1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сонцето од Вергина „трн во око“ за Грција

ДТЗ /ДВ
14 јануари 2021

Грција бара прекин на антиквизацијата и целосна имплементација на Договорот од Преспа. Во замена се нуди како најдобар сојузник на патот кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/3nvJk
Deutschland Berlin | Treffen EU-Außenminister | Nikos Dendias, Griechenland
Грчкиот министер за надворешни работи Никос ДендиасФотографија: Imago Images/photothek/T. Imo

Грција ги поддржува евроинтеграциите на Западен Балкан и најавува дека може да и биде најдобар сојузник на Северна Македонија на патот кон ЕУ. Во замена бара прекин на антиквизацијата и целосна имплементација на Договорот од Преспа, поради што се инсистира новото име да го користат сите. Ваква порака испрати шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас по денешната средба во Атина со министерот за надворешни работи, Бујар Османи. 
Има напредок во Договорот од Преспа, но новото име треба да го користат сите, па и веб-порталите, побара шефот на грчката дипломатија. Официјална Атина бара целосно отстранување на сонцето од Виргина, преименување на патишта и објекти.

Напредок и сопки

„Грција е подготвена да обезбеди техничка помош за да се поддржат напорите на земјите од Западен Балкан за пристапување кон ЕУ. Целосното, конзистентно имплементирање на Договорот од Преспа е начин за обезбедување на напредокот“, вели Дендиас. Тој на заедничката прес-конференција со Османи оцени дека откако Договорот стапи во сила, има напредок во спроведувањето на промената на името. Но, смета дека е потребен поголем прогрес. „Од една страна потребен е прогрес во користењето на името и терминологиите од сите државни институции и приватни субјекти, вклучувајќи и интернет-страници, а од друга страна потребен е и прекин на антиквизацијата – отстранување на сонцето од Вергина од сите јавни површини, преименување на патишта и објекти“, рече Дендиас.

-повеќе на темата: Заев во Атина: Стари пријатели и нови пријателства

Османи е задоволен од посетата на Грција, со која што стартуваше неговата дипломатска активност годинава. Вели дека намерите се да се изгради подлабоко долгорочно пријателство меѓу двете земји, а се заблагодари и за поддршката од Грција на нашиот пат кон ЕУ. „Ја цениме оваа поддршка и ја сметам за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Во истата насока сакам да ја нагласам и соработката во рамките на НАТО, преку аранжманот меѓу двете држави за заштита на воздушниот простор, што во голема мерка придонесува за унапредување на довербата меѓу двете земји на политички и безбедносен план“, рече Османи.

Проекти 

Двајцата шефови на дипломатијата разговарале и за пандемијата со Ковид-19, за што Дендиас рече дека Грција вложува напори за обезбедување вакцини и за Северна Македонија. Дендиас и Османи потпишаа и три меморандуми за разбирање: едниот ќе биде за цивилна заштита, другиот за соработка на дипломатските академии и третиот меѓу „Invest North Macedonia“ и „Enterprise Greece“.

-повеќе на темата: Американско лоби за конкретизирање на македонско-грчките енергетски врски

Пред двете земји претстојат сериозни инфраструктурни и енергетски проекти. Целта е да се создадат сите услови за натамошно унапредување на трговската размена, размената во областа на туризмот, инвестициите, како најважна и сигурно најопиплива придобивка за граѓаните. „Пред нас се сериозни проекти - преку изградбата на интерконекторот за пренос на гас, поврзување на земјите преку гасовод, возобновување на постојниот нафтовод, учество во изградбата на гасниот терминал Александрополис, железничкото поврзување, патното поврзување и секако отворањето на новите гранични премини Маркова Нога-Лемос и Мајден-Промахои“, рече Османи.
Шефот на македонската дипломатија во рамките на официјалната посета на Грција се сретна и со претседателката Катерина Сакеларопулу, премиерот Кирјакос Мицотакис и со алтернативниот министер за европски прашања, Милтијадис Варвициотис. 

-повеќе на темата: Холштајн: Формулацијата за „погрешното толкување на историјата“ еднакво ќе важи за Северна Македонија, Бугарија и Грција

Како што се посочува во соопштението на МНР, на средбите бил нагласен и досегашниот активен ангажман на Грција во делот на европските интеграции на Северна Македонија и било потенцирано дека земјата остануваа доследен поддржувач што е од интерес за двете држави, но и од клучно значење за целиот регион.
„Не смее да биде загрозена европската перспектива на земјите од Западниот Балкан. Сите мора да вложиме во развојот на добрососедските односи, да ја засилиме регионалната соработка и да ја зачуваме европската иднина на регионот. Само преку рушење на стереотипите од минатото и создавање стабилни пријателства ќе обезбедиме просперитетна иднина за нашите граѓани“, смета Османи. Коментирајќи ги средбите во Атина, министерот Османи на својот профил на Фејсбук порача дека двете земји создале пример за пријателство и добрососедски односи.