1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Покер до крај!

Бернд Ригерт / Е.М. Фиданоска17 јуни 2015

Во Германија многумина го загубија трпението со Грците. Но, канцеларката Меркел не! За нејзе во игра се многу повеќе работи отколку за останатите.

https://p.dw.com/p/1FiO0
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Кованицата „грексит“ со која се опишува излез на Грција од еврозоната се‘ повеќе е во употреба во Берлин. Ваков крај на преговорите на Атина со нејзините доверители од ЕУ, ЕЦБ и ММФ можат да замислат пред се‘ политичари од владејачката коалиција - ЦДУ, ЦСУи СПД. За некои дури ваков исход е и посакуван. И расположението на граѓаните се менува полека, но сигурно. Само уште 41% од Германците, според најновата анкета на телевизијата ЗДФ, се за останување на Грците во еврозоната. Тема која многу се врти во дебатните емисии на германските телевизии се грчките пензии, сфера во која Атина упорно се спротивставува да преземе посериозни чекори на штедење. Грчкиот пензиски систем е еден од најскапите во ЕУ, просечната возраст на заминување во пензија е пониска отколку во Германија.

Освен тоа, тука е и сомневањето дека милијардите со кои Германија гарантира во грчката криза, се во секој случај загубени - со или без „грексит“. Се‘ повеќе Германци во меѓувреме се уверени дека е подобро да се случи страшен крај, отколку да има страв без крај.

Берлин не сака да биде „лошиот“

Во политички Берлин тонот кон Ципрас станува се‘ поостар, при што предничи токму социјалдемократскиот вицеканцелар Зигмар Габриел. Во изјавите за таблоидот „Билд“ тој ја обвинува Атина за уценување, зборува за „теоретичари на игри“ во владата и вели дека за претераните изборни ветувања на една „делумно комунистичка влада“ во Грција не треба да плаќаат германските работници и нивните семејства.

Sigmar Gabriel
Вицеканцеларот Габриел остро ја нападна АтинаФотографија: picture alliance/Sven Simon/A. Hilse

Поради тоа, опозиционата Левица, која е единствена во Берлин која и‘ дава цврста поддршка на владата на Ципрас, го критикува Габриел дека ја подгрева атмосферата. Набљудувачите претпоставуваат дека социјалдемократот со својот остар напад врз Атина сакал уште еднаш да се профилира наспроти канцеларката. Но, дури и од редовите на опозиционите Зелени во меѓувреме може да се чуе дека отпорот на „Ципрас и компанија“ е тешко сфатлив.

Оној што деновиве ќе им постави прашање за Грција на канцеларката Меркел и нејзиниот порптарол Штефен Зајберт, добива само еден одговор: „Правиме се‘ за да ја задржиме Грција во еврозоната“. Се додава и дека преговорите се водат во Брисел и дека одлуката е во рацете на Еврогрупата и министрите за финансии. Берлин не сака на крајот, доколку преговорите пропаднат, да биде „лошиот“.

Владата не одговара на прашањата дали во таков случај постои „план Б“. Министерот за финансии Волфганг Шојбле со денови не дал изјава околу Грција. Гласините дека тој и Меркел веќе немаат ист истав се официјално демантирани, но Комисијата за буџет на Бундестагот вчера за преговорите со Грција не беше информирана од Министерството за финансии на Шојбле, туку од кабинетот на Меркел. Случајот Грција станува работа на шефот!

Компромис во последна минута?

Меркел е подготвена да плати повисока цена за останување на Грција во еврозоната, Шојбле не е, претпоставува магазинот „Шпигел“. Дел од пратениците од политичкиот камп на Меркел очигледно исто така не се. „Ако е неопходно, тогаш треба да се прифати и грексит“, изјави парламентарниот раководител на пратеничката група на Унијата, Михаел Гросе-Бремер. Но, можеби и тоа е дел од покерот.

Бундестагот има решавачки збор доколку во наредните денови во преговорите што се водат меѓу Атина и нејзините доверители не дојде до договор за промена на тековната програма за спас. Во таков случај, тој би морало брзо да расправа, а владејачките партии тешко дека ќе можат да не и‘ пружат поддршка на Меркел, дури и ако таа прави натамошни компромиси. Канцеларката има мнозинство, се вели од редовите на Унијата. Сега надежите на Атина се насочени токму кон канцеларката за која демонстрантите во Атина носеа нацистички карикатури.

Brüssel Celac Gipfel Merkel Tsirpas
Кој има подобри нерви - Меркел или Ципрас?Фотографија: picture-alliance/epa/O. Hoslet

„Ако пропадне еврото, ќе пропадне Европа“, изјави Меркел во Бундестагот пред 5 години. Според нејзиниот портпарол, истото важи и денес. Излез на Грција од еврозоната би можел да биде почеток на крајот. Тоа би значело и крај на лидерската улога на Меркел во Европа и фијаско за кое главно таа ќе биде обвинувана.

Грчката влада во која седат „теоретичарите на игри“ Ципрас и Варуфакис наводно оди на тоа дека компромис е можен во последна минута, на самитот на ЕУ во четврток и петок наредната недела, односно само неколку дена пред завршувањето на тековната програма за помош.

На последниот состанок на претседателството на ЦДУ Ангела Меркел наводно рекла дека смета оти владата на Ципрас сака да тестира кој има подобри нерви. Нејзниот коментар гласел: „Па, тогаш, повелете!“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема