Д-р Пановска-Ставридис: Прегледајте се пред да биде предоцна
15 септември 2021Раното дијагностицирање на лимфомот дава можност за целосно излекување од оваа малигна болест, вели директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска-Ставридис на денешниот Светски ден за подигнување на свеста за лимфом. Бројот на откриени случаи на лимфом во земјата паднал за 38% во последните две години и тоа е причина за вклучување на алармот.
„Многу е важно да им помогнеме на граѓаните да ги препознаваат симптомите на лимфомот и да побараат на време помош од лекар. Раното дијагностицирање и адекватниот третман за оваа малигна болест се од витално значење", апелира таа.
„Ако пациентите се третираат навреме, многу од нив може да се излекуваат и да имаат долг, квалитетен и среќен живот".
Во спротивно, вели Пановска-Ставридис, смртноста не само од лимфом, туку и од другите болести кои не се откриваат и третираат навреме, ќе биде поголема од смртноста на пациентите заболени од Ковид-19.
„Се плашам дека денот кога ќе направиме анализа како Ковид-19 пандемијата влијаела на останатите заболувања, нивната дијагностика и лекување, како и смртноста од нив, најверојатно овој морталитет ќе биде повисок од директниот морталитет на пациентите заболени од Ковид-19. Да се обидеме, заедно, овие колатерални Ковид-19 штети колку што можеме да ги намалиме."
Симптоми и откривање
Лимфом претставува малигна болест на имуниот ситем која последните две децении бележи зголемена инциденца, како во светот, така и во Северна Македонија. Околу еден милион луѓе ширум светот живеат со лимфом и секој ден се дијагностицираат по речиси 1.000 нови случаи. Но и покрај тоа свеста кај луѓето за симптомите на лимфомот е доста ниска.
Основен симптом на лимфомот е зголемен, безболен подкожен лимфен јазол кој перзистира подолго време. Оваа состојба не треба да се занемарува ниту од пациентите, ниту од здравствените работници. Останати пропратни симптоми на лимфомите се намалена енергија, необјаснива треска, зголемена телесна температура, кашлица, постојано чешање по целото тело и намалување на телесната тежина.
Од почетокот на пандемијата на Ковид-19 се забележува сериозно намалување на бројот на откриени случаи на лимфом, но и на многу други малигни и хронични болести.
„Бројките кажуваат дека во Севeрна Македонија во 2019 година биле дијагностицирани 150 пациенти со лимфом, во 2020 година до месец август биле откриени 74 пациенти со ова заболување, додека во оваа 2021 година само кај 52 пациенти е дијагностициран лимфом. Заклучокот е дека од почеток на пандемијата до денес забележуваме невообичаено континуирано опаѓање на бројот на новодијагностицирани пациенти“, вели Пановска-Ставридис.
Оттука таа апелира до граѓаните навремено да се јавуваат кај своите матични лекари веднаш штом ќе забележат зголемен лимфен јазол. Да не дозволат состојбата со Ковид- 19 да ги одврати од посетата кај матичниот лекар затоа што физикалниот преглед на лимфниот јазол е клучен чекор во откривањето на ова заболување.
Електронска амбуланта
Апелот се однесува и на матичните лекари- редовно да ги прегледуваат своите пациенти со палпација на лимфните јазли и да бараат дали постои промена или лимфаденопатија, затоа што раното дијагностицирање и соодветниот третман на ова хематолошко малигно заболување има клучно значење за излекување и успешен клинички исход од третманот. На Клиниката за хематологија во Скопје е отворена и електронска амбуланта. Со неа се поедноставува комуникацијата помеѓу матичните лекари и хематолозите, за пациентите кај кои има сомнение за хематолошко заболување, малигно или бенигно, примарно или секундарно. Оваа интернет амбуланта е можност за матичните лекари, преку телефонска и интернет консултација во Мој термин, да испраќаат резултати или прашања околу наведените заболувања. На тој начин се овозможува соработка помеѓу здравствените работници од примарното и секундарно здравство, за побрзо дијагностицирање и третманско реагирање, како и дополнителна заштита на пациентите.
„Поради состојбата во која се наоѓаат пациентите со малигни лимфоми тие се карактеризираат како ранлива категорија граѓани, кај кои навремените прегледи кај матичен лекар со палпација на лимфен јазол, консултациите во секундарното здравство, биопсијата на лимфен јазол, како и апликацијата на биолошката и хемотерапијата треба да се одвиваат непречено, без одложување и доцнење. Во спротивно може да настане прогресија на заболувањето и притоа исходот од лекувањето да биде неповолен“, вели Пановска-Ставридис.
Со цел да се заштити оваа група пациенти која е под зголемен ризик од инфекција, развој на тешка болест и смртен исход, Универзитетската Клиника за хематологија од Скопје, препорачува да се спроведе целосна вакцинација за Ковид 19 на оваа група граѓани. Индивидуалната одлука за вакцинација се заснова на заедничка одлука помеѓу пациентот и ординирачкиот хематолог.