1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓани на ГДР како заморчиња

ЕМФ/дв/Шпигел12 мај 2013

Фармацевтски концерни од Западна Германија, според медиумски извештаи, им плаќале на клиники во поранешната Германска Демократска Република (ГДР) за да тестираат лекови на пациентите.

https://p.dw.com/p/18WRG
Фотографија: picture alliance/dpa/Universität Jena/FSU-Fotozentrum

Во Германската демократска Република (ГДР) до падот на Берлинскиот ѕид, во околу 50 клиники, на повеќе од 50.000 луѓе биле тестирани средства за хемотерапија и лекови за срце, често без за тоа воопшто да бидат информирани, пишува „Шпигел онлајн“. Западни фармацевтски концерни дале одобрение за повеќе од 600 студии, од кои дел е прекинат по појава на смртни случаи, се вели во текстот на „Шпигел онлајн“, кој се темели врз досега непознати акти на тајната служба на ГДР - Штази, и на Институтот за лекови.

Според овие податоци, при тестирањето на лекот Трентал на фармацевтскиот концерн Хехст во Источен Берлин починале двајца пациенти, а во клиника за белодорбни заболувања кај Магдебург двајца пациенти починале како последица на лекот за намалување на крвниот притисок Спираприл кој бил развиван од страна на концернот Сандоз. На берлинската Универзитетска клиника „Шарите“ концернот Берингер-Манхајм врз 30 бебиња родени прерано била тестирана супстанцата Еритропоетин, или накусо „Епо“, која се користела и како средство за допинг. Бајер пак, го тестирал лекот Нимодипин, средство за подобрување на протокот на крв во мозокот и тоа, меѓу другото и врз алкохоличари во акутен делириум. Тие поради нивната состојба, не можеле да дадат одобрение за тестот.

Девизите поважни од здравјето?

Производителите, според „Шпигел онлајн“ наводно нуделе до 800.000 германски марки за една студија. Менаџерите на Шеринг АГ (во меѓувреме во фузија со Бајер) на Шарите наводно дури и‘ понудиле годишен волумен од 6 милиони германски марки за тестовите. Водечките лекари во Шарите, според протоколите од разговорите, биле свесни за мотивите на концерните. Така, еден од водечките лекари во клиниката, изјавил дека Шеринг на Западот има „генерални етички проблеми“ и дека ГДР рескира да стане позната како „поволно место за тестови“.

Medikamentenversuche in der DDR
Фотографија: picture alliance/dpa/Universität Jena/FSU-Fotozentrum

На пацинетите во источногерманските болници често не им биле предочувани ризиците и несаканите дејства од лековите кои се тестирале. Хехст (денес Санофи), на пример, во март 1989 година се согласил „текстот за разјаснување да им биде даден на луѓето што го спроведуваат тестот, а не на пациентите“. Во протоколите се вели дека „согласноста на пациентот се документира со потпис на надлежниот лекар и еден сведок“.

Фармацевстките концерни од Западот, според „Шпигел“ оценуваат дека тестовите биле изведувани во далечното минато, а дел од нив соопштиле и дека студиите биле спроведувани согласно тогашните стандарди.

Се претпоставува дека тестовите биле извршени во Источна Германија поради потребата од девизи на ГДР, како и поради заострените правила за давање дозвола за нови лекови во Западна Германија, по откривањето на скандалот со лекот Контерган (лек кој во 1960-тите години предизвика телесни оштетувања на илјадници германски деца, н.з.) во 1978 година. Нејасно е дали тестовите биле спроведувани со знаење на властите во Западна Германија.