1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчката криза веќе се чувствува и во Македонија

Костадин Делимитов7 јули 2015

Пад на трговијата, проблеми со наплатата. Македонскиот бизнис веќе ги чувствува првите последици од грчката криза.

https://p.dw.com/p/1Ftmk
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Грчкото „Не“ на мерките за штедење ја зголемува загриженоста кај македонските компании. Веќе се чувствуваат и првите посериозни сигнали од трговијата со јужниот сосед. Вниманието и на овдешната јавност, посебно на бизнис заедницата, е насочено кон натамошниот развој на случувањата во Брисел од каде се очекува конкретен одговор на новонастанатата ситуација. Бизнисот на дневна основа засега се одвива тековно, но очигледен е стравот од прелевање на кризата доколку не се најде ефикасен модел за решавање на проблемот. Експертите предупредуваат дека последици многу веројатно дека ќе има, директно или индиректно во зависност од натамошниот развој:

„Постојат неколку канали на можно прелевање на грчката криза во Република Македонија, како и од евентуалниот излез од еврозоната и воведување на драхмата. Некои од нив делуваат директно (врз основа на тековните трговски и пошироки економски и општествени односи помеѓу Македонија и Грција) и индиректно, преку ефект кој кризата би го имала врз економиите на земјите на ЕУ и врз меѓународните финасиски пазари. Доколку се случи враќање кон драхмата, ќе се зголемат т.н. трансакциски трошоци за соработка помеѓу компаниите во земјава и Грција, бидејќи наместо досега предвидливиот однос денар-евро кој обезбедување стабилност за компаниите, сега ќе биде внесен девизен ризик во трансакциите. Значи, би се очекувало натамошно намалување на трговијата меѓу земјите. Секако, трговијата ќе зависи и од вредноста на драхмата. При евентуално воведување на драхмата, истата би имала ниска вредност заради севкупната нестабилност во земјата. Мошне веројатно е дека ќе се изврши и нејзина девалвација со цел на кус рок да се поттикне извозот, а намали увозот. Тоа негативно би делувало врз македонските извозници кон Грција бидејќи нивните производи ќе поскапат. Постојат и одредени ефекти кои не ги гледаме на макро ниво, но имаат значење за економијата во одредени делови на земјава. Така на пример, кризата и ценовниот раст во Грција може да влијаат врз зголемување на т.н. “медицински туризам” во пограничните градови, но и средствата кои се влеваат во Макеоднија преку коцкарниците близу границата“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Никица Мојсоски Блажески

Први сигнали за проблеми во наплатата

Дел од компаниите кои на дневна основа работат со Грција веќе чувствуваат потешкотии во работењето. Трговијата и транспортот велат засега се одвива нормално но се чувствуваат први сигнали за проблеми во наплатата:

„Станува тешко пред се од аспект на финансиите. Нема проблеми кога ги реализираме плаќањата кон Грција, во таков случај финансиските текови се нормални, но веќе е присутен застој од грчка страна, кога треба од таму да се изврши плаќање. Затоа треба да се биде многу претпазлив. Ние како компанија веќе работиме само на сигурно, односно само доколу имаме обезбедена сигурна наплата. Значи пад во трговијата дефинитивно има и ќе има, исто така и во делот на транспортот се можни проблеми бидејќи не е мал бројот на фирми кои вршат вакви услуги за грчки компании. Но да видиме, се` зависи од тоа како ќе се одвива понатаму состојбата, што ќе решат во Брисел. Во секој случај е неизвесно“, коментира за Дојче веле директор на една компанија чии активности главно се поврзани со Грција.

Ваквите сигнали секако дека се неповолни и за транспортерите кои во добар дел зависат од работата кон Грција. Солунското пристаниште според информациите засега функционира без проблеми што е секако позитивно со оглед дека доминантен дел од транзитот на стоките кон Македонија поминуваат преку него:

„Ние сме директно зависни од бизнисот што на дневна основа го вршат македонските и грчки компании. Засега немаме пријави за намален обем на работење, контејнерскиот превоз оди добро, исто така и превозот на нафтата, но доколку има нарушување на трговијата секако дека ќе има последици. Грција е за нас многу важна дестинација бидејќи нашите транспортери вршат услуги не само за стоки кои таму се извезуваат од кај нас, туку и во делот на транзитот“, коментира за Дојче веле Билјана Муратовска, претседател на здружението на транспортери Макамтранс.

Mazedonien Bankautomat Geld abheben
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Трговската размена прва на удар

Надлежните засега не регистрираат позначајни промени во транспортот на стоки на граничните премини кон Грција. Податоците од последните два месеца напротив покажуваат дури и благо зголемување на камионскиот превоз:

„Во текот на јуни на граничните премини за патен сообраќај вкупно транзитирале над 83 илјади товарни моторни возила од кои околу 51 илјада полни, а околу 32 илјади празни. Најголем промет е остварен на граничните премини со Грција и тоа околу 32 илјади или околу 39%. Најголем промет по поединечни премини е остварен на граничниот премин Богородица со околу 31% од вкупниот промет. Во истиот период минатата година вкупно транзитирале околу 72 илјади товарни возила од кои 44,2 илјади полни, а околу 27,8 илјади празни. Во текот на мај 2015 година на граничните премини за патен сообраќај вкупно транзитирале околу 80 илјади камиони од кои околу 47 илјади полни, а околу 33 илјади празни. Најголем промет исто така е остварен на граничните премини со Грција и тоа околу 38%. Најголем промет по поединечни премини е остварен на Богородица со околу 32% од вкупниот промет. Во истиот период минатата година вкупно транзитирале околу 72 илјади товарни возила од кои 43,5 илјади полни, а околу 28,5 илјади празни“, велат за Дојче веле од Царинската управа на Република Македонија.

Домашната бизнис заедница веќе предупреди дека трговската размена ќе биде прва на удар од влошување на состојбите во Грција што секако би било загрижувачки со оглед дека јужниот сосед важи за трет трговски партнер на Македонија. Од финансиски аспект сигналите засега се смирувачки. Народната банка соопшти дека банкарскиот сектор е стабилен и нема потреба од помош однадвор. На дневна основа се следат операциите и на банките со грчки капитал во Македонија кои работат нормално.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема