Грчката криза ги притиска преговорите за македонската криза
30 јуни 2015„Мало поместување“ од претходно тврдите позиции на некои од партиските лидери на вчерашната средба, резултираше со договор за натамошно продолжување на разговорите на македонската четворка. За успех се смета и самиот факт што разговорите не се прекинати, односно дека процесот е жив.
По вчерашната средба што траше час и половина, се огласија само СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и тоа со соопштенија со сосема идентична содржина, што укажува дека текстот бил усогласен на средбата, односно дека разговорите на четворката во завршната фаза се сведени исклучиво на преговори меѓу опонентската двојка Груевски - Заев.
„Лидерите на главните политички партии се состанаа за да ги продолжат дискусиите за точната организација на владата што ќе ги подготви изборите, како што е предвидено во шестата точка од договорот од 2 јуни. Во овој контекст лидерите се договорија да се состанат повторно во деновите што следуваат. Премиерот Никола Груевски го претстави владиниот нацрт план за примена на препораките што се однесуваат на системски реформи во областа на владеење на правото што е потребно да се спроведат согласно точката 6 од договорот од 2 јуни“, беше наведено во идентичното соопштение испратено од центрите за комуникација на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ.
Подготвени за отстапки?
Иако партиски извори тврдат дека има „мало поместување“ во однос на шестата точка од договорот од 2 јуни, за организацијата на владата што ќе ги подготви изборите, засега никој не открива на што се однесува тоа и која страна во разговорите го омекнала ставот.
„Кога се преговара, сите ќе мора од нешто да отстапат“, велат воздржано партиски извори, што укажува дека подготвеност за отстапки има и во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ.
Такво расположение не беше видливо во седмицата што и‘ претходеше на средбата. Таа помина во атмосфера на жестока меѓупартиска реторика и повторување на непопустливите партиски ставови. Но, на средбата и‘ претходеа и интензивни консултации на преговарачките тимови со амбасадорите на САД и ЕУ во Скопје, Џес Бејли и Аиво Орав, па се претпоставува дека разговорите помогнале во надминувањето на некои разлики. Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ на вчерашната средба побарале уште малку време, по што било договорено во наредниве денови да се одвиваат „интензивни меѓупартиски разговори“.
Како што дознава Дојче веле, сите дипломатски напори се фокусирани на постигнување финален договор за излез од кризата, бидејќи во целата ситуација влијание веќе немаат само внатрешни, туку и екстерни фактори. Имено, состојбата во соседна Грција го апсорбира речиси целото внимание на официјален Брисел поради потенцијалните ефекти што тамошниот развој може да ги предизвика врз еврозоната. Ако македонските политички лидери не покажат капацитет за брзо и ефикасно решение, под притисок на растечката криза во Грција и нејзините наднационални последици, Македонија може да падне речиси во дното на фокусот на ЕУ. Според истите извори, времето што им е дадено на лидерите за нови консултации и разговори го остава процесот во живот и ги зголемува шансите за договор. Таа активна позиција ги остава отворени за сугестии и медијаторска помош.
Кризата ќе трае
Домашни аналитичари, пак, натамошното одржување во живот на процесот кој тапка во место, го гледаат во контекст на најавеното доаѓање во регионот на помошникот државен секретар на САД за европски прашања, Викторија Нуланд. Повеќето од нив одбиваат да ги коментираат лидерските средби, поради недостиг на информации и „срамна нетранспарентност“. Аналитичарот Сашо Орданоски, имајќи ги предвид досегашните јалови преговори, смета дека политичката криза ќе трае.
„Со Македонија владее структура која одамна ги има изгубено атрибутите на демократската политика и на однесување во рамките на правото. Тоа сега е и меѓународно верификувано, со објавениот европски експертски извештај. Сега, постои очекување дека со таква криминогена структура ќе се постигне компромис за нивна демисија од власта. Таков преседан не постои во модерните меѓународни искуства, па не верувам дека Македонија ќе биде првата земја во која структури на организиран политички и класичен криминал доброволно ќе се повлечат од власта. Ако тоа повлекување не биде доброволно, тогаш некој мора да врши притисок тоа да се случи на друг начин. Меѓународната заедница, која е соучесник во процесот на дегенерирањето на демократијата во Македонија, таков резолутен притисок сѐ уште не врши врз Груевски, а опозицијата ја нема моќта да го принуди Груевски на повлекување“, вели Орданоски. Според него тоа значи дека политичката криза ќе трае.
„Економијата и без кризата беше во лоша состојба - со тоа ќе се намалува можноста за мирно разрешување на кризата со секоја изгубена недела во јалови преговори. Не би исклучил ни непријатна ескалација на кризата веќе од септември годинава“, вели Орданоски.