Груевски за ФАЦ: Не се враќам во политиката
13 јули 2020Поранешниот македонски премиер Никола Груевски се надева на правда по обвинувањата со кои се соочи во поранешната татковина, но истата планира да ја бара во Стразбур, пред Европскиот суд на правдата, а не пред македонските судови. Со политика веќе нема намера да се занимава, вели Груевски во интервјуто за неделното издание на Франкгфуртер алгемајне цајтунг, негово прво за западен медиум по заминувањето од власт.
На прашањето дали неговиот случај може да се смета и како пресметка меѓу левицата и десницата во Европа, Груевски одбил да одговори. Објаснува дека повеќе не ја следи меѓународната политика толку многу. За време на едноипол годишниот престој во Будимпешта, научил и малку унгарски, но со премиерот Виктор Орбан се сретнал само еднаш.
Поранешниот премиер избега од Северна Македонија на илегален начин во ноември 2018 година пред да се јави на издржување двегодишна затворска казна, откако беше правосилно осуден во случајот со набавката на службено возило. Уште додека бил пратеник, тврди Груевски во ФАЦ, преку посредници му било нудено да гласа за Преспанскиот договор во замена за ослободување од кривичен прогон или намалување на казната. Тие посредници му биле директно испраќани од ексшефицата на СЈО Катица Јанева и од премиерот Зоран Заев.
Новинарот на ФАЦ, Михаел Мартенс пишува дека водел три долги, повеќечасовни разговори со Груевски-два во Скопје пред неговото бегство во Унгарија, и еден во Будимпешта- со вкупна должина од повеќе од 6 часа. Повеќето од разговорите биле снимани, освен еден, кога двајцата опуштено разговарале во скопскиот ресторан Пелистер, каде според Мартенс, Груевски бил постојано поздравуван од гостите и од граѓаните кои сакале да се сликаат со него. Една ипол година подоцна, двајцата повторно разговарале во хотел во центарот на Будимпешта, каде Груевски објаснува дека побегнал од земјата поради страв за сопствениот живот. ФАЦ пишува дека таквиот страв е логичен затоа што двајца други поранешни министри од владата на Груевски биле нападнати од „Албанци“ додека биле во затвор. Дополнително, и одлуките на судовите во Шведска и Грција да не испорачаат неколку македонски државјани барани од СЈО за кривични дела поврзани со режимот на Груевски, ја оправдуваат критиката на експремиерот кон владеењето на правото во земјата, наведува ФАЦ.
Груевски се надева дека ќе добие правда за кривичните дела кои му се ставаат на товар во Европскиот суд на правдата. За да стигнат неговите случаи дотаму, најпрво треба да се исцрпат правните лекови во Северна Македонија.
„Сите случаи против мене се исти: измислени, без никакви докази и политички мотивирани“, вели Груевски.
„Аудио снимките се манипулирани и сечени на различни начини“, тврди и понатаму Груевски, додавајќи дека илегално стекнати снимки како „бомбите“ не можат да бидат доказ никаде во светот. Западот, тврди понатаму Груевски, не сака да ги критикува неправилностите во неговиот и многу други случаи, затоа што владата на Заев го реши спорот за името со Грција и ја внесе земјата во НАТО.
„Наследникот на Груевски, Заев стапи на функцијата за да промени на подобро многу работи. Некои нешта се навистина подобри. Медиуми работат послободно од порано. Во времето на Груевски новинарите добиваа судски покани кога беа критични. И односите меѓу Македонците и Албанците се подобрени. Но, не се работи за одбрана на наследството на Груевски како премиер ако се укаже на бројните недоследности и недостатоци кои се покажаа во процесите против него“, пишува ФАЦ.
„Против овие недоследности, омилениот бегалец на Орбан сака да се жали во Стразбур. Стариот живот е зад него“, пишува ФАЦ и го цитира Груевски:
„Немам намера да се враќам во политиката“.