1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Графити позади таблата

13 февруари 2020

Во дебатата околу „аферата Мизрахи“ не станува збор за антисемитизам и про-еврејство, туку за односот кон моќта и немоќта и нејзината валутна политичка манипулација. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3Xj1c
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Не знам колку од симпатизерите на г-ѓа Рашела Мизрахи ја имаат прочитано книгата „Со од на ракот” на Гинтер Грас (2002). Не верувам дека ги има многу. Штета. Книгата би им се нашла како поука во тековните идентитетски дебати предизвикани од трауматични катарзи, персонифицирани вини, маченички невини и замена на ролји. Катарзата на Грас во првиот чин беше поврзана со едно убиство на германски антисемит од хрватски Евреин и најголемата поморска катастрофа предизвикана од пијан молдавски капетан. Во вториот чин, духот на минатото се враќа персонифицирано, низ внукот на една од преживеаните патнички на потонатиот брод, неговата вљубеност во националсоцијалистичката идеологија и преписката со германски врсник кој се доживува како Евреин и со кого ја споделува почитта кон демонстрацијата на воената моќ на Израел кон Арапите.  Книгата завршува со „Das hört nicht auf. Nie hört das auf“. Не барајте превод. Книгата не е завршена. 

Убеден сум дека критичарите на ѓ-га Рашела Мизрахи го немаат ни слушнато, а камоли погледано, потресниот филм „Човек во стаклен кафез” на Артур Хилер и Максимилијан Шел. Штета. Станува збор за, барем според мене, најпроникливиот целулоиден приказ на бескрајната агонија на Холокаустот. Прикажан низ еден единствен комплексен лик на богат индустриjалец и нацистички злосторник и еврејски логораш и бегалец од правда и паталец за право. Кој на крај, среде судница во Израел, ќе се соочи со нацистичкиот стрелачки строј. Последниот звук кој ќе го слушне се стиховите „Sh'ma Yis'ra'eil Adonai Eloheinu Adonai echad". Не барајте превод. Строфата не е завршена. 

Валутна политичка манипулација

Доколку по некое чудо овие симпатизери и хејтери би нашле време и волја да ги консултираат овие далеку помудри од нас дела, можеби би се согласиле дека во сета дебата околу аферата Мизрахи не станува збор за антисемитизам и про-еврејство, туку за односот кон моќта и немоќта и нејзината валутна политичка манипулација. Антисемитизмот е трансцендетален, речиси безвременски, приказ на моќта и немоќта, реална или имагинарна, конструирана или проектирана. Семитизмот, унилатерално припишан кон Евреите, е опасен кога е на колена, уништен, смачкан, згазен, понижен. И затоа проектирано заканувачки поради претпоставената одмазда која ја нагризува свеста и совеста на ништителите, мачителите, газителите, понижувачите. Семитизмот, унилатерално одречен кон Арапите, е опасен кога е на свои нозе, исправен, исполнет, згазувачки, горд. Опасен поради напуштањето на дезигнираната перпетуална улога на виновник. И Мизрахи тоа го знае. И повеќе од тоа – го живее на сопствена кожа.

Како човек во чии уши десетици пати одекнувало ехото за „гасни комори” (често од нејзиното ново милје на обожаватели) имам потполно разбирање и симпатии за стоичноста на Мизрахи во одбивање да реагира директно на глупавите и морничави а ла хумусни референци. Нејзиниот молк кон зачестените идентитетски подвлекувања кон неа како Еврејка ми е сосема познат и близок како илустрација за молкот кој го користам кон оние кои „шиптарството” го користат или како смислена навреда, или како доказ дека, демек, ние сме толку авангардно надетнички што пријателот-Албанец однапред знае дека не го користиме „шиптарството” во погрдна смисла. А колку тој пријател-Албанец знае, би можело да се прикаже низ една единствена ретортна реакција на „така е бе, Бугарче”. Не се лутете, де. Пријателот-Албанец тоа го вели, онака, авангардно ...

Но ако судам за Мизрахи според искуствени аршини, сетики и на Рашела треба да ѝ биде јасно дека нејзиното еврејство е подеднакво сведено на еднократна, смислена, прецизно проектирана употреба од страна на бранителите. Нешто како еврејски Муки. И тоа е дилема која самата Мизрахи треба да ја расчисти со себе и сопствената околина. Што е сепак ѓаволски тежок предизвик, интимна агонија на самопреиспитување меѓу вербата во себе и сомнежот во вербата за мотивите на останатите кон тебе. На Мизрахи и нејзините душевни премрежија помеѓу слатко-горките напади кон неа и горко-слатките бранења на неа, можам да ѝ посакам само да си го ожнее тоа што нејзе ѝ е најбитно. Да си биде успешен Министер. Или нововремска верзија на увозна вмровка за мајтап употреба според теркот на Јанкуловска. Како и да е  - trog gezunterheit. 

Други колумни од авторот:

Acquis Mukoskitaire

Забранета регенерација

Преспански: Ние ка’о браниме, тиe ка’о напаѓаат

Нови линии на поделба?

