Да се победат причините за бегство
13 октомври 2016Германската канцеларка при своето патување во Мали и Нигер се обиде да испрати знак за тревога - и тоа со една едноставна реченица: „Мораме повеќе од досега да се грижиме за оваа држава, затоа што тоа е и во наш интерес“. Интересот е јасно дефиниран: треба да доаѓаат помалку мигранти.
Тоа што Меркел е првиот германски канцелар кој патува во Мали и Нигер говори многу за политичката незаинтересираност која Германија досега ја покажуваше кон двете најсиромашни земји во светот. Тоа сега треба да се промени – во секој случај, тоа е најавено. Уште еднаш. Бидејќи во претходните години не недостасуваше концепт за Африка. Но Африка никогаш не стана политички приоритет. Останува да видиме, колку долго овојпат ќе трае вниманието на канцеларката за Мали и Нигер. Бидејќи политичкиот наслов „Отстранување на причините за бегство" звучи добро. Но останува прашањето што точно се случува.
Каде запнуваат работите?
Да го земеме за пример Мали и помошта за развој: Германија и други земји, во последните години издвојуваат стотици милиони евра за помош за развој во оваа огромна земја. Со тие пари се подржуваат проекти за децентрализација, се школуваат локални и регионални политичари во Мали, како и луѓе кои работат во администрацијата. Но, на вистинска децентрализација и натаму се чека. Тоа е така затоа што централната влада во Мали не е подготвена власта – што секогаш во превод значи пари – да ја префрли на регионите и општините во земјата. Таа со задоволство и натаму би седела на изворите на пари кои меѓународната заедница продолжува да ги обезбедува. Но, така не се менува ништо во земјата во која многу различни региони се зависни од милоста на добро нахранетите политички елити во главниот град Бамаку.
Да го земеме и примерот на Нигер и соработката на полето на безбедноста. Европските полицајци и цариници на лице место ги обучуваат своите колеги од Нигерија. Целта е тие да научат како подобро да ги штитат границите на земјата, бидејќи преку Нигер годишно се криумчарат околу 120.000 мигранти во правец на Либија. Мигрантите се надеваат дека ќе стигнат до Европа – целта од нивните сништа. Полза од тоа има шверцерската мафија. Голем број од тамошните жители порано добро заработуваа од туризмот, благодарејќи на посетите на туристите на легендарниот пустински град Агадеж. Но, откако се влоши безбедносната ситуација, туризмот пропадна. Поради тоа, голем прој поранешни туристички водичи го променија својот бизнис-модел и сега заработуваат многу пари од мигрантите. И полицајците учествуваат во тоа: тие всушност инкасираат од затворањето на очите кога низ пустината Тенере во правец на Либија тргнува нов криумчарски транспортер. Тоа, всушност, значи дека криумчарите и корумпираните полицајци од страна на нигерските власти би морале консеквентно да бидат кривично гонети. Инаку тоа ќе продолжи да се одвива и понатаму. Така, луѓето во пустинскиот град Агадеж, мора да пронајдат атрактивна економска алтернатива, инаку нема да се откажат од својот мафијашки организиран бизнис со мигрантите. И двете точки, до сега, остануваат нерешени. И тука недостасува конкретен концепт.
Во најдобар случај – почеток
Во тој поглед, знакот за тревога, кој Ангела Меркел го испрати на своето патување во Мали и Нигер, најмногу од сѐ ќе биде само почеток. Потечот на ангажман кој може да биде успешен само ако овие држави на него работат консеквентно, повеќе децении. И ако се најде пат кој соработката ќе ја стави и под ефекивна контрола на квалитет. Доколку тоа не успее, тогаш убавиот наслов „Да се победат причините за бегство" ќе остане само наслов.