфор. Но, тоа не е ништо во споредба со неговиот најнов потфат: изградба на Истанбулски канал.
Турската влада не планира ништо помалку одошто градење втор Босфор - копија на мореузот кој се провлекува среде метрополата Истанбул со нејзините 16 милиони жители. Во западниот дел од градот би требало да настане вештачки канал долг 45 километри, кој би се протегал паралелно со Босфор и би ги поврзувал Црно Море и Мраморно Море. Со тоа, како што се вели од владини кругови, се сака растоварување на интензивниот бродски сообраќај на Босфор, но и спречување судири и несреќи.
Планирањето на проектот почна уште во 2011. година, но потоа дојде до долгогодишна стагнација. Сега турската влада повторно ги извади овие планови. Ердоган најави наскоро да биде распишан конкурс за градење на каналот. Министерството за екологија и урбанизам ја проверило исправноста на планираниот проект и дало позитивна оценка.
Градоначалникот Имамомглу е против
Но, реализацијата на најновиот мега проект е отежната зашто се променија односите на моќта во метрополата на Босфор. Социјалдемократот Екрем Имамоглу од партијата ЦХП стана градоначалник на Истанбул и со тоа господар над градскиот буџет. Тој е прв градоначалник во последните 25 години кој не доаѓа од АКП, партијата на Ердоган, и се противи на планираната изградба на канал.
За проектот Имамоглу вели дека е „предавство кон Истанбул“, нарекувајќи го „убиствен“. Тој тврди дека 16 милиони луѓе ќе се спротистават на планот. По неговите зборови, следеа и дела. Тој го разоткри договорот за соработка кој претходната градска управа го постигнала со владата во Анкара.
Отфрлањето на изградбата на канал од страна на новиот градоначалник на Истанбул, граѓанин и научник, уследи поради големите трошоци за градба, но и енормните проблеми со заштита на природната средина. Проектот би можел да има огромни последици за околината на регионот, вели еколошкиот експерт Доганај Толунај од Универзитетот Истанбул.
Зашто, таму каде што би поминувал каналот, се наоѓаат изворите и резервоарите на вода на Истанбул. Градбата на каналот би го загрозила сложениот екосистем на регионот. „Пејзажите со песочни дини во северниот дел од градот во кои се шуми под заштита, природни паркови, потоци и пасишта се важен дел од екосистемот и се населени со стотици растителни и животински видови“, предупредува Толунај. Сериозно нарушување на екосистемот може да има и економски последици: „Рибарите во Црно Море и земјоделците ќе мора да го напуштат тој регион“.
Мега проект со мега трошоци
Кон тоа треба да се придодадат и огромните трошоци за градба официјално се зборува за 11,5 милијарди евра, но стручњаци предвидуваат многу поголема сума. Проектот се спроведува „врз грбот на даночните обврзници“, критикува ЦХП, најголемата опозициска партија во Турција. „Недостига и економска оправданост“, вели економистот Мустафа Сонмез, зашто Босфор гарантира добри услови за пловење на бродови и овозможува доволен премин.
Зголемен ризик од земјотреси
Критичарите предупредуваат дека каналот би можел да влијае негативно и врз тектонските пукнатини длабоко во земјата, како и дека може да резултира со зголемен ризик од земјотреси. Службата за катастрофи и кризни ситуации не се согласува со овие наводи и не гледа поголема поврзаност меѓу ризикот од земјотреси и изградбата на каналот. Но, тоа не звучи убедливо за многу жители на градот. Имамоглу го препозна нивниот страв и предупреди дека меѓу каналот и Босфор би се создал еден вид остров и со тоа осум милиони луѓе би биле „заробени“ на тоа подрачје, склоно кон потреси.
Градоначалникот на Истанбул критикуваше и што земјиштето покрај каналот им е продадено на арапски инвеститори, вклучувајќи членови на кралски семејства. Ердоган вака регаираше: „Дали е тоа забрането? Да беа во прашање Ханс и Џорџ, никој немаше да се буни.“
„Каналот ќе се гради“
Проектот на градбата не се наоѓа во надлежноста на градоначалникот Имамоглу и истанбулската градска управа, истакнаа високи по ранг функционери од партијата на Ердоган, АКП, во повеќе наврати. Зашто, велат тие, каналот Истанбул не е локален, туку национален проект.
Ердоган со години проектот за изградба на каналот го нарекуваше свој сон. Тој нема разбирање за скептиците. „Му се допаѓало тоа некому или не, ние ќе го градиме каналот во Истанбул. Нема да им дозволиме на луѓе без визија и цели, кои немаат љубов за нашата земја, да не` одвратат од тоа“, се заколна турскиот претседател и заклучи „Нема да се занимаваме со злата агенда на опозицијата, зашто не сакаме да загубиме ни една секунда.“