1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гранични контроли во Шведска: нов удар за Шенген

Малколм Брабант/бг4 јануари 2016

Шведска воведе гранични контроли на границата кон Данска во неделата по полноќ, надевајќи се дека на тој начин ќе го спречи бегалскиот бран. Тоа е нова удар за Шенгенскиот режим, но и за бизнисот во регионот

https://p.dw.com/p/1HXbd
Фотографија: DW/M. Brabant

Михаел Рандроп стои на платформата на аеродромот Каструп во Копенхаген и покажува кон металната ограда која ги одвојува шините не железничката пруга која сообраќа меѓу данскиот главен град и Шведска.

„Патниците ја нарекуваат новата Железна завеса, или Берлински Ѕид“, вели тој.
Оградата треба да ги спречи мигрантите без документи да ја преминуваат границата кон Шведска без документи.
Рандроп е еден од околу 15 илјади патници кои секојдневно патуваат меѓу Копенхаген и Скане- регионот околу Малме, како и Лунд, каде се наоѓа еден од најдобрите универзитети во регионот. Тој смета дека новите мерки на кои инсистира шведската социјалдемократска влада ќе имаат лошо влијание врз регионот Оресунд, кој почна да се претвора во скандинавска Силиконска долина. Контролите на станицата Каструп ќе им одземат дополнителни 45 минути на патниците кои одат кон своите работни места во Малме или Копенхаген.

Целта на мерките е да се спречат мигранти без документи да го минуваат мостот Оресунд. Новите правила се голем пресврт во политиката на земјата која во текот на 2015 година се фалеше со својата политика на отворени врати кон бегалците.
Шведска очекуваше да прифати околу 100 илјади бегалци во 2015 година, но на крајот на годината произлезе дека пристигнале двојно повеќе, поради што се јавија проблеми со нивното сместување и организација.
Откако не успеа да ги убеди другите европски држави- во прв ред соседот Данска- да преземе дел од бегалците, премиерот Штефан Лофвен во ноември изјави дека великодушноста на неговата земја била „наивна“.

Dänemark Michael Randropp in Kopenhagen-Kastrup
Михаел РандропФотографија: DW/M. Brabant

Според шведските миграциски власти, 80 проценти од луѓето кои побарале азил во 2015 година немале пасош, а 60 отсто не поседувале никаков идентификациски документ со нив.

Ефект на лавина

Данскиот конзервативен премиер Ларс Локе Расмусен, кој спроведе остри мерки за да го ограничи доаѓањето на мигрантите во неговата земја, е лут поради потегот на Шведска, и стравува дека тоа ќе доведе до покачување на барањата за азил во неговата земја. Исто така стравува и дека тоа ќе ги намали инвестициите во регионот на Оресунд.

„Ова е многу несреќна ситуација“, вели Расмусен. „Потрошивме милијарди евра на изградба на инфраструктура во регионот Оресунд. Потрошивме милиони во брендирањето на Копенхаген и Малме како единствен метрополитен регион“.

Расмусен е под притисок на анти-имигрантската Данска народна партија, која му го обезбедува мнозинството во парламентот. Оваа партија бара повторно воведување на границите во ЕУ, и го смета Шенгенскиот договор за мртов.

Dänemark Polizeikonrtolle im Zug von Kopenhagen nach Malmö
Контрола во воз кој сообраќа кон ШведскаФотографија: DW/M. Brabant

Аналитичарите во двете земји имаат различни видувања за последиците од потегот на Шведска.

Експертот за миграции Јоаким Руист изјави за данскиот весник „Кристелигт Дагблад“ дека мерката на Шведска ќе предизвика „ефект на лавина“ и дека истата ќе ја применат и многу други земји.
„Иако е непријатна и можеби делува погрешно, таа може да биде клучен чекор за нов политички модел на азил во Европа со кој ќе се овозможи похуман третман на бегалците“.

Лиза Пелинг од шведскиот тинк-тенк Арена Идеа, пак смета дека постои опасност сириските бегалци да останат заглавени во воената зона.

„Импликацијата на кус рок ќе биде дека ЕУ границите ќе се затвораат како домино. Германија и Данска ќе затворат. Тоа ќе продолжи се до Грција, и конечно, убедена сум дека и Турција ќе затвори. Поради тоа луѓето ќе останат заглавени во Сирија и тоа само ќе го зголеми масакрот“.