Мизрахи не е првата, саглам нема да биде ни последна, личност употребена во партиските игри на ултрасонични сублиминални пораки исполнети со етнорелигиска стереотипизација. Неколку недели пред нејзиното именување, јавноста (кај Албанците) беше вознемирена од провладин рекламен спот со неколку урбано средени жени (Македонки) и една албанофонка облечена во хиџаб. На реакциите на не мал број Албанки кои протестираа кон таквата стереотипизација, следеше реакција на позната и медиумски фаворизирана членка на СДСМ која во таквата стереотипизација не гледаше ништо лошо. Иако ќе биде првата која во случајот Мизрахи ќе најде за сходно да реагира со барање за нејзино униформирање со Давидова ѕвезда. Сетики за да си најде оправдување за сопствената „специфичност” која цели да ја наметне како правило. Секако, тука се и попалените заговорници на израелскиот модел или ердоганизмот, вцрвенето-воодушевени од нивните успеси и без трунка аргумент за контекстуалните разлики помеѓу понудата и побарувачката. И во кои, ве уверувам, ниту Нетанјаху ниту Ердоган нема да препознаат ништо достојно за почит и доверба.

Еден лик и еден случај не се доволни за носење на заклучок дека ВМРО-ДПМНЕ води смислена кампања за перфидно наметнување на нови линии на поделба. Дотолку повеќе што таквото залетување не би било нешто ново, но би укажало на нивната миопичност во црпење поуки од други искуства во чии упростени дефинирања имаат учествувано самите. Обидите за преземање туѓи наративи или фактори за зајакнување на сопствените позиции гарантирано носат краткорочни добивки и долгорочни главоболки. Обидите за експлоатациија на регионалните, медитерански и цивилизациски тензии за изборни ефекти се Дамоклов меч со две острици. За разлика од ДУИ, кои ја почувствуваа таа острица на свој грб, се чини дека Мицкоски (па и Заев) се преуверени во сопствените мускетарски вештини. Цената која ДУИ мораше да ја плати за отклон од таквите занесни фатаморгани беше платена со отцепување на исламистите и губење грст пратенички места. Заев допрва разбира дека микро-маалските политики на Струмица не може да се пресликаат врз Македонија на макро-заедници. Што се однесува до Мицкоски...

Одлика и потреба на секој балкански политичар е кусокот на супстанција да го надополнува преку китење со туѓи модели, преземање манири и ѕвезден прав од времено популарни големи светски лидери. Во чекор со тоа се и обидите да се биде дел од тековни глобално битни нарации со кои локалната провинцијалност цели да се вклопи во светски рамки. И сето тоа е нормално, логично. Со таа разлика што нашето вмешување во глобални динамики носи мали бенефити, додека пак големите потреси носат катастрофални домашни ломови. И во таквите корелации, првичните замисли на крај често завршуваат со дијаметрално спротивни последици. 

Македонизмот и македонството

Пред неколку месеци Христијан Мицкоски си даде задача да ги дефинира и стави темелите на потребата за „враќање на македонизмот”. Несомнено како нус-реакција на новото уставно име, замислата на Мицкоски беше од старт накриво насадена преку фаворизирање на идеолошката матрица на „македонизмот” на сметка на етничката дефиниција на македонството. Настрана што токму „македонизмот” е намерно форсирана дефиниција со цел да се оспори суштината на македонството. Чинам дека гестот на Мизрахи е неочекувана, непромислено спонтана демонстрација на таа финесна дистинкција со која формалната употреба на „македонизмот” низ државните атрибути (т.н.. табли) се користи како супститут за отсуството на блага идеја за начините врз кои ќе се обезбеди и промовира духовната супстанција на македонството. Благонаклонетоста на Мицкоски и неговата партија кон гестот на Мизрахи е разбирлива поради контекстот на предизборието. Но во секој друг аспект, Мицкоски и подржувачите на Мизрахи (не)свесно влетуваат во стапицата на преземање на идеологијата на македонизмот како теорија, препуштајќи ја аксиомата на македонството во раце на нивните опоненти. За нештата да бидат безмалку комични и сосема илустративни за какофоничноста во промислата на раководството на ВМРО, сетики треба да се укаже дека македонизмот како идеологија повеќе припаѓа на политиките на Заев, додека пак македонството на Мицкоски. Во секој случај, отсуството на темелно промислување за кажаното (од Мицкоски) и спроведеното (од Мизрахи) дава за причина да се предупреди дека со тој пристап, наместо кон моделот на Израел, попрво ќе се стигне до моделот на Фатах и Хамас во Палестина. Белки, колку што паметењето ме служи, токму таа споредба беше користена од страна на Груевски за објаснување на судирите ДУИ-ДПА на почеток на неговото владеење.

Мизрахи може да ја смени таблата. Мицкоски може да не ја смени поради тоа што ја смени таблата. На изборите може да дојде до промена, бидејќи Мицкоски не ја смени Мизрахи поради промената на таблата. Македонија може да се смени поради смената на избори по одбивањето на Мицкоски да ја смени Мизрахи поради промената на таблата. Она што нема да се смени е константата на интереси околу нас врз кои ниту Заев ниту Мицкоски немаат влијание за промена, но се првите кои ќе ги осетат последиците на судирот помеѓу надворешните константи и домашните салто-морталиња. Но колку за разјаснување, ќе повторам и ќе се надополнам. Доколку Груевски е одговорниот, а Заев е виновникот за промена на името, по сите последни постапки упатно да се предупреди дека Заев е одговорниот, а Мицкоски ќе биде виновникот за идентитетските кризи во завој. Македонистички или македонски, сеедно. 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач