1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски во Израел, Анкетната пред „ѕидот на плачот“

Катерина Блажевска9 декември 2015

Анкетната комисија не е партиски штаб за Груевски и Ставрески да ги одбираат термините, обвини СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ непотребно ја политизира ситуацијата.

https://p.dw.com/p/1HKkz
Фотографија: MAKFAX

ВМРО - ДПМНЕ по којзнае кој пат не смогна ниту сила, ниту храброст да се соочи со вистината, и наместо да пристапи кон конструктивна работа на Анкетната комисија, одлучи да ја опструира нејзината работа, за да не можат високи државни и политички функционери на ВМРО-ДПМНЕ да се појават пред Комисијата и да одговорат на ненарачаните прашања, барем на дел од нас.

Со вакво обвинување се огласи претседателот на Анкетата комисија, Петре Шилегов од СДСМ, откако десет минути пред почетокот на седница, владејачката партија соопшти дека премиерот Груевски нема да сведочи на закажаната седница на Анкетната комисија за прислушувањето.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, поради редовните обврски ќе одговори на поканата на Анкетната комисија во Собранието на Република Македонија на 14 декември 2015 и ќе се обрати пред пратениците од истата комисија“, соопшти партијата. На прашањата какви обврски има премиерот, одговорот дојде од владината служба за информирање.

„Македонскиот премиер Никола Груевски денеска престојува во посета на Израел, каде ќе оствари средба со неговиот израелски колега Бенјамин Нетанјаху. Во владината делегација се и министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф. Груевски и делегацијата во Ерусалим ќе се обратат на бизнис форум на кој ќе бидат презентирани можностите за инвестирање во Република Македонија“, соопшти владината служба за информирање.

Комисијата не е партиски штаб

Според СДСМ, известувањето за денешното отсуство на премиерот дошло доцна, со оглед дека седницата на Анкетната комисија била најавена уште на 3-ти декември.

„Со жалење можам да констатирам дека Груевски не најде за потребно ниту да се обрати писмено до Анкетната комисија, иако тоа требаше да го направи до 7-ми декември, а Зоран Ставрески се обрати денес давајќи термин надвор од оние кои беа посочени. Анкетната комисија не е партиски штаб на ВМРО - ДПМНЕ за да можат Груевски или Ставрески да ги одбираат термините. Термините се даваат со цел да допре до јавноста вистината, и со цел Анкетната комисија брзо и непречено да ја обавува својата работа и својата функција“, рече Шилегов. Според него, за поведението на ВМРО-ДПМНЕ говори и фактот што во Анкетната комисија имаат членови кои се директно инволвирани во прислушуваните разговори и со тоа имаат конфликт на интереси.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ праша зошто Шилегов не е задоволен од подготвеноста на премиерот да сведочи пред комисијата.

„Господинот Шилегов беше првиот што знаеше дека премиерот ќе сведочи на 14 декември. Но, изгледа сака да ја политизира работата. Бидејќи овде се зборува за тоа кој ги почитува органите на Република Македонија и кој сака или не сака да ја сокрие вистината, има два факта. Првиот факт е дека господинот Заев бега од соочување со вистината и 4-5 месеци не се јавува пред судските органи на Република Македонија. Вториот е дека господинот Груевски како претседател на Владата е тој кој ја почитува оваа Анкетна комисија, сака пред истата да даде изјава и не бега од вистината“, рече Милошоски.

Извршната ја контролира законодавната

Аналитичарите не се изнанедени од денешниот епилог. Професорот Јове Кекеновски вели дека премиерот ќе ги користи сите можни начини за што повеќе да ја одолговлекува таа обврска.

„Бегајќи од сведочење пред Анкетната Комисија, Груевски уште еднаш ја покажа својата 'храброст и невиност'. Но, колку и да одолговлекува, неговата игра е прочитана. Но, она што е најиндикативно, е тоа што Груевски и со овој потег уште еднаш покажа која власт е доминантна во Македонија. Извршната власт е таа која треба да реферира пред законодавната, но тој покажа дека кај нас не е така“, укажува Кекеновски.

Шилегов најави дека без оглед на поведението на ВМРО-ДПМНЕ, Анкетната комисија ќе продолжи со активностите. За утре е закажана нова седница, на чиј дневен ред ќе биде сослушување на сведоците Мартин Протогер и Зоран Ставрески. Тој се осврна и на барањето на власта некои од сведочењата на високите функционери да бидат затворени, заради можно соопштување безбедносни информации.

„Желба е на ВМРО -ДПМНЕ да се затворат седниците кога ќе сведочат нивните високи фунцкионери. СДСМ со таквата желба не се согласува и ќе сториме се што е во рамките на нашата законска, деловничка и политичка моќ да избегнеме затворено сведочење на Груевски и врхушката околу него“, рече Шилегов.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема