Да си ги признаеме нашите грешки
24 ноември 2020Верувам дека веќе им е смачено од докажување на бесмисленоста на блокадата за отпочнување на преговорите на Македонија со ЕУ на голем број јавни личности, научници и политичари во Македонија, во Бугарија во целиот регион и во Европа кои деновиве се огласија со свои анализи и коментари за штетноста на бугарското вето. Впечатокот е дека што повеќе аргументи и факти, толку полошо и поголеми тензии во односите меѓу двете земји. Влеговме во период кога вистината, правдата и правото се најмалку важни.
Останува горчливиот вкус на залудноста и на банализацијата на бројните издржани аргументи и факти, особено од бугарските интелектуалци и јавни личности кои ја осудуваат неразбирливата политика на својата влада и политички лидери. Граѓаните на Македонија лека полека почнуваат да ги разбираат механизмите на одлучување во ЕУ, иако се уште е голем бројот на тие што не можат да прифатат како тоа една Бугарија, Унгарија, Полска, Словенија, Кипар....или било која друга членка може да ги блокира одлуките за кои се залагаат западноевропските велесили, или таканаречана стара Европа. Блокиран е и буџетот на ЕУ во износ од стотици милијарди евра поради несогласувањето на Унгарија, Полска и Словенија. Се разбира, таа напнатост ќе трае додека не седнат заедно претседателите и премиерите на државите членки на ЕУ и да најдат компромис, како што обично бидува кога се во прашање ваквите разлики. Значи, нема удирање со тупаница на маса од позиција на сила, а и да има, тоа останува во смејството далеку од очите и ушите на јавноста, барем за извесно време.
Соочување со сопствените промашувања
Тоа не ги намалува секогаш примамливите теории на заговор, особено во нашиот случај, дека сето ова е смислено како да се обезличи Македонија. Возбудливи сценарија и прикаски секогаш гарнирани со политичка, партиска и популистичка пресметка на домашен терен за големите предавства и распродажба на македонските национални интереси и идентитетски посебности. За тоа најголем придонес даде бугарската влада со обидот да го одреди датумот кога настанала македонската нација, македонскиот јазик, заедничката историја со бугарски корени, досега непознат пример во светската современа историја.
-повеќе од авторот: Последиците од бугарското вето
Но, не е помал е учинокот и на домашната опозиција која во откривањето на предавници и непријатели и во ветото виде добра шанса да ја обвини владата за распродажба на националните интереси и за неисполнети ветувања.
Како и да е, имајќи ги предвид европските искуства во деликатни ситуации на крајот и за ова прашање ќе има компромис по европски урнек кога на маса ќе седнат тие што одлучуваат. Изгубеното време ќе оди на сметка на Македонија, како и секогаш откако траат блокадите во евроатланските интеграции. ЕУ нема да се откаже од универзалните прва на самопределување, на јазична и национална припадност, кои се извојувани со реки крв во големите револуции и војни на европско тло. Македонија со големи мачнини ќе ги почне преговорите со ЕУ и по десетина години ќе ги заврши со уште неколку блокади и вета во меѓувреме, многу веројатно, не само од Бугарија.
Она што значи отрезнување по бугарското очекувано, или неочекувано вето, за кого како, особено по договорот за добрососедство од 2017 и по признавање на независноста на Македонија, пред речиси три децении и по блокадата во Букурешт 2008 година и по Преспанскиот договор со Грција е појавата на се поголем број издржани анализи од компетентни домашни и надворешни автори за неопходноста од свртување кон самите себе си почнувајќи прво во соочување со сопствените грешки, од тоа кој е виновен за ова што ни се случува и како понатаму до целта. Тоа се клучните прашања чии точни одговори се вистинскиот патоказ кој треба да ги зајакне позициите на Македонија во изградба на просперитетно општество како најсилен аргумент за побрз влез во ЕУ.
Да видиме дали се работи за предавства и грешки со политиката на прифаќање компромиси со соседите, како што се обидуваат да наметнат во јавноста партиските пропагатори во битките за власт, или станува збор за други стратегиски промашувања кои имаат подлабоки корени.
Разликите од бановина до федерална и независна Македонија
Ако тргнеме од поблиската наша историја, за што има илјадници жртви и нивни поколенија, сведоштва и несоборливи документи за тоа што наследија победниците во Втората светска војна, односно оснoвачите на првата парламентарна држава Федерална Република Македонија и што потоа постигнаа до независноста на Република Македонија за 46 години, поточно од АСНОМ до осми септември 1991 година споредено со тоа што наследија од нив демократите и основачите на независна Македонија и што постигнаа до денес за 30 години многу полесно се откриваат и гледаат и успесите и грешките. Без тие оценки на успесите и грешките не е можно да се дојде до правилни сознанија зошто Македонија е држава која го изодува најтешкиот пат до членството во европското семејство во споредба со сите други земји.
-повеќе од авторот: Конкурс за влада на национален спас
Иако целиот овој период од 80 години од почетокот на НОБ преку АСНОМ до независна држава е влезен во меморијата не само на живите сведоци, современици и непосредни учесници, туку и на генерациите по нив, со документирани бројки и факти, како од опустошена и заостаната држава за само четири децении се постигна напредок за кој се потребни векови, сепак, последните години за голема жал и би рекол за несреќа тие епохални потфати како да заминаа во заборав. Македонија од Вардарска бановина и рурална полуфеудална земја на беспаќа, без основна инфраструктура, патишта, водоводи и канализации, со мал број образовани луѓе, земја на беда и сиромаштија, на неписменост се изгради во земја со невиден брз развој не само на економски, туку и на културен, образовен и општествен план. Се разбира и во тој период има грешки и промашувања, но неспоредливи се разликите со период на независна држава.
Во ерата на последните години од веќе потрошениот модел на југословенскиот социјализам нападнат од хегемонизмот на Србија и на национализмот, Македонија споредено со просекот на тогашните најразвиени држави на Европската заедница, без денешните источно европски држави, се доближи до 50 проценти од тогашниот западноевропски просек по сите економски параметри.
Независна и самостојна Македонија единствената југословенска република која на мирен начин се раздружи и го избегна крвопролевањето на распадот на Југославија беше заедно со Словенија оценета како единствените две држави кои ги исполнуваат сите услови за меѓународно признавање. Но, едно е меѓународното право, а друго меѓународната политика на интереси и сојузи. Од првиот ден на независноста почнуваат и големите тешкотии со кои се соочува Македонија. Во тие 30 години самостојност, Македонија не успеа да изгради респектибилна и просперитетна држава. Просекот на економските достигнувања во споредба со земјите на ЕУ, вклучувајки ги и новите посиромашни членки, падна на одвај 30 проценти.
-повеќе од авторот: Бугарија ја зајакна посебноста на Македонците
Парламентарната демократија, повеќепартискиот плурален општествено политички и економски систем, владеењето на правото се претворија во карикатурален поредок на партиска пресметка за освојување на власта, за процвет на криминалот и корупцијата, на деградација на она што значи демократско европско општество. Притоа од силниот наплив на примитивниот популизам и национализам кој се нарече лажно како патриотизам никогаш политичките елити не ја проценија вистинската сила на Македонија и во регионалните односи и на поширок план.
Губитничка авантура: да му држиме лекција на светот
Однесувајќи се како регионална и светска велесила влегнавме во губитничка авантура да му држиме лекција на светот за нашата славна античка историја. Од симпатиите и поддршката што ја имавме во светот како онеправдана држава со потрагата по нов антички идентитет, со маргинализацијата на нашиот најсилен адут словенското потекло и јазик се доведовме во тотален аутсајдер, до авторитарен режим и заробена држава, каде криминалот и корупцијата се озаконети. Таа ослабната позиција на меѓународен план на Македонија и изгубениот углед беа главната причина со леснотија да се блокираат евроатланските интеграции.
Со падот на режимот на Никола Груевски 2016 година и со промените до кои дојде и подготвеноста на компромиси во односите со Грција, Македонија за првпат влезе подлабоко во процесите на евроаталнските интеграции. По членството во НАТО, се отворија вратите и за преговори со ЕУ- двете најголеми стратегиски цели на државата. Француското „вето“ за одложување на преговорите со нови методологии за прошируваање на унијата предизвика оставка на премиерот Зоран Заев и предвремени парламентарни избори. Откако и тој застој, со елементи на политичка криза, се надмина стаса и бугарското вето со истите последици на одложување на преговорите со изгубено време на штета на Македонија. Досегашното искуство на блокади и од целиот овој 30 годишен период на транзиција јасно укажува дека решението е во свртување кон себе си.
Веќе ги знаеме сосптвените грешки и го знаеме излезот. Македонија треба да ги остварува реформите и да ги почне прво преговорите сама со себе. Ако не може да преговара со себе не ќе може со никој. Економската стаблизација на земјата и побрз развој на демократија и владеењето на правото, со примената на европските стандарди, ќе обезбеди и поголема финансиска поддршка од ЕУ и поголема достапност до европските фондови без оглед дали се почнати официјално преговорите со Европската Унија. Познати се европските поглавја, Македонија треба да ги отвори и да работи на нив, та почнале, та не почнале преговорите.