1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски и Рама: Заедничко градење на иднината на регионот

ЖА/макфакс6 ноември 2013

Евроинтеграциите, меѓуетничките односи и инфраструктурните проекти во фокусот на разговорите меѓу премиерот Никола Груевски и неговиот албански колега, Еди Рама.

https://p.dw.com/p/1AD8T
Фотографија: MIA

Македонија ја поддржува Албанија во процесот на евроинтеграциите, а добрите односи кои постојат меѓу двете држави, треба да се интензивираат и развиваат на секое ниво, преку промоција на заедничките сфери на интерес кои носат напредок на взаемните односи, како и подобар живот за граѓаните, порача премиерот Груевски.

„Постои континуитет на политички дијалог, меѓусебно почитување и доверба, како и добра соработка на регионален план. Се концентриравме на потребата за интензивирање и унапредување на економската соработка, во патната и железничката инфраструктура, како и на повеќе проекти од областа на енергетиката. Македонија е во длабока фаза на подготовки за изградба на дел од автопатот на Коридорот 8, и сме во фаза на изнаоѓање на решение за негова реализација. Се надеваме дека со заеднички напори на двете страни ќе имаме сѐ подобра патна инфраструктура помеѓу Република Македонија и Република Албанија. Македонија и натаму останува проактивно ангажирана за унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка, веруваме дека сите предизвици во регионот можат да бидат надминати со конструктивна политика во духот на европската соработка и добрососедството“, изјави Груевски.

Добрите меѓуетнички односи се темел на заедничката иднина, која двете земји ја градат во регионот, но и внатре во Македонија, смета албанскиот премиер Еди Рама.

„Секако дека ние чувствуваме вознемиреност во моменти кога се пројавува нетолеранција и насилство од меѓуетнички карактер, сме биле и секогаш остануваме решителни да повикуваме на смирување, зрелост и свест дека добрите меѓуетничките односи ќе влијаат на доброто за секое семејство и поединец. Задолжително е да се сфати дека иднината е заедничка, и заеднички ќе ја градиме иднината во регионот, но и тука во земјата, каде Албанците се државотворен дел и ангажирани во сите политички процеси, и заинтересирани Охридскиот рамковен договор да се имплементира од ден на ден со сѐ повеќе посветеност и успех“, порача Рама.

Меѓуетничките односи во Македонија се стабилни, со отворен дијалог за сите заеднички предизвици, е оценката на премиерот Груевски.

Рама: Дојден сум како пријател

Во поглед на македонските евроинтеграции и прашањето за името, Рама вели дека Албанија му дава поддршка на секое решение кое би било разумно и постигнато со разбирање. Албанскиот премиер е убеден дека името може да се реши, и дека со добра волја тоа е надминливо.

„Дојдов тука како сосед и пријател, не сум дојден тука да делам пораки, дојден сум да дискутирам онака како што дискутираме, на отворен начин, со директен и пријателски однос за сите прашања од заеднички интерес. За нас, што поскоро Македонија се интегрира во НАТО и ЕУ, толку ќе биде и подобро за регионот, за Албанците што живеат тука, и за Македонците. Ние сме уверени дека секое задоцнување во оваа насока, го повредува просперитетот и многу побитниот процес, процес на интегрирање и развој на овој регион кој што сe‘ уште заостанува поради историја на конфликти и недоразбирање, но денес има огромна можност да го искористи мирот на својата територија како простор за развој“, заклучи Рама.