Граѓаните и политиката контра науката: мислиме оти знаеме сѐ
17 април 2020Ако нешто можеме да издвоиме како позитивно во целата криза од коронавирусот, тогаш тоа би било враќањето на компетентноста во преден план. Ако до пред три месеци секој имбецил, по неколку саати гуглање на сајтови полни завери и лажни вести беше во можност да демантира и да му се спротивстави на некој виролог или епидемиолог, тогаш денес таа личност е само обичен имбецил. Денес таквите треба да се сметаат за општествени непријатели најавното здравство и здравиот разум.
Со други зборови треба да се надеваме дека таа позитивна тенденција на валоризирање на експертите, компетентните, образуваните, здраворазумните, ќе ја надмине тажната фаза кога секоја будала од социјалните мрежи или од политиката можеше да си дозволи да искаже секаква глупост или невистина.
Но, проблемот не е едноставен. Глупавоста и неодговорноста, популизмот и необразованоста галопираат и понатаму како четирите јавачи на апокалипсата, спремни на веќе огромните материјални штети и човечки загуби од вирусот, да дадат и свој оглупувачки придонес.
Мошне индикативен во тој контекст е односот помеѓу науката и политиката. Односно, станува многу јасна корелацијата, особено во момент кога мнозинството земји од светот се водени од десничарски влади, да се нотира дека односот меѓу науката и моќта е дотолку полош, колку што власта е поавторитарна. Оваа констатација можеме да ја аплицираме на постсоцијалистичките системи на Кина и Русија, како и на речиси секоја десничарска влада, но не само. Во многу различни контексти, Велика Британија, Бразил, САД, Унгарија, Србија, покажуваат многу заеднички карактеристики. Главната карактеристика е што овие земји се владеени од некој вид на харизматичен и популистички лидер и што идеолошки се идентификуваат со неолибералната или либеристичка доктрина, честопати деклинирана во авторитарна десница или некој вид на демократура.
Овие карактеристики се во силен конфликт со науката. Нарцизмот, популизмот,авторитаризмот, па и робувањето кон строго економските интереси на елитите од страна на лидерите кои се навикнати одлучно и самоволно да го сечат Гордиевиот јазол, не се помирува лесно со светот на научниците кои го претпочитаат бавниот и емпириски процес базиран врз акумулација на податоци и применување на методи кои се општоприфатливи.
И кога станува збор за отворено авторитарни системи (Кина, Русија, Унгарија) или либералдемократии во регрес (САД) или велфер системи во распад (Европа), сведоци сме дека ѕвездата водилка за либеристите во времето на криза беше развојот на пазарот и laissez-faire капитализмот, а доколку тоа не е возможно поради виша сила, тогаш барем негово спасување и одржување. Позиција која очигледно е во конфликт со целите и напорите на науката и здравството во моменти на алармантна здравствена криза, каде приоритетите би требало да биде насочени кон јавното здравје и спасувањето човечки животи.
Дури кога бројките на заразени и починати од вирусот станаа „политички“ алармантни, само тогаш автократите и либеристите, се најдоа приморени да ги послушаат научниците и здравствените експерти, и да го стишаат животинскиот нагон на пазарот и економијата и на сопствената некомпетентност. Претходно, се додека вирусот беше третиран како некоја далечна „кинеска“ вироза, лидерите на слободниот и неслободниот свет одржуваа тотален отпор кон преземањето мерки и политики, како и кон неопходните трошоци за здравствено опремување и снабдување, а потоа и за социјалните и економските последици од кризата.
Така се однесуваше Болсонаро, кој вирусот го нарекуваше „настинче“ и одбиваше секаков карантин веќе определен од гувернерите на Рио де Жанеиро и Сан Паоло. Во регионален контекст, така на вирусот се смееше и Вучиќ, за еднаш кога испадна дека греши, да прејде во лаги, пасив-агресив позиции и карања на сопствените граѓани. Некомпетеноста на Вучиќ и неговата партизирана држава брзо ги покажа своите катастрофални ефекти.
