Грујевски и Бошковски ќе добијат 40 дена притвор
19 октомври 2017Избеганите припадници на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Грујевски и Никола Бошковски ги очекува притвор од 40 дена пред да биде донесена конечната одлука за нивна екстрадиција во Македонија, велат од македонското Министерство за надворешни работи за ДВ.
Вообичаена постапка во вакви случаи е на лицата да им биде израчен екстрадиционен притвор кој трае 40 дена. Во тој период македонското министерство за правда треба да ја комплетира документацијата и да достави барање за екстрадиција согласно Хашката конвенција за екстрадиција.
МНР веќе ги известило и МВР и Министерството за правда за случајот и понатаму тие треба да постапуваат по него.
Грујевски и Бошковски синоќа беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун. Тие патувале со фалсификувани бугарски пасоши кон, засега, непозната дестинација.
Според неофицијални и непотврдени информации тие најмалку еден месец се криеле во Грција, одредено време на првиот крак на Халкидики, а потоа во Солун.
Македонија и Грција немаат потпишано билатерален договор за екстрадиција, но согласно членот 12 од Привремената спогодба меѓу двете земји, се применуваат три билатерални договори склучени меѓу СФР Југославија и Република Грција уште во 1958 и 1959 година. Со Конвенцијата за заемни правни односи дефинирани се одредбите за правна помош во кривичните работи, вклучително и за екстрадицијата.
Дополнително, двете земји можат да ја користат и Европската конвенција за екстрадиција која Македонија ја потпиша со ЕУ во 1999 година.