Гувернерот на Флорида бара оставка од шефот на ФБИ
17 февруари 2018По тешките пропусти на истражните органи пред масовното убиство кое се случи завчера (14.02) во средно училиште во Паркленд, гувернерот на американската сојузна држава Флорида, Рок Скот, побара оставка од шефот на ФБИ, Кристофер Реј. Во вчера објавеното соопштение, републиканскиот сенатор истакна дека никакви извинувања не можат да ги вратат животите на 17-те загинати лица или да ја намалат болката на нивните најблиски. „Овие семејства целиот свој преостанат живот ќе се прашуваат како воопшто можело да се случи вакво нешто“, вели Скот.
Претходно Федералното истражно биро призна дека добило дојава на 5. јануари, но не спровело истрага во врска со неа. Едно лице телефонски укажало на опасноста од подоцнежниот убиец Николас Круз, дека тој можеби планира напад врз училиште, опседнат е од оружје и сака да убие што поголем број луѓе. ФБИ соопшти дека повикот не бил натамошно проследен до локалната полиција и не била спроведена истрага во врска со него.
Директорот на ФБИ, Кристофер Реј изрази длабоко жалење и најави детална истрага.
„Потфрлувањето на ФБИ е неприфатливо, директорот мора да си поднесе оставка“, побара гувернерот на Флорида, Скот.
Николас Круз на 14. февруари, на Свети Валентин, изврши напад во своето поранешно училиште во Паркленд и уби 14 ученици и тројца возрасни луѓе, по што беше фатен и уапсен. Против него е подигнато обвинение, а напаѓачот го призна делото.