Во својата неутрална форма на ултралиберизмот, британскиот премиер Џонсон ќе развиваше „имунитет на стадо“, за потоа со огромно задоцнување да преземе мерки откако докторите му објаснија дека може да починат стотици илјадници Британци и откако самиот се зарази со коронавирусот.
Секако пикот на либеристичкиот дарвинизам го достигна американскиот претседател Доналд Трамп, кој не само што го потцени вирусот и покрај навремените информации од тајните служби, туку и релативизираше, споредуваше неспоредливи смртни случаи, тврдеше дека вирусот е послаб од обичен грип, објаснуваше дека Америка има повеќе жртви од абортус, дури и стигна дотаму да објаснува дека знае повеќе од докторите затоа што негов чичко предавал на МИТ и суперинтелигенцијата течела во неговата крв. Денес сме сведоци дека за своите грешки и пропусти ја обвинува СЗО која ќе престане да ја финансира, ги обвинува гувернерите на сојузните држави, дури е и во лична војна со најголемиот американски виролог Ентони Фаучи, кој поради притисок од трамповите екстремисти и поддржувачи живее под полициска заштита, и кој секојдневно мора да ги трпи заканите дека ќе биде отпуштен или избркат од Трамп. Истиот тој научник Фаучи кој политичките и здравствените советници-климоглавци на Трамп ги нарече „вуду“ лекари, затоа што го убедуваа претседателот дека короната се победува со хидрохлорин и дека вирусот мора да се рашири низ земјата ако сакаат да развијат имунитет. Трамп и понатаму е тој што најмалку ги слуша научниците, и највеќе инсистира на враќање на економската и продуктивната нормала, иако САД веќе оддалеку води во трагичните бројки на заразени и починати од вирусот.
Претходни колумни од авторот:
Европа поделена на „север и југ“ опасно танцува на чекор од амбисот
Македонија (болна од страв) во време на коронавирусот
Вирусот на расизмот позаразен од коронавирусот
Но, глупавоста предизвикана од тесни интереси, привилегираност, популизам и некомпетентност ја запознавме и ние, граѓаните на Македонија. Техничкиот премиер Спасовски неделава се избрука со изјавата за неприкосновеноста на верските обреди и дека државата не можела да ги затвори храмовите. Знаеме дека таквиот став е тотална небулоза и правно и здраворазумски и здравствено.
Потоа отиде во Куманово каде од вчера знаеме дека има нови 40 заболени меѓу кои и градоначалникот. Сега ќе чекаме да видиме дали и министрите и самиот Спасовски се заразени. Притоа ставот им беше дека за затварање на Куманово ќе решавале епидемиолозите, но и покрај тоа половина влада отиде да се ислика и демек од блиску да види што се случува. Знаеме дека техничкиот премиер е од Куманово.
Тоа значи дека во два дена врвот на власта успеа да направи тројна беља: да излажат и селективно да ја третираат Црквата притоа кршејќи го Уставот и загрозувајќи го јавното здравје, да не постапат научно кон состојбата во Куманово, туку политички, и конечно, да се загрозат самите себеси како највисоко политичко раководство во државата. Ваквата апроксимација, нестручност и неодговорност би требало сите да не загрижи и да биде законски казнива. Веројатно ќе бидеме единствената земја каде покрај премиерот, и вицепремиерот и министерот за здравство (кои притоа се лекари), најверојатно се заразиле во исто време и на исто место. Ако на ова ги додадеме и двајцата главни политички лидери кои веќе се во самоизолација, но и покрај тоа граделе семејни вредности и блискост или ширеле паника, разбираме колку ситуацијата е трагикомична.
Но, ако збориме дека нашата и глобалната политика, елитите кои раководат, наводно најспособните, не се имуни на конфликти со науката и сојузништво со глупавоста и нестручноста, каде сме тука ние, обичните граѓани?! Е тука работите веќе забегуваат вон секоја пропорција.
