1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите подготвуваат „пакетчиња“ за Хан

Катерина Блажевска5 јануари 2016

Еврокомесарот доаѓа во инспекција на реформскиот и пржинскиот учинок, а партиите ќе го правдаат недостигот од резултати со меѓусебни дискредитации. Груевски нема да се повлече од функцијата пред посетата на Хан

https://p.dw.com/p/1HY0C
Фотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

Аферата „Фалсификувани лични карти“, врските на дел од раководството на СДСМ со осомничените за фалсификувањето, како и безбедносни детали од тој случај, ќе бидат спакувани во празничното „пакетче“ со кое ВМРО-ДПМНЕ, според партиски извори, ќе го дочека еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, кој за неколку дена ќе допатува во Македонија. И во штабот на опонентите не седат со скрстени раце. Во нивното пакетче секој ден се дотураат докази за новоткриени лажни лични карти на лица од Пустец, кои во групи од 20 до 30 се воделе на адреси на станови во државна сопственост. Секоја партија со свој арсенал ќе се обиде да ги аргументира одговорите на прашањата што ќе им ги постави еврокомесарот, кој доаѓа да направи увид во спроведувањето на Договорот од Пржино, но и на итните реформски приоритети што ги препорача Европската Комисија.

Груевски чека гаранции

Портпаролката на ЕК, Кетрин Реј, потврди дека комесарот Хан ќе го посети Скопје во јануари.

„Но немам датум. Причината е да направи проценка на ситуацијата“, истакна Реј.

Проценката ќе се прави деновиве. На 11 јануари во Скопје ќе допатуваат тројцата европратеници кои беа први посредници во разговорите меѓу македонската лидерска четворка. До вчера не беше прецизирано дали европратеничката тројка - Едуард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит ќе биде претходница на комесарот, за да може изворно да го информира за кондицијата на Договорот, или сепак сите ќе дојдат во ист термин. Она што е сигурно, е дека еврокомесарот треба да дојде пред крајниот рок, 15 јануари, до кој, според Договорот треба да биде инаугурирана новата влада.

„На чело на новата влада ќе биде новиот премиер номиниран од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Новата влада ќе има мандат до предвремените парламентарни избори“, се вели во Договорот од 15 јули.

Извесно е дека Груевски нема да се повлече од функцијата пред посетата на Хан, односно пред да добие цврсти гаранции дека изборите ќе се одржат во договорениот термин - 24 април. Резервен датум за избори кој фигурира кај бриселските дипломати, неофицијално е 26 јуни, но досега официјално не е отворено прашањето за одложување или за целосно откажување на изборите. Поради тоа, се смета дека Груевски нема да се повлече од функцијата додека во преговарачкиот состав не се расчистат дилемите дали се исполнети условите за регуларни избори. Можеби и тоа е причината што десет дена пред рокот за именување на новата влада, Груевски не открива кој ќе биде неговиот наследник. По тоа прашање се вртат контроверзни информации. Едни тврдат дека имало жестоки дикусии околу изборот на технички премиер, според други, тоа воопшто не се смета за тешко прашање. Според извори од ВМРО-ДПМНЕ, синоќа се одржала седница на Извршниот Комитет на партијата, но воопшто не станало збор за ова прашање.

Johannes Hahn in Skopje
Јоханес ХанФотографија: MIA

„Кога ќе дојде време, партијата брзо ќе донесе одлука. Не се работи за некаков компликуван избор, бидејќи тоа ќе биде премиер со техничка функција“, велат партиски избори. Од партијата тврдат дека тие се заинтересирани да се одржат избори на 24 април, но дел од изворите велат дека „има причини поради кои не се сосема уверени во тоа“.

Многу врева, малку резултати

Надвор од „пакетчињата“ со индиции за криминал и во моментов со употребна вредност за меѓусебна дискредитација, партиите на масата немаат многу резултати кои би сведочеле за нивната поветеност на Договорот или за реформскиот капацитет. По многу пробиени рокови и опструкции на дел од обврските од Договорот, останаа целосно нереализирани медиумските реформи, прашањата што се однесуваат на функционирањето на институцијата Народен правобранител, Антикорупциската комисија, како и обезбедувањето технички и други предуслови за прочистување на избирачкиот список.

Кон крајот на декември еврокомесарот Хан им испрати писмо на четворицата лидери, во кое изрази сериозна загриженост од неспроведувањето на Договорот од Пржино. Според дипломатски извори, Хан бил незадоволен затоа што пречекорувањето на роковите предвидени со Договорот, го загрозува и одржувањето на парламентарните избори закажани за 24 април. Незадоволството од состојбата во која се наоѓа Македонија, Брисел ја искажа и во декемвриските заклучоци што ги усвоија лидерите на ЕУ. Тие повторија дека се сериозно загрижени што политичката криза во Македонија е одбележана со политичка култура на поделби и недостиг на култура за компромис. Официјален Брисел потсети и дека препораката за почнување преговори е условена и дека за неа ќе се одлучува по изборите во април.