Градот убав никна, чекаме да процвета
17 јули 2021Постземјотресна химна на градот Скопје е таа на неговите златни славејчиња, компонирана од маестро Александар Џамбазов. Градот никна, но чекаме целосно да процвета. На нежното градско стебло засадено во трусната почва му треба грижлив однос и концепт на зелен развој со централно место за неговите жители. Зелен органски метаболизам и урбан крвоток со градски градини и шеталишта наместо градежна и сообраќајна експанзија по секоја цена и во сите насоки, но и современ, компетитивен архитектонски и урбанистички израз низ кој метрополата ќе биде препознаена во глобални рамки, како метропола со стил и вкус на 21-от век.
Скопје треба да се развива но на одржлив начин. Предземјотресниот станбен фонд и други јавни градби со придружна инфраструктура мора итно да се обноват низ соработка на градот и државата со градежниот сектор и на тој начин да се придонесе за економскиот развој на градот и на државата. Се друго треба креативно и вешто да се конзервира, да се заштити тоа што е преостанато, штитејќи ја на тој начин неговата животна средина, водата за пиење, амбиентниот воздух, зелените површини, духот на местото, а преку нив и физичкото и ментално здравје на неговите жители.
Претходно со два параграфи за концепт на развој кој за мене е прифатлив, но наскоро ќе излеземе на локални избори и ќе одлучиме како ќе се развива градот. Во продолжение, неколку поспецифични прашања до идните кандидати но и до тие кои ги кандидираат.
Конгломерат на општини, урбано подрачје со реони, или мешавина на двете?
Дали Скопје може одржливо да се развива како конгломерат на 10 општини и градот како засебна единица односно како структурен „сојуз“ на самостојни општини кои не ретко си влечат секоја на своја територијална страна согласно партикуларни интереси, со 11 градоначалници со специфични, но и споделени надлежности (дел од нив и со државата), не ретко и од различни политички провиниенции, со исто толку совети и советници? Или, поефикасно би функционирал со една градска мајка или татко и служби, установи и јавни претпријатија кои се целосно субординирани на градот? Надоврзано на оваа дилема и потребата од оценка на усогласеноста на Законот за градот Скопје со Уставот и Законот за локална самоуправа, имајќи предвид дека Скопје во Уставот е нагласено дефиниран како главен град – метропола, препуштајќи внатрешната структура да се дефинира со релевантните закони. Секако, 11 - те мајки и татковци егзистираат во согласност со Рамковниот договор и се одраз на мултиетничкиот карактер на метрополата, но истиот одраз и влијание може да продолжат да се рефлектираат во Советот на метрополата.
-претходни колумни: Послушајте патриоти, да ви кажам словото
Од друга страна, по број на жители (ќе осознаеме попрецизно со претстојниот попис) и лица кои престојуваат, градот веќе подолго време е дневно оптоварен со цирка еден милион лица, повеќе од половина од нашето население, односно е на граница на издржливост. Дополнително, овој притисок согласно најдобри практики, наложува структурен модел со разграничување на урбаното од руралното. Само и единствено од аспект на поефикасно управување, обединување на урбаното подрачје на Скопје сочинето од урбаните делови на општините во градот е оправдано. Во тој случај урбаната територија би можела да се подели на реони со субординирана администрација на градската, со сите други јавни служби, установи и јавни претпријатија. Следствено, руралните подрачја може територијално и административно да се окрупнат во типични рурални општини. Кога во една општина интегрирате доминантно урбани со рурални подрачја, најчесто поради концентрација на население (и избирачи) во урбаното подрачје, настанува јаз во инвестиции и последично занемарување на потребите на населението во руралните подрачја.
На било каков концепт за иден развој на градот треба да му претходи дебата за основното структурно решение од кое веќе изминаа безмалку 20 години, и од кое може да извлечеме доволно поука.
Структурен органски метаболизам на градот
Подобрите познавачи на приликите од аспект на управување со градот и општините во градот се запознаени со дебатата за тековните нормативни решенија за функционална деливост и неделивост на работите од значење за градот Скопје и општините во градот. Предизвикот е поврзан со Законот за локална самоуправа, со кого материјата за поделба на надлежностите во градот беше препуштено целосно да се уреди во Законот за градот Скопје, каде одредбите и во моментов се недоречени. Настрана и фактот дека со низа секторски (системски и специјални) закони, голем број на специфични надлежности на општините се видоизменети, можеби и најмногу поради хармонизацијата со правото на ЕУ, но не ретко, особено во областа на урбанизмот и градењето, поради лукративни интереси.
-претходни колумни: Граѓани, селектори и репрезентации
Деливи и неделиви надлежности е „несреќен“ пристап бидејќи на секој град му е неопходен непречен, структурен и органски метаболизам. Било каква ригидна поделба на надлежности помеѓу општините во градот Скопје и градот Скопје, во пракса создава предизвици за функционирање на градот како целина.
