Гугл тестира интернет - балони
15 јуни 2013Гугл планира да обезбеди од балони на 20 километри височина пристап кон интернет за региони каде не постои интернет приклучок. Во близина на езерото Текапо на Нов Зеланд во рамките на проектот веќе стартуваа 30 балони.
„Верувавме дека може да функционира. Сега знаеме дека функционира“, изјави раководителот на проектот, Мајк Кесиди, за новинската агенција ДПА во Кристчрч. Група од 50 тест-лица во регионот доби специјални интернет-антени со големина на фудбалска топка и можеше да се поврзе на интернет мрежата од балоните. Интернет информациите од и до балоните беа пренесувани преку копнени станици преку бранови. Балоните можеа да комуницираат меѓусебно и создадоа мрежа во воздухот.
Проектот „Лун“ е дело на групата експерти, „Гугл Х“. Таа има задача да пронаоѓа радикално нови технолошки решенија „за разрешување на вистински големите проблеми во светот“. Оваа екипа му е директно подредена на соосновачот на Гугл, Сергеј Брин.
„Сметаме дека е можно преку прстен од илјада балони, кои носени од ветрот во стратосферата ќе ја обиколуваат Земјината топка, на луѓето на Земјата да им овозможат интернет врска, но засега се наоѓаме во почетна фаза“, изјави за ДПА раководителот на проектот, Кесиди.