Ќе ви раскажам една интересна приказна која ја прочитав деновиве. На 19 април пред точно 25 години, одреден Мекартур Вилер ограбил банка полиен со сок од лимон на лицето, убеден дека тоа го направило невидлив. Влегол во две банки во Пенсилванија, без никаква маска. Камерите го фатиле како вооружен со пиштол се заканува на благајниците и потоа си заминува од банката насмеано мавтавќи во правец на камерата. Кога полицијата затропала на неговата врата бил вџашен: „Како успеавте да ме најдете? Бев полиен со сок“.
За да ја потврди валидноста на својата рецептура за невидливост на полицајците им покажал слика од Полароид, сликана откако се полил со сокот. На сликата се разбира дека немало ништо. Полицијата потоа ќе заклучи дека апаратот го држел од погрешната страна, како и тоа дека не користел никакви халуциногени средства. Ќе биде упасен, но не и заборавен. Човекот ќе влезе во историјата како „нулта неписмениот“.
Година дена подоцна со случајот ќе се запознае професорот по психологија Дејвид Данинг, кој во тоа време ги изучувал динамиките на некомпететноста и кому конкретниот случај му делувал како совршен пример. Заедно со својот ученик Џастин Кругер, професорот ќе спроведе истражување врз своите студенти: тест по граматика и логика. Од сите испитаници ќе биде побарано да го оценат својот учинок. Тие што постигнале најдобри резултати – највеќе се потцениле самите себе. Оние со најлош резултат, сосема обратно, си се прецениле.
Така се раѓа Данинг-Кругеров ефект - когнитивна предрасуда каде што лицата со помала вештина страдаат од илузорна надмоќност, погрешно проценувајќи ја нивната способност како многу поголема отколку што таа навистина е. Со други зборови, доаѓаме до комплетната спротивност од Сократовиот принцип „знам дека не знам“, и состојба каде лицата не можат да ја препознаат нивната неспособност и прецизно да ја одредат нивната компетентност.
Данинг и Кругер ќе станат популарни, но во голем дел и исмејувани. Но, потоа ќе се појават социјалните мрежи, лажните вести, опсесивноста со лајкови, троловите, антиваксерите, ширачите на завери за ХАРП или 5Г. Тоа истражување од пред 20 години, совршено ја објаснува неписменоста и необразованоста на денешното време. Работата од денешен аспект е што сите, кој повеќе – кој помалку, сите на некој начин сме модерни примери на Данинг-Кругер ефектот.
На социјалните мрежи наутро сме виролози, попладне економисти, вечерта инженери или архитекти. Станува збор за растечки тренд кој особено во времето на коронавирусот може да има драматични ефекти. Доживуваме еден вид на епистемолошка криза, каде незнаењето или ограниченото знаење излага од своите граници и ја пречекорува територијата на познание.
Тој што помалку знае сака да ги учи експертите. Но, честопати зад ова однесување на супериорност стои ниската самодоверба. Начин за справување со ова е да се гаи сомнежот и да се прифаќаат туѓите мислења, дури и да гаиме една здрава сомнеж и во нашите убедувања.
Широкиот поглед, постојаната потрага по нови знаења, способноста да се ислуша соговорникот, и оној индиректниот, се можеби добри начини да се спасиме од лековерноста, отупеноста и оглупеноста.
Утехата и оптимизмот како што реков и на почетокот, лежи во фактот дека како ретко кога, се повеќе се слушаат гласовите на научници, истражувачи, доктори, статистичари, епидемиолози, учени луѓе. Тоа не значи дека нивните гласови се безгрешни, ослободени од грешки и погрешни проценки или пак дека никој нема право да ги критикува.
Но, значи дека во нив се препознава компетентност, неопходноста и вложеноста во знаење и учење, кои не можат да се заменат со политиканство, завери, деструктивни и токсични полемики, од секој оној што мисли дека е апсолутно во право за тоа што го кажал.
Кажано тоа, ќе бидам внимателен, затоа што тој што го бара Данинг-Кругеров ефектот кај другите, прв треба самиот да се погледне во огледало. Се разбира, по можност прво да не се полие со лимон.