Нормативни дупки за крпење
Со Законот за градот Скопје не е уредена меѓународната соработка на градот и општините во градот, а се работи за „Град на солидарноста“ познат во светски рамки по катастрофата и постземјотресната солидарна обнова. Оваа празнина оневозможува и посилно формално - процедурално, но и ефективно членување на метрополата во напредни европски и глобални мрежи на „зелени“, „умни“, “одржливи“ и „отпорни“ метрополи. Градот е град и неговите општини се град, но неретко се однесуваат како да не се во град - метропола. Би требало да се вмрежува градот со своите општини и сите да ги превземат и спроведат превземените обврски.
Имаме Закон за меѓуопштинска соработка, но примената на неговите одредби во градот е безмалку целосно ограничена на склучување договори за заедничко финансирање на градот со општините за низа прашања без да се зајакне економијата на обем и ефикасноста преку воспоставување на поцврсти облици на заеднички административни тела, служби, установи и јавни претпријатија. Последниот обид е поврзан со интегрирањето на инспекциските служби но и за оваа оправдана иницијатива се манифестира отпор. Градоначалниците едвај и најчесто безволно се координираат, а од достапните податоци и анализи може да се заклучи дека комуникација и соработка помеѓу администрациите безмалку отсуствува или е реактивна, односно се случува кога ќе „експлодира“ некој неочекуван или некој со години наталожуван проблем. Установите се поделени, а претпријатијата се на градот без да се овозможи да еволуираат во вистински меѓуопштински претпријатија. Впечаток е дека преовладува потребата за административна контрола на „територијата" со која оди и моќта на одлучување но и партиските вработувања, корупцијата и други девијации, секако со по некој чесен исклучок.
-претходни колумни: Лепење на скршеното
Меѓуопштинската соработка во градот мора да се доуреди во Законот за градот Скопје и поради потребата од итна соработка за подготовка на заеднички стратешки документи и проектна документација за покрупни инвестиции на територија на две или повеќе општини или на целата територија на градот – пример е станицата за пречистување на отпадните води, потоа терцијарната гасификација, интегралното управување со отпадот, итн. На градот му е итно потребна и со закон уредена комуникација, координација и соработка помеѓу задолжителните партиципативни тела, доуредување на транспарентноста со фокус на пристапот до информации, а со тоа и отчетноста како и заедничко управување со отворени податоци и не помалку значајно е градот и општините да пристапат кон одржлива и формално уредена подготовка и спроведување на заеднички програми за поддршка на здруженија на граѓани и фондации и други заеднички програми кои ги таргетираат младите, родовите прашања и ранливите групи во градот.
Колку пари толку музика
Нивото на фискалната децентрализација во државата секако влијае и на резервоарот на средства на градот и општините во градот Скопје. Расходите на локалната самоуправа во изминатава декада се претежно во распон од 5 - 6% од БДП споредено со 11 - 12% во ЕУ27.
Овој мал дел од „колачот“ предизвикува нервоза и напнатост во градот проследени со притисок за ревизија на со закон утврдената поделба на средства од изворните приходи на општините и градот. Секако, очекувањата на жителите да се испорачуваат квалитетни локални услуги со целосен опфат на корисници се легитимни, но системското решение е такво што овие очекувања ги прави нереални. На ова се надоврзува и фактот дека сите други општини во државата поприлично заостануваат зад градот Скопје и очекуваат градот и општините во него да се посолидарни при дистрибуција на уделот во општата дотација од ДДВ во моментов, но многу повеќе од најавеното создавање на механизам за финансиско воедначување кој сосема оправдано ќе оди на сметка на „супериорните“ приходи на градот и општините во него. За илустрација, Градот Скопје и општините во градот во пред-пандемиската 2019-та собрале околу 51% од вкупните даночни приходи на општините во државата, близу 48% од неданочните приходи и близу 20% од капиталните приходи, една четвртина од трансферите (вклучувајќи ги сите дотации) и донациите, и половина од севкупното домашно задолжување на општините во државата.
Синхронизиран наместо фрагментиран и стихиен развој на убавиот град
И покрај постоење на сериозни предизвици кои изискуваат системско доуредување на односите и обврските во градот и општините во градот, сепак на кус рок е неопходно да се продлабочи координацијата и соработката особено преку воспоставување на заеднички работни тела и комисии на јавните служби на градот и општините во градот, а за предизвици кои налагаат секојдневна координација и соработка да се воспостават заеднички административни тела. На тој начин би се осигурало синхронизирано постапување по клучни прашања поврзани со постоење на тесни грла од оперативен карактер, соработката би се проширила во сите области на пренесени надлежности без оглед дали се споделени или се разделени помеѓу општините и градот Скопје особено имајќи ја предвид потребата за изготвување на заеднички стратешки и развојни документи и проекти во низа области.
Но, да не губиме надеж и да бидеме оптимисти дека старо-новите или новите кандидатки и кандидати, несудени градски мајки и татковци и тие кои ги кандидираат ќе најдат начин да создадат поефикасен системски модел за метрополата. Дотогаш, со поглед кон иднината ќе потпевнуваме „Скопје, младост ти ќе бидеш, Скопје ти ќе бидеш цвет, и ќе бидеш израз свиден, на сè братско в овој свет".