Гугл „на коленици„ во Кина
26 јануари 2006Раководството на Гугл нагласи дека ваквиот чекор го направило за воопшто да добие дозвола од владата во Пекинг да отвори кинески портал.
Гугл се обврза да ги отстрани, односно да ги блокира сите содржини, кои кинеската влада ги самета за неприфатливи. Тука спаѓаат на пример чет форуми и други содржини во кои се бара независност на Тајван или пак на Тибет. Меѓу забранетите содржини спаѓа и критиката на крвавото задушување на студентското востание на главниот плоштад во Пекинг во 1989 година. Кога некој ќе пребарува по светската компјутерска мрежа и по термини како демократија или човекови права, тогаш ќе се најде на една од интернет страните на кинеската влада и ќе може да го прочита само официјалното мнение во врска со таа тема.
Организацијата „Репортери без граници„ остро ја критикуваше ваквата постапка на Гугл, нарекувајќи ја срамота:
„Според гледиштето на Репортери без граници ова е навистина црн ден за слободата на мислењето во Кина, бидејќи со овој чекор таа е уште поограничена. На кинеското население со тоа му се одзема можноста за пристап до голем дел од информациите„ – оцени портпаролката Катрин Еверс.
Организацијата за Загрозени народи пак го осуди Гугл за опортунистичка автоцензура. Доколку претпријатието соучествива во создавањето дигитален и информатички „кинески ѕид„ тогаш се претвора во помошник на тамошниот режим – порачува организацијата „Загрозени народи„.