1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Грција - туристичкиот рај во кризно расположение

Јанис Пападимитриу
7 мај 2020

Грчките хотелиери страхуваат дека во време на корона веќе нема да има туристи. Едвај „заздравена” по должничката криза, Грција повторно е на испит. 

https://p.dw.com/p/3btRL
Pressebild Jorgos Katikas | Griechenland-Tourismus
Фотографија: Jorgos Katikas

Јоргос Катикас ужива во сончевите пролетни денови и ладното нескафе во градината. Заедно со неговите родители имаат хотел во родниот град Ретимнон на островот Крит, уредни соби, блиску до плажа, без екстравагантност. На почетокот на мај веќе би требало да стасуваат резервациите за летото. Но, короната промени сѐ. „Уште размислувам дали се исплати летово воопшто да отвараме за туристи”, вели Катикас во разговор со ДВ. „Од денешна перспектива би рекол дека не”, додава тој. Од една страна поради ограничувањата едвај и да може да дојдат гости од странство. Од друга страна потребни би биле комплицирани хигиенски мерки, а никој точно не може да им каже кои. Но, во теорија сѐ е можно - на пример да се затвори просторијата за појадок или појадокот од хигиенски причини да се носи во собите. „Но, тогаш само за појадокот треба да вработувам нови луѓе и тоа не можам да си го дозволам”, вели сопственикот на хотелот. Веројатно Катикас ќе најде економски разумно решение, сепак е дипломиран економист. По неговите студии во Атина долго време работел како економски новинар за разни телевизии и печатени медиуми. Во 2012 на врвот на должничката криза која ги зафати и медиумите, Катикас се вратил на Крит. 

Повеќе:

Грчките шанси во корона-кризата

Грчкиот пациент – десет години подоцна

Грција во небрано по колапсот на Томас Кук

Грција и С. Македонија – одмор меѓу национализам и секојдневие

Тоа му се исплатело: „За туризмот 2012 беше катастрофална година, но од тогаш се движеше сѐ по нагорна линија и секое лето имавме нови рекордни бројки на туристи”, се радува 45-годишниот. Особено северот на Крит профитира од посетителите од Скандинавија кои веќе десет или петнаесет години се верни на островот како да си имаат своја вила таму, вели тој. Но, годинава короната на сите хотели им ги помати сметките. 

Страв од ценовна војна заради короната

Економски хотелот веќе и да нема смисла, се жали Александрос Ангелопулос, шеф на реномираниот ланец хотели Алдемар и генерален секретар на Здружението на хотелиери во Хераклион, главниот град на Крит. 

Ангелопулос за ДВ вели дека пред сѐ луксузните хотели во Грција актуелно имаат огромен финансиски проблем. Причината: „Многу од нив преку зимата беа реновирани, работата е 90% завршена и мора да биде платена, а приходите на кои се надевавме изостануваат”. 

Покрај тоа можни се и дополнителни трошоци за хигиенски мерки во време на корона кои Ангелопулос за луксузните хотели ги проценува на 2-3% од годишниот буџет. И потоа има и трет проблем: „ако сите хотели во Хераклион отворат и да речеме има 4 илјади слободни легла, но само една илјада посетители, ќе се најдеме пред ценовна војна која сите економски ќе нѐ руинира”. 

Странски туристички агенции ќе притискаат произволно за намалување на цените, а тоа просто не смее да се дозволи. Се работи за ускладување на побарувачката и понудата, вели економистот. Со други зборови: „Разбирам дека агенциите си ја вршат својата работа, но и ние мораме да ја вршиме нашата”. 

Додека ЕУ се обидува да изнајде заедничка стратегија за укинување на актуелните ограничувања за патување, Австрија сака да воведе невообичаен модел: одредени ЕУ земји членки да си ги отворат меѓусебните граници со билатерален договор, дури и ако ограничувањата за патување во Европа останат и во текот на летото, објаснува министерката за туризам Елизабет Костингер. Во Грција има различни реакции за ова. Лисандрос Цилидис, шеф на грчката Асоцијација на туристички агенции (ФЕДХАТТА) го критикува предлогот, кој според него го поткопува заедничкиот ЕУ пазар. „Во таков случај ние во туристичката бранша треба да се однесуваме како при натпреварот за песна за Евровизија и да претпочитаме пријателски држави,“ се жали со мала доза на иронија во едно телевизиско интервју. Од друга страна Ангелопулос е отворен кон австрискиот предлог и вели дека ионака е изгубено многу драгоцено време, како и дека ќе потрае додека земјите донесат заедничко прифатливо решение. Неговиот заклучок гласи: „Билатералните договори се најбрзиот и најсигурниот начин за нештата малку да се придвижат.” Сепак, главниот предуслов е вообичаените протоколи за чистење и хигиена да се применуваат за сите заинтересирани земји.

Beitrag Griechenland-Tourismus, Foto von Jannis Papadimitriou
На Грција туристите ѝ се очајно потребниФотографија: Jannis Papadimitriou

Главниот економски мотор на Грција е „зарибан”

За Грците не се работи само за претстојната летна сезона. Со 24% од БДП туризмот е најголемиот економски мотор на земјата и даде значаен придонес Грција да ја преброди должничката криза и во 2018 успешно да се затвори спасувачката програма од ЕУ- партнерите. На туристичите острови како Крит и Родос во меѓувреме туризмот сочинува 80% од економијата. Менаџерот на хотелот, Ангелопулос предупредува дека ако пропадне туристичката сезона ќе бидат загрозени до 900.000 работни места.

И Јоргос Катикас е загрижен за економската иднина на Грција. Економскиот новинар и татко на две деца, уште долго пред пандемијата си ја постави својата домашна канцеларија на Крит и редовно ги коментира берзанските движења за атинските медиуми. „Индексните движења на берзите ги следам онлајн, си ги одржувам контактите, немам никаков проблем,“ уверува економистот. И како хотелиер и како аналитичар, на прашањето дали грчкото стопанство може да преживее втора депресија во само неколку години, Катикас го дава истиот одговор: „Ќе биде многу, многу тешко..”