1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција по програмата за спас: „Мора да се почне од нула“

25 февруари 2019

Веќе шест месеци Грција финансиски стои на сопствени нозе. Но, ситуацијата за граѓаните останува проблематична. И премиерот Ципрас стравува за својот реизбор.

https://p.dw.com/p/3E2rJ
Griechenland - Thessaloniki - Baubranche
Градежништвото, кое е важно за грчката економија, само малку е опоравено од кризатаФотографија: DW/F. Schmitz

Кога Јанис Пападопулос ги слуша политичарите дека дошол крајот на кризата, тој може само да се насмее. Сѐ оди добро? Но за кого, се прашува тој. За својата работа во компанија за чистење на училишта тој месечно заработува околу 560 евра, а дневно мора да исчисти 18 училници. Ситуацијата не се подобри ниту откако Ципрас е премиер. „Со сите влади е исто: тие сакаат само да добијат на време.“

35 години тој бил во Германија, каде студирал биологија и работел. Кога се разболела мајка му, во 2010. се враќа во Грција, и се шокира. Соседите ги пребарувале контејнерите за да врзат крај со крај. Такво нешто не можел ни да си замисли дека се случува. И денес, девет години подоца, речиси и да не се наѕира крајот на кризата. Бројките кои доаѓаат од Атина не го воодушевуваат. „Државата им должи милијарди евра за поврат на данок на граѓаните. Така што, кога ќе речат дека имаат вишоци, се прашувам каде им се.“

Напредок на хартија

На хартија бројот на невработени навистина опадна – од 27,5% во 2013 година сега е 18,6%. Сепак, стапката и натаму е највисока во Европа. Исто така и невработеноста кај младите е опадната од 50% на 36,6%. Но, речиси никој не се радува поради ова. Бидејќи, наводниот раст граѓаните речиси и да не го чуствуваат. Истовремено недовербата во однос на оптимистичките прогнози од Атина во 2019, која е изборна година, е на највисоко ниво. Никос Варсакелис, професор по економија на Универзитетот Солун, има разбирање за песимизмот. „Грчкиот народ не треба да верува дека економијата сега брзо ќе расте. За тоа е потребно подолго време. За таа цел тука мора прво да дојдат нови компании." Но, тоа овде не се случува. Напротив.

Токму во делот на производство, односно она што ја движи економијата, исто како и претходно има сериозни проблеми. Бидејќи фабриките кои во екот на кризата мораше да затворат или да се преселат, оставија голем јаз до ден-денес. И работниците избегаа од земјата.

Belgien Statue Europa vor EU-Parlament in Brüssel
Грчкиот народ не треба да верува дека економијата сега брзо ќе расте, вели ВарсакелисФотографија: picture-alliance/D. Kalker

Варсакелис проценува дека штетата која настана за земјата во кризата е околу 80 до 100 милијарди евра. Само во градежната бранша, која е една од најважните, според пресметките се загубени околу 500.000 работни места. И индустрискиот сектор, кој е важен за економската стабилност на земјата, исто така е во опаѓање - од традиционално силната прехранбена па сѐ до металопреработувачката бранша. „Едно работно место овде креира уште десет во други бранши. Поради тоа сметам дека е многу важно ЕУ да го зголеми уделот на индустријата во БДП на 20%." Во Грција тоа е сега 9 проценти – премалку за да се надомести катастрофалниот заостаток од претходните години.

Повеќе: Втората шанса за Грција

Нема олеснувања за малите бизниси

„Мојот сопруг и јас имавме големо фитнес студио – за време на кризата. Одвај да имавме клиенти кои можеа да си платат членарина. Но, најголемиот проблем за поголемиот број компании е осигурувањето. Тоа е голема ставка," објаснува Марилена Папдаки од Солун.

Тие морале да го затворат студиото. За нив ова е последица на неправеден систем на придонеси. „Давачките не се во согласност со приходите, туку според години во кои се плаќа придонес. Така не е важно дали имате мал киоск или голем супермаркет, трошоците за осигурување се исти, иако можеби немате заработувачка."

Во меѓувреме оваа историчарка по професија работи како фриленсер. За грчката држава таа е трговец поединец. И сега повторно мора да плаќа давачки кон државата. И покрај тоа што е здравствено осигурана, таа си плаќа кога оди на лекар, инаку треба долго време да чека за термин. А тука се и даноците. Со претплата за следната година и ДДВ од 24%, половина од нејзината заработувачка оди во државната каса. Заедно со осигурувањето нејзе од секое заработено евро ѝ остануваат 30 центи.

Никос Варсакелис добро ги знае овие грижи, но тоа не е единствениот проблем. Високи давачки компаниите немаат само за социјалните давачки или даноците, туку имаат големи издатоци и за оперативни трошоци, како струја и енегргија. Дополнително тука се и високите административни трошоци. „Компликуваната грчка бирократија има воведено високи такси за компаниите, а потребно е многу време и персонал за да се справат со овие проблеми." Според една студија на Здружението на грчката индустрија, овие трошоци се седум до осум проценти од БДП.

Повеќе: Им оди ли навистина подобро на Грците?

Одлив на мозоци

Сепак, негов најголем проблем е технолошкиот сектор, кој всушност треба да биде браншата која ќе носи економски раст. Но, и тука Грција не профитира. „Компаниите во овој сектор се селат во странство. И поради тоа висококвалификувана работна сила, која се има отселено од Грција, не се враќа назад".

Griechenland Piktogramm Akademiker verlassen das Land
Фотографија: imago stock&people

Грчките компании кои останале во земјата имаат двоен проблем поради ова. Младите професионалци кај нив ги стекнуваат првите работни искуства, а потоа поради многу подобри услови и плата одат во земји како Англија или Германија. Но тука пред сѐ лежат структурни проблеми, вели Никос Варсакелис. „Според мене, грчката држава мора целосно да се промени. Мора да се почне од нула и треба да се прашаме: каква држава сакаме да бидеме?“

Ќе биде тесно за Ципрас

Актуелниот премиер Алексис Ципрас не е сам во ветувањата за придвижување на економијата. Тоа го ветуваа и неговите претходници. Но, досега не му успеа никому. Во меѓувреме многу луѓе се разочарани од Ципрас. Кога тој победи на изборите во 2015 година вети фер правна држава. Големи беа надежите дека општествено одговорниот премиер ќе ги растресе корумпираните и летаргични институции.

Сега ситуацијата за првиот човек на владата е тесна. Нови избори, според планот, треба да се одржат во октомври. Прашање е, дали премиерот со својата малцинска влада ќе издржи дотогаш. Уште поголемо прашање е дали Грција повторно ќе му ја даде